Едгар Алан По и џубоксот

/, Литература, Блесок бр. 53/Едгар Алан По и џубоксот

Едгар Алан По и џубоксот

(извадоци од критичките осврти)
Подготви и преведе на македонски: Магдалена Хорват

#1

Незавршените песни на Елизабет Бишоп во новата постхумна збирка „Едгар Алан По и џубоксот: Несобрани песни, скици и фрагменти“ приредена од Алис Квин (“Edgar Allan Poe & the Juke-Box: Uncollected Poems, Drafts and Fragments by Elizabeth Bishop” ed. Alice Quinn; Farrar, Straus & Giroux, 2006) неодамна разгореа дебата во литературните кругови – за некои критичари објавувањето на книгата фрла светло врз креативниот процес на Бишоп, а за други е предавство.

Дејвид Ор, Њујорк Тајмс

… Во втората половина на 20. век, ниеден американски уметник во кој било медиум не беше поголем од Бишоп (1911-79). Што твореше во една од најмалку популарните сфери, поезијата, не е важно. Што беше жена не е важно. Што беше лезбијка не е важно. Што беше алкохоличар, иселеник и практично сирак – ништо од тоа не е важно. Важно е што остави творечки опус што нè учи на еден, како што вели Итало Калвино за литературата воопшто, „метод толку суптилен и флексибилен што е еднаков на отсуство на каков било метод“. Објавувањето на „Едгар Алан По и џубоксот“, која за првпат ги собира необјавените материјали на Бишоп, не е само значаен настан во нашата поезија; тоа е дел од континуираното менување на опсегот на американскиот живот.
Само не очекувајте таа промена да биде најавена со фанфари. Во еден омаж на Бишоп, Џејмс Мерил славно го посочи нејзиното „доживотно имитирање обична жена“, а забелешката важи за нејзиното пишување исто колку и за однесувањето. Од почетокот, творештвото на Бишоп беше описно наместо наметливо, разговорно наместо реторичко и воздржано наместо исповедно. (Беше и тешко да се најде: за време на нејзиниот живот, беше објавила само деведесетина песни.) Ова е изненадувачко од две причини. Прво, нејзиниот приод е сосема различен од модусите омилени меѓу нејзините посамобендисани современици – Роберт Лоул, Џон Бериман – како и од себеразголувачките стилови што тие ги инспирираа. Второ, ако верувате дека уметноста е огледало на животот, воздржаноста е спротивното од тоа што би го очекувале од Бишоп, чија биографија содржи маки доволни за еден Свети Себастијан. Скратен список: татко ѝ умрел кога била бебе; мајка ѝ исчезнала во ментална болница кога Бишоп имала 5 години; нејзиниот дечко од факултетските денови извршил самоубиство кога одбила да се омажи за него и ѝ пратил проштална разгледница на која напишал: „Оди по ѓаволите, Елизабет“; и љубовта на нејзиниот живот, Лота де Маседо Соарес, со која живеела многу години во Бразил, смртоносно се предозирала во станот на Бишоп. Од писател со такво минато, би можеле да очекуваме објави како стиховите на Лоул: „Слушам како / мојата болна душа јачи во секоја крвна клетка“. Не очекуваме да ни каже „Фатив огромна риба“.
Оваа необична воздржаност предизвикува восхит кај многу критичари (Бишоп ја има добиено Пулицеровата награда, Националната книжевна награда и Националната награда на кругот на книжевни критичари), но објаснува и зошто толку често ја имаат опишувано со зборови како „тивка“, „шармантна“, „скрупулозна“ и, пред сè, „скромна“. Сите тие се совршено корисни придавки, но ниедна не му ја навестува на читателот стравичната природа на нејзиниот живот или (уште поважно) колосалната амбициозност на нејзините песни.

Меган Харлан, Сан Франциско Кроникл

Елизабет Бишоп, во едно интервју во 1978 (годината пред нејзината смрт на 68-годишна возраст), ја прашале, „Почнувате ли многу песни, за да довршите само мал број од нив?“ На тоа Бишоп одговорила, „Да. За жал, да. Почнувам многу нешта и потоа се откажувам од нив…“ Тврдењето на Бишоп може да делува изненадувачко, со оглед на огромната фундаментална јаснотија и имагинативна прецизност на нејзиното творештво, кое го симболизираат сега прочуените песни како „Во чекалницата“, „Прашања на патување“ и „Една уметност“.
Но Бишоп не преувеличувала. Иако објавила само 80 песни во книги и списанија во текот на нејзината петдецениска кариера (книгата „Собрани песни“ содржи 116), нејзините тетратки, дневници и писма – 3.500 страници зачувани во одделот за специјални колекции при колеџот Васар, каде што студирала Бишоп – откриваат заслепувачка залиха од напуштени стихови, било во облик на фрагменти, скици или довршени песни.
Токму овие документи Алис Квин, уредничката за поезија во Њујоркер и извршна директорка на Поетското друштво на Америка, ги има прочешлано за да ги собере овие 108 песни и 11 прозни дела или факсимили во оваа книга – „сите од нив“, како што вели Алис Квин, „текстови што од некоја причина таа избрала да не ги објави, но не ги уништила“.

Хелен Вендер, Њу Рипаблик

Книгава не требало да биде објавена со нејзиниот сегашен поднаслов „Несобрани песни, скици, и фрагменти“. Требало да се вика „Отфрлени песни“. Затоа што Елизабет Бишоп имала години и години да ги објави песните поместени тука, да сакала да ги објави. Останале необјавени (а не „несобрани“) затоа што, повеќето од нив, не ги достигаат нејзините перфекционистички норми (иако неколку, како довршената љубовна песна „Чудесно е да се будите заедно“, можеби биле необјавени од претпазливост). На студентите што се нестрпливи да ја купат „новата книга на Елизабет Бишоп“ треба да им се каже да одат и да ја купат старата, во која поетесата се претставува како што сака да ја знаат. Осумдесетината песни што оваа славна перфекционистка дозволи да бидат објавени во текот на нејзиниот живот се „Елизабет Бишоп“ како поет. Оваа книга не е.
Ќе има тврдења дека Бишоп ќе ги изгорела сиве овие парчиња хартија доколку не сакала да се објават. (Ми кажаа дека сега поетите, плашејќи се од некоја Алис Квин во нивната иднина, ги палат своите почетни верзии.) Но горењето на своите записи е болно, и Бишоп ги чувала своите хартии, како што секој од нас би можел да ги чува, бидејќи минатото ѝ било бесценето. Бишоп не очекуваше дека ќе умре кога умре, во 1979, на 68-годишна возраст; нејзината смрт беше ненадејна и непредвидена. (Дури и да оставеше упатство да не се објавуваат нејзините текстови, не ќе можеше да биде сигурна дека ќе ја послушаат: Макс Брод не ја послушал експлицитната наредба на Кафка да ги уништи неговите записи. Но некои поети биле послушани: Хопкинс побарал од неговите сестри да ги изгорат неговите духовни дневници, и тие го сториле тоа.) Да ја прашале Бишоп дали треба нејзините отфрлени песни, и некои скици и фрагменти, да се објават по нејзината смрт, ќе одговорела, верувам, со ужаснато „Не“.
(…) Ми се чини дека е предавство на Елизабет Бишоп како поет да се објават парчиња од архивата во списанија и журнали небаре се „вистински песни“, а не обиди кои поетесата ги задржала токму за да спречи вакви јавни појавувања.

2018-08-21T17:21:19+00:00 април 14th, 2007|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 53|