Дијаспорен номадизам

/, Литература, Блесок бр. 82/Дијаспорен номадизам

Дијаспорен номадизам

#1 Романот Аквамарин на Тања Урошевиќ (Скопје: Магор, 2004) е вистински пример од македонската литература кој поттикнува на размисла за суптилниот однос кон словенството и за комплексноста на „словенскиот свет“ во македонската културна средина. Тоа словенство се доживува како категорија која во себе обединува две спротивни тензии: од една страна тоа поттикнува/промовира блискост, сродност, но од друга, се доживува како „другост“. Сликата за словенството во македонската литература има амбивалентен карактер, од една страна , тоа е слика за нешто друго и до извесен степен туѓо, а од друга страна тоа е слика за себе, за својот исток (што значи” извор” на старословенски), за својот корен и за еден значаен, базичен слој на сопствениот идентитет. Од тие причини, сликата за словенството во македонската култура е една комплексна појава, која обединува слика кон надвор и кон внатре, кон другиот и кон себе, слика кон туѓото, но и кон сопственото истовремено. (Соња Стојменска-Елзесер, 2005: 193). Постоењето на големиот број студии како онаа на Марија Тодорова Замислувајќи го Балканот (Скопје: Магор, 2001), како и на Roland Inden (Imagining Indija. – Ohford and Cambridge: Blackwell, 1990) или на Thierry Hentsch (Imagining the Middle East. – Montreal and New York: Black rose, 1992) или на James G. Carrier (Occidentalism: Images of the West. – New York: Oxford University Press, 1995) поттикнуваат обиди на сличен начин да се проговори за комплексноста на „словенскиот свет“. Во тој правец мал прилог во македонската културна средина е книгата Споредбена славистика на Соња Стојменска-Елзесер. Имено, таа истакнува дека општата слика за словенството како да произлегува од сликата за рускиот народ во македонската литература и култура, a во тој контекст e и појавата на неколку книжевни остварувања исполнети со сликата на руските (а донекаде и на украинските) емигранти кај нас2F.
И тука се крие првичниот поттик да се пишува за него. Но, поттикот е и во фактот дека авторката на Аквамарин, која е големо име на афирмиран преведувач на светски познатите имиња од руската литература во македонската културна средина, сега со својот првенец се открива и како сериозен раскажувач. На животната авантура на рускиот емигрант, авторката ѝ обезбедува убедливост и веродостојност која во голема мера потекнува од нејзиното лично проживеано искуство. Впрочем, нејзиното потекло е руско. Така што, и преку нејзиниот силен ангажман на полето на преведувањето на руските големи книжевни имиња на македонски јазик, и преку нејзиниот сопствен израз, особено и преку нејзиниот избор на приказна, ја потврдува поврзаноста меѓу уметноста и миграцијата, патувањето, одалечувањето од секојдневието, проучена во теоријата и критиката како поетски номадизам.
Денешните теортичари на културата прават јасна дистинкција помеѓу два вида номадизам. Едниот, карактеристичен за оној свет кој е интелектуален, психолошки и во кој домот се избегнува како безвоздушен простор, легло на фрустрации и демотивирачки живот и сфатен како таков овој номадизам го фаворизира самото патување, кое ослободува, прочистува, но и кое ја фаворизира можноста да се одбегне одговорноста за сопствениот, но и за туѓиот живот, за животот на нашите блиски, нашите народ и земја. Другиот, е оној мигранскиот или дијаспорниот номадизам, диктиран од политички и економски причини, условен од неприфатливите услови на домашниот простор, но и од самиот дом или идејата за домот (Ѓурчинова, 2008: 231-237).
Романот на Тања Урошевиќ Аквамарин е една современа одисеја во која митот за Одисеј е искористен како интертекстуална подлошка за животната авантура на рускиот емигрант Борис Андре(ев)ич Кузнецки, допишана во приказната за неговиот син Андреја Борис(ов)ич Кузнецки и особено како интертекстуална подлошка за емиграцијата како животна определба, како терет и стил на живеење, како синдром кој ја засилува потребата за талкања по сопственото минато, по минатото на своите претци, ја дефинира и потенцира потрагата по сопствениот, или по идентитетот на својот татко. Романот започнува со божиќната бајка за убавата чорбаџиска ќерка Елена и господинот која го донесува нејзиниот татко во нивниот дом. Тој е Русин, од „белите“. Ние со него се сретнавме во Јанина и тој многу ми се најде во една зделка со Австријците и Грците; одлично ги знае јазиците. Баеги учен човек е, вели таткото на Елена (Т. Урошевиќ, 2004: 16). Тоа е таа епизода до која мора да дојде и самиот Андреја, зашто токму од неа започнува да тече приказната со која тој треба да се носи. Голема е заблудата, вели самата авторка во едно интервју дадено за весникот Нова Македонија (13.10 2004), ако веруваме дека во нашиот живот може нешто да се прецрта, да се поништи, да се заборави. Човекот во секој миг од својот живот ги содржи во себе и минатото и сегашноста и иднината. Токму затоа Андреја Кузнецки, иако неволно, мора да тргне во својата потрага по минатото, за да ја постигне својата целосност, за да се заокружи и да биде подготвен да ги прими новите премрежиња, кои очигледно му се закануваат.
Борис Андре(ев)ич Кузнецки несомнено е бегалец и како таков тој треба и мора да се носи/да живее со сознанието за изгубената целина во сопствената биографија. Тања Урошевиќ го гради својот лик како субалтерен субјект3F зашто присутноста на бунтовничката свест е онаа што го дефинира. Со субалтерна свест е и Андреја и тоа како мапирање на она што во постструктуралистчкиот јазик би се нарекло субалтерен субјект-ефект (субјект како последица) (Чакраворти Спивак, 2003: 65). Борис е емигрант, она што не е неговиот син Андреја, и како таков неминовно мора да го прифати егзилот како една од формите на дијаспорниот номадизам, диктиран од конкретни политички и економски причини на почетокот на минатиот век во Русија. Егзилот го прекинува и континуитетот на биографиите, на животниот пат, нагласува Кица Б. Колбе во својата (авто)биографска проза Егејци (Скопје: Култура, 1999). Егзилот, иако е голема цитатна книжевна тема (Угрешиќ, 2002: 114)4F, како состојба најсилно го чувтствуваат оние кои го имаат како дел од сопствената, но и од личната историја. А тагата преку имагинарните вообразби станува средство за самоспознавање, за осознавање на сопствениот идентитет, за прочистување на душата и во веќе спомената проза на Кица Б. Колбе, која и самата уште како дете се бори со слични чувства искусувајќи го бегалскиот егзодус како потомци на Егејците1F.
Егзилот нè приморува уште еднаш да се родиме. Тој отвора и една друга димензија во времето и просторот која понекогаш може да биде многу корисна за да се пронајде вистинската тежина на секоја работа. (…) Прогонството, кое секогаш доаѓа после некој пораз, не подразбира секогаш болни искуства (Zanini, 2002: 67), што не е случај со Борис Андре(ев)ич Кузнецки. На него треба да се гледа и како казна, но истовремено и како слобода и одговорност (Zanini, 2002: 68). Луѓето доколку не сакаат својот понатамошен живот да го преобразат во патологија на потиснувањето и присилниот заборав, не можат да живеат без паметење, без сеќавање. (…) Страдањето на конкретните луѓе, на бегалците, … не е фикција, ниту културна митологија. Тоа е незаобиколно сведоштво за нивната трајна траума … (Колбе, 1999: 12). Затоа инсистирањето на Тања Урошевиќ да ги доведе своите два лика до местото каде што траумата започнала. За Андреја тоа е неговата татковина Русија, а за Борис тоа е грчкиот остров Крф каде по извесно време неговиот татко по втор пат емигрира, но сега од Македонија. Во двата случаја се уништува сликата на домот, сликата на она што за едниот е дома, а за другиот туѓина и се прави обид истата таа слика на уништен дом да се поправи/обнови. Може ли и Андреја и Борис да се откажат од сонот за „дома“?
Андреја на Крф дознава за трите големи љубови на својот татко, Македонката, неговата мајка Еленица, Гркинката Навсика и Русија, својата родна земја. Борис со заминувањето и од Македонија и од Крф докажува дека неговата судбина е во постојаното скитање и постојаниот копнеж за враќање дома, макар и само да се умре таму и по цена да се биде прогласен за нацистички колоборационист и осуден во Сибир. И тоа е така зашто тој сиот живот талка во потрагата по она сигурно, цврсто, стабилно место, каде што, кога и да е, би го препознал својот белег на „дома“. Кога не го препознава тоа на Крф, решава да се врати во Русија. Сосотојбата на егзил подразбира бунтовничка растргнатост, но и покорност на слуга во процесот на стекнување нов дом. Единствениот начин што му преостанува на бегалецот за да ги надмине траумите на егзилот е воопшто да не ги надмине, да ги живее како трајна состојба, чекалницата да ја претвори во весела животна идеологија, шизофренијата на егзилот да ја живее како норма на нормалноста и да почитува само еден бог – Куферот, нагласува Дубравка Угрешиќ (според Георгиевска-Јаковлева, 2008: 87-88) . Со враќањето и на едниот и на другиот на местото на траумата, на местото кое го разорило/преполовило/растргнало нивниот идентитет може да настапи лековито заборавање, помирување, може да дојде до конечно стишување на страстите. Токму затоа, авторката им го овозможува таквото сознание, таквото спознавање. Копнежот по вистинското „дома“ кај Борис е заради чувството за привременоста на животот и во Македонија и на Крф. Впрочем, тој никогаш и не криел дека сака да си оди (Т. Урошевиќ, 2004: 201) … во својата татковина. Зашто, секој го сака тоа на крајот (Т. Урошевиќ, 2004: 202). Копнежот по вистинското „дома“ кај Андреја е заради стравот од копнежот по вистинското „дома“ на неговиот татко како е една длабока, тешка, оловна тага.
На бегалецот … на оној што потекнува од некој друг географски простор, од некоја друга земја … како што е случај со белогардецот Борис Андре(ев)ич Кузнецки, веднаш му станува сосема јасно, дека не само што просторно ја напуштил, имено се одалечил од својата околина по потекло, како што нагласува Колбе (1999: 23), туку уште повеќе го запрепастува болното сознание дека оттогаш па до крајот на својот живот како бегалец мора да ја носи сета своја одживеана приказна насекаде со себе. Тој мора да ја носи со себе. Таа него го легитимира, го одредува, но и го товари со тежина. Тој е како Сизиф со тешкиот камен натоварен со сета негова драгоценост и само нему видливото богатство од спомени (Колбе, 1999: 23). Туѓинецот или бегалецот не е никаков фрагмент, истакнува Колбе, иако тој во новата околина, речиси неминовно мора да заличи на фрагмент, на човек создаден од здробени делови (Колбе, 1999: 24). Иако бегалец, тој сепак не е без било каква одредба, тој не е празен збор. Тој не е претставник на една група луѓе, туку човек со сопствена животна содржина (Колбе, 1999: 30-31).
Значи, Борис напушта еден интимен, познат, смирувачки пристор и стапнува во простор исполнет со несигурност. Овој премин, ова поминување на границата, го менува и карактерот на личноста, вели Пјеро Занини, преку границата стануваме странци, емигранти, различни не само за другите, туку понекогаш и за самите себе. А враќањето во точката од која сме тргнале не значи дека секогаш ќе го најдеме сето она што сме го оставиле (Zanini, 2002: 21). Тоа чувство го носи Борис, но од тоа исто чувство сака да се ослободи Андреја. Свеста за потеклото е единствениот идентитет на Борис. Секој туѓинец е еден бегалец што избегал од својот минат живот, човек без корени, конечно човек без темел, несигурен, кој токму затоа, колку што е поголем неговиот очај, толку повеќе другите го посматраат како сомнителен. (…) Туѓинецот, бегалецот е еден од ретките кои не може да избега од сопственото минато, оти токму тоа е неговата единствена одредница (Колбе, 1999: 31-32). Споменот на детството што го гради Андреја неминовно значи и спомен на споменот на неговиот татко и на неговото потекло. Па така, сликата на скапоцениот модар камен – аквамаринот, преработен во раскошен прстен, чуван во семејството на Борис, а потоа и во семејството на Андреја како амајлија, го симболизира руското благородничко потекло не само на таткото, туку и на синот.
Значењето на домот или на она што се обидуваме да го дефинираме како „дома“, е непроценливо од психолошки аспект. Неможноста одреден простор да се доживува како „дома“ ги нарушува и психичкиот интегритет и идентитетот кај Борис, а преку Борис и кај Андреја. Поетиката на родниот крај има широко разгранети значења, нагласува Лорета Јаковлевска-Георгиева. Покрај тоа што се поврзува со историски реални места и класи луѓе коишто припаѓаат на одредена нација, просторот на родниот крај добива поливалентно семантичко значење во кое мотивот на страста кон татковината кој е недостижна се заменува со страст кон саканата како компензација (Јаковлевска-Георгиева, 2008: 85). Токму тоа сака да го постигне и Борис. Тој преку своите две големи љубови – Македонката и Гркинката ја лечи онаа најголемата – љубовта кон Русија, иако во малото детско главче тоа сосема поинаку изгледа: … мајка си Елена ја доживуваше секогаш како страдалничка, како невина жртва. Татко си – како тажен губитник, згора и виновник за многу нешта во нивниот живот. Но за љубов, страст меѓу нив, тој никогаш не помислувал (Т. Урошевиќ, 2004: 152, означеното е наше). Страста да се љуби земјата или жената Борис му ја пренесува и на својот син или пак овој ја добива како генетско наследство од својот татко, исто како и неговата невообичаена за овие простори светло руса коса и сините очи (Т. Урошевиќ, 2004: 36). Затоа и Тања Урошевиќ чувствата на Борис за тежнеење кон вдоменоста во татковината ги засилува со чувствата на Андреја на вдоменост во еротиката. Ова го истакнува и Бановиќ-Марковска кога вели дека таа се користи со извонредно, на моменти дури и смело љубовно писмо (2007: 134).
Романот Аквамарин на Тања Урошевиќ ја потврдува трајната преокупација на македонската култура со менталитетот на рускиот народ, кој како словенски на македонскиот читател колку што му е близок, толку му е и недоволно познат.

Литература:

Бановиќ-Марковска, Ангелина. „Светот со боја на аквамарин“ во Групен портрет. – Скопје: Магор, 2007.
Busek, Erhard. Otvorena kapija ka istoku. – Beograd: Clio, 2007.
Георгиевска-Јаковлева, Лорета. „Поетика на егзилот“ во Книжевноста и културната транзиција. – Скопје: Институт за македонска литература, 2008.
Ѓурчинова, Анастасија. „Поимот на границата во миграциската естетика“ во XXXIV Научна конференција нa XL Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура (зборник). – Скопје: Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, 2008, 231-237.
Zanini, Rjero. Značenja granice. – Beograd: Clio, 2002.
Колбе, Кица Б.. Егејци. – Скопје: Култура, 1999.
Њиши, Армандо. „Миграциите и литературата (сегашни и живо доба)“ во Идентитети. – Скопје: 2004, бр.1.
Стојменска-Елзесер, Соња. Спредбена славистика. – Скопје: Инситут за македонска литература, 2005.
Чакраворти Спивак, Гајатри. Постколонијална критика. – Скопје: Темплум, 2003.
Угрешиќ, Дубравка. Забрането читање. – Скопје: Сигмапрес, 2002.
Урошевиќ, Тања. Аквамарин. – Скопје: Магор, 2004.
Шелева, Елизабета. Дом/идентитет. – Скопје: Магор, 2005.

#b
1. Се работи за романите Жената на белогардеецот (2001) од Србо Ивановски, Забите на ветрот (2003) од Томе Арсовски и Аквамарин (2004) од Тања Урошевиќ. Може да се зборува за сликата на рускиот човек втопен во идеолошката замка на сталинизмот; потоа, за ликот на Русинот – белогардеец, емигрант, бегалец, благородник кој нашол закрила во Македонија, нагласува Стојменска-Елезесер. Види „Книжевни стереотипи (Рускиот емигрант во македонската проза)“ (2005: 199-210).
2. Поимот субалтерен означува неелитни или потчинети социјални групи, како што во времето на Октомвриската револуција биле белогардејците или приврзаниците на рускиот цар. Види Гајатри Чакраворти Спивак. „Субалтерни студии. Деконструирајќи ја историографијата“ во Постколонијална критика. – Скопје: Темплум, 2003, 45-101.
3. Христијанската историја на светот започнува со приказната за егзилот. Егзилот станува парабола за блудниот син, за предавството, прогонството и казната, мит за двојникот и замената на улоги, мит за Одисеј, приказна за Фауст и ѓаволот кој ја нуди можноста за друг живот, егзилот е бајка за исфрлањето од домот, потрагата по дом и враќањето дома (“Волшебникот од Оз”), егзилот е бајка за Иван Будалиот, парабола за растењето, романтична епопеја за индивидуалната побуна, егзилот е необично привлечен мит за метаморфозата – истакнува Угрешиќ, на што само би додале дека ако го прифатиме сето ова, тогаш несомнено популарната приказна за Силјан штркот е најпарадигматична приказна за егзилот.
4. Во 1948 година се случи раселување на македонското население по поразот на Граѓанската војна во Грција. Имено, станува збор за мрачната и безизлезна судбина на насилно иселен македонски етникум од Грција кој ниту може да се врати во матицата ниту знае каде би одел. Згора на сè, за време на оваа Граѓанска војна се случи нешто трагично за Македонците од Егејот, нешто што дотогаш е незабележано: од една земја се откорнати одеднаш од мајчините пазуви 28.000 деца на возраст од 2 до 14 години и однесени во туѓина.

2018-08-21T17:20:56+00:00 март 5th, 2012|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 82|