ДВЕ АВАНТУРИСТИЧКИ ПРИКАЗНИ ЗА ВРАЌАЊЕТО НА УКРАДЕНИТЕ ДЕЦА

/, Литература, Блесок бр. 118/ДВЕ АВАНТУРИСТИЧКИ ПРИКАЗНИ ЗА ВРАЌАЊЕТО НА УКРАДЕНИТЕ ДЕЦА

ДВЕ АВАНТУРИСТИЧКИ ПРИКАЗНИ ЗА ВРАЌАЊЕТО НА УКРАДЕНИТЕ ДЕЦА

ДОРА


Пет минути подоцна стигнува и тато со автомобил: црвен 101 и некој младич, шоферот. Во тишина тргнуваме. Јас молчам, Дора молчи, само тато возбудено му дава на младичот некакво апстрактно објаснување за ова наше нагло патување, што, убаво гледам, многу го вознемирува младичот чиј сомнителен поглед сè повеќе го фаќам во ретровизорот. Ништо не му е јасно и очигледно ништо не му се допаѓа. Дали навистина или не, никогаш нема да знам, ама по некои дваесетина километри неговиот автомобил почнува да поткашлува и потскокнува и на крај целосно застана. Кај Банатско Ново Село. Некако се враќаме до центарот на селото. Да, не ти кажав, одиме кон Романија, Темишвар, од каде мислев да полетам за Амстердам. Стигнуваме до селото, покиснати, тато вика нема друго туку да се вратиме. Во селото стигнуваме пред Домот на културата. Од звучникот се слуша Blue moon you saw me standing alone…, и тоа ми дава некаква нова сила, потполно уверена дека некако ќе продолжиме понатаму. Пред Домот на културата група луѓе. Ги прашувам дали има такси во селото, нема, ми кажуваат, но едно љубезно момче ми кажува дека баш сега оди кон Вршац кај тестот, и дека од Вршац таксистите возат до Темишвар без проблем. Влегуваме во неговото ауто, тато, Дора и јас, и така стигнуваме во Вршац. Нè остава на самата такси станица, не сака ниту денар за возењето – широка насмевка, ни посака среќен пат, ја бакна Дора. Приоѓам до првиот слободен таксист и со него тргаме кон Темишвар. Му кажувам на тато да се врати во Белград, но неговото лице е толку очајно што разбирам дека не можам туку така да го оставам тука. Одиме натаму сите тројца. Околу пладне ете нè во Темишвар. Триесет и три степени се. Прашина. Сè вжештено. Суви грла. Некој романски таксист ни објасни каде се наоѓа најблиската туристичка агенција. Таму дознавам дека од Темишвар веќе со месеци не лета ништо, дека аеродромот е затворен и дека може да одам до Букурешт или Арад, од каде оди Панонија експрес, возот за Будимпешта, од каде може да полетам за Амстердам. Се заблагодарувам и се враќам до колата да размислам. Таксистот од Вршац ми кажува дека во Романија доаѓа редовно, дека Чаушеску е мртов, но дека сè друго е живо, дека тука не треба баш многу да се врткаш ако не си турист во група или ако не познаваш некого од локалното население и дека тој, на мое место, би одел во Будимпешта, а не подлабоко во тоа лудило. И така решавам – правец во Пешта. Значи, прво до Арад. Но мојот вршанец ми кажува дека со оглед на тоа дека тој е сега таксист во туѓа земја, подобро е да земам романско такси за Арад. Мене тоа не ми се допаѓа, се плашам да бидеме без него, па тој ми наоѓа решение со романски колега таксист кој за 20 германски марки ќе оди пред нас, а ние по него. Најпрвин тргнуваме кон железничката станица во Темишвар, да купам карти за возот Арад – Будимпешта. Но таму дознав дека странците можат да купат карти само на едно место во градот, а не на станицата. Романското такси напред, ние по него. Еве нè на тоа место. Влегувам, мермерно предворје, мермерни столбови, шалтер на првиот спрат, во висина на мојот нос. Потскокнувам за да ја видам службеничката. Одговарам на низа прашања: која сум, со што се бавам, зошто сум во Романија, зошто одам во Унгарија. Картите ми ги испишува рачно, со саати, полека. Плаќам со марките, и ме фаќа нова врста на страв, параноја; се чувствувам несигурно, како да сум крива за нешто. Службеничката, ледена, без насмевка, на крај ми ги дава тие две карти. Тргнуваме за Арад. Преправки на патот, сè е полека, никој не смее да се побуни, многу полиција. Чудно. Единствената потпора е жолтата дачиа пред нас со романскиот таксист кој од време на време пријателски ќе ни мавне и ќе се насмее. Во Арад стигнуваме околу два саати пред тргнување на возот. Станицата е во центарот на градот, но таксистот кажува како нè водел по подолг пат.

ПреводКалина Б. Исаковска
ПреводЕлизабета Баковска
2018-10-30T09:48:15+00:00 март 27th, 2018|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 118|