Дваесет и првиот

Дваесет и првиот

– Ќе престанеш ли бе ти да вреѓаш! – бесно потстана Гордан од местото – На крајот, кој си па ти? Што ти си напраил у животот?…
– Сум се возел, бе! Пола сум се возел сам, пола ме извозиле други. Што сум напраил у животот? Едно дете. Што требеше поише? Тоа највише и ми вреди. Иначе, животот сум го промашил. А знаеш зашто?
– Ајде да ја чуеме и таа голема мисла… – ја сврте нестрпливо главата Гордан.
– Зарад’ таквите као татко ти – Кирил покажа кон него со двата прста од кои чадеше речиси до крај испушената цигара – Сум се занесуел, бе. Сме мислеле дека го спасуеме светот.
Кирил стана од клупата, го фрли догорчето на земја, ја извади капата и ја избриша испотената глава со шамиче што го извлече од џебот на панталоните и продолжи:
– Сме мислеле, за разлика од вас, највише на другите. Што ќутек сум јал зарад’ тој занос, што понижења сум искркал! Па што ако. Сеа коа ве гледам вакви, ни за тоа не ми е жал. Ја, бар, сум имал младос’. Ние сме имале идеја, што имате, бе, вие?
– Ако ме прашате, и јас мислам исто, младичу – се јави учителката – Тие идеи – како на… Господинот – до душа, никогаш не сум ги сакала. Комунизмот сум го презирала, но и јас сум како него, на исто…
– Па нормално, генерација сме!… Иако ми се чини дека ти си нешто постара – пакосно дофрли железничарот.
– … Сум го промашила ли, си велам понекогаш, јас животот? – продолжи да зборува жената – Имав маж, бог да го прости, но немавме деца. Порано мислев, ете немам свои деца, ама ги имам учениците. Ако не своите сопствени, ќе ги воспитувам тие деца, новите генерации. Тоа се наши деца, подмладокот на овој народ. Сега гледам какви генерации сме создале… И тие – рече учителката покажувајќи со главата кон Киро – и ние. А од каде? Не сме ги учеле ние на тоа да бидат груби и бездушни. Сме ги учеле на работни навики, на љубезен збор, на добро однесување…
– Е, еве ти на, да видиш што сте створиле – одново седна Киро на својата клупа, покажувајќи со глава кон младичот.
– Да, де! – рече Гордан обраќајќи им се на двајцата – вие убаво нè учевте и нè воспитувавте, само ние чурук испаднавме. Што нè учевте, бе? „Шана шие на машина“ и „Убавиот збор волшебни порти отвара“… Ни Шана шиела на машина него се тепала да биде директор на Основна организација на здружен труд, ни убавиот збор некогаш, овде, врати отварал. Овде, врата, или со врска или со нога се отвара. Шана била ќерка на партизан мобилизиран во четрс’чеврта, после и партиски функционер у втора генерација, а железните врати стоеле пред куќите, фабриките и дуќаните на предвоените газди. Сте ги смешале бајките, ма. Социјализмот на Шана со пештерата на Али-баба!…
Гордан стана и застана на блиската ограда свртен со грб кон нив и загледан некаде во далечината од каде никако не се појавуваше возот. Таа гледаше во него со вознемирен поглед, па сепак му одговори со мирен тон.
– Ништо јас не сум смешала. И нам ни одзедоа имот, а остатокот татко ми ѝ го даде на народната власт. Беше благороден човек, иако не беше политички идеалист. „Експропријација – експропријација“, велеше. „Ако така било пишано, поарно нека оди за народот.“ Во тоа време беше полесно да се откажеш од имот. Тогаш искрено мислевме дека власта ќе биде народна.
– И беше, да не не беше? – се побунтува железничарот.
– Излезе дека истите два пати експроприраа. Еднаш нашите имоти, проповедајќи социјализам за сите, втор пат социјалистичките фабрики, продавајќи ни капитализам, за себе.
– Па што се лажете тогаш? – ја праша Гордан.
– Мислев дека е тоа друга приказна – одговори учителката – Не само јас. Сите мои колеги. Се нарекувавме просветари. Мислевме дека описменуваме и воспитуваме, дека внесуваме светлина во мракот што со векови се к’тел во оваа земја. Мислевме дека учиме деца, како да станат луѓе, како да ја сакаат оваа земја, можеби мала, скромна, ама наша. Мислите дека грешевме?
– Апсолутно! – викна железничарот и пак стана од место, а таа изненадено го погледна со собрани веѓи, при што Киро пак си седна на местото – Мислам – апсолутно сте у право… Другарке.
– Оваа земја можеше да биде ѓул-бавча, да стане една плодна овошна градина!… – рече учителката.
Гордан се сврте кон неа, ја погледна право в очи и почна тивко да декламира.
– Плодови од овошната градина: ресенско јаболко, делишес и златен делишес, крушки караманки, цреши охридски… – набројуваше тој.
Преокупирана со своето кажување, не го слушна и продолжи да заборува:
– … Од кај изникнаа олку арамии на сред бел ден, од кај ли се појавија олку властољупци, примитивци, си велам понекогаш… – продолжи да зборува учителката, како да не го слуша, додека Киро подгледнуваше зачудено, ту во неа ту во него.
Но, ни Гордан не прекинуваше иронично да го декламира својот имагинарен урок.
– …смокви од Гевгелија, сливи малешевки, боровинки од Шар Планина, шипинки од Шипковица…
Таа стана од клупата не престанувајќи да зборува.
– … Ги учевме на правилен говор. На чесно однесување. На патриотски вредности. Кој ли ги сврте кон парата, кон рушветот, од кого се заразија со себичност? Кога толку им се снемили земјичкава? Како од крадењето си направија татковина, а од власта домашно двориште…?
Гордан го зајакна темпото и гласот за да ја покрие со својата иронична игра.
– Калинки од Валандово, актинидии од домашно производство, банани од увоз…
– Последен пат прочитале книга со училишната лектира. Книга не читаат, а за лажни книговодства се експерти. Имаат полни џебови, а внатре се празни. Вили градат, која од која поголеми, а кого и што во нив ќе населат, празнината ли?
– Грозје кавадаречко, лоза демиркаписка, мастика струмичка, ракија неготинска, ж’та…
– Не знаат што е убаво, само знаат колку чини. Човекот со знаење не го проценуваат, туку по цената тој час што му ја даваат. Имаш – чиниш, немаш – за нигде си. Вредноста, викаат, на берза се мерела, а човечките мерки ги изгубија.
– … скопски мушмули, бела дудинка од Куманово, карадутки од Карадак…

2018-08-21T17:20:59+00:00 декември 21st, 2010|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 75|