Да се живее за да се рaскажува

/, Литература, Блесок бр. 110/Да се живее за да се рaскажува

Да се живее за да се рaскажува

Да се живее за да се раскажува


„Да се сеќаваш, тоа значи да реконструираш како во раскажувањето … Сеќавањата се како книжевните дела, се создаваат во самиот миг на присетувањето, се конструираат во психодинамичниот конфликт на исполнување на желбите и на себезалажувањето“, ќе забележи Фил Молон, во студијата Фројд и синдромот на лажното сеќавање.3F Токму спрегата помеѓу сеќавањето и (рас)кажувањето, којашто сугерира дека сеќавањата се структурирани според првилата на градење на приказната, ја индицира мнемотехничката димензија на раскажувањето, но и на (за)пишувањето што се демонстрира и во приказната на Алма Малер како лик во романот, но и во приказната за Алма Малер, раскажана/запишана од страна на романсиерот Димоски. Во тој пресек се илустрира чинот на наративна реанимација на личното сеќавање, кое се проектира и како едно универзално и меморабилно искуство. Ако мнемоничките функции не се сведуваат единствено на складирање и на репродуцирање на информациите, тогаш и сеќавањето не е само пасивна рефлексија на минатото, туку негова значенска и активна реконструкција. Следствено, сеќавањето не е редуцирано на референции кон емпирискиот материјал, содржан во биографската хронологија, па, оттаму, и сеќавањата на Алма ја евоцираат доживувачката димензија на минатото,4F исто како што и романот на Димоски, воопшто, не е романсирана биографија за една историска фигура, туку, првенствено, романескна, реинтерпретативна визура на вонвременските димензии на личната драма. Дополнително, сеќавањата реферираат на минатото, но чинот на сеќавање се случува во сегашноста, што ја подразбира релевнатноста не само на она на кое се сеќаваме (содржината), туку и на причините и на контекстите коишто го иницираат сеќавањето, што ја потврдува неминовната (ре)интерпретативна спрега меѓу минатото и сегашноста. „Создавам сеќавања кои ќе ги носам секаде со себе … Ништо не останува по луѓето, Густав. Остануваат само други луѓе кои ги трошат своите денови сеќавајќи се на нив“ (Димоски 2014, 15,22). Затоа, сеќавањето, реконструирано во/преку приказната, е единствената компензација на отсуството – на минатото, на другиот. Затоа, резонира Алма, „луѓето раскажуваат: колку некои следни генерации да се сеќаваат на нечии соништа и ѕвезди, на нечии болки и радости и така да учат“ (Димоски 2014, 36). Врз тој фон, станува разбирлив романескниот и романсиерскиот интерес за една историска фигура, достапна за нас единствено преку текстуалните траги и остатоци, кои потоа се подложуваат на интерпретативни трансконтекстуализации. И токму романот Алма Малер ја осведочува конверзијата на читателското сеќавање на Димоски во авторска, романсиерска реинтерпретација и реконтекстуализација на една историска личност и на една персонална драма. Всушност, сеќавањето, кое се тематизира и се демонстрира во романот, на повисоко рамниште, се илустрира и преку романот и неговиот автор. Тоа, во поширока смисла, потврдува дека книжевноста, навистина, е мнемоничка уметност par excellence, како што романот, сè уште, е привелигирано писмо-сеќавање, или „сеќавање за сеќавањето“, како што би рекол Андреј Бели (според кого и романсиерот е „збирен цитат“), кое овозможува сето она што е веќе раскажано, повторно, да стекне наративен легитимитет. Впрочем, во таа насока треба да се сфати и објаснувањето на самиот автор Димоски, во кусиот поговор на романот: „Приказните постојат заради раскажувањето, а раскажувањето не е ништо друго освен препишување на минатото во вечно сегашно време … И токму во колизијата меѓу животот и уметноста приказната станува вредна за прераскажување“ (2014, 125). Narro, ergo sum.

#b
1. Цитатите се наведуваат според изданието Сашо Димоски. Алма Малер, Скопје: Култура, 2014.
2. Тематските и наративните аспекти на романот извонредно успешно се дополнети и збогатени со јазично – стилските одлики. Романот доследно артикулира интензивно поетизиран, лиризиран, емфатичен исказ, присутен и во интонациско – интерпункциските шеми (за илустрација емотивните амплитуди сугерирани во репликата „Густав?Густав?Густав!?Густав!Густав!!“) (Димоски 2014, 21), како и во стилематската синтакса, чијашто доминанта се елиптичните конструкции.
3. Mollon, Phil. 2001. Freud I sindrom lažnog sijećanja. Zagreb: Naklada Jesenski I Turk.
4. Според признанието на Алма Малер, втемелено врз нејзиното искуство, „имињата не значат ништо. Важни се само доживувањата. Постоеја безброј градови. Безброј лица. Фигури, начини, мигови“ (Димоски 2014, 57). Индикативно е што во македонскиот јазик ова единство меѓу сеќавањето/меморијата и чувствувањето/доживувањето е сугерирано и во двојното значење на глаголот сеќава: повратната форма на глаголот се сеќава, во смисла на паметење на нешто кое било и сеќава (неповратната форма на глаголот), во смисла на чувствување, на сетилно восприемање и доживување на одредени дразби. Токму тоа двојство е сугерирано и во признанието на Алма дека во нејзиното сеќавање на минатото „важни се само доживувањата“.

2018-12-13T12:14:02+00:00 ноември 10th, 2016|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 110|