Дарја Коцјанчич: Резервирано за пилоти

/, Литература, Блесок бр. 51/Дарја Коцјанчич: Резервирано за пилоти

Дарја Коцјанчич: Резервирано за пилоти

Дарја Коцјанчич е една од најдобрите словенечки поетеси на хаику поезија. Со сензибилитетот што го поседуваат нејзините песни ги зафаќа (речиси) сите области од нејзиниот живот: социјалните односи, односот кон природата, околината, нејзиното опкружување и пред сè кон самата себе – самосвеста. Иако обично не ја почитува класичната форма 5/7/5 слога, нејзиниот хаику има прилично класични елементи:

хумор
што понекогаш прераснува во (само)иронија

вечер во пивницата:
ти и јас
и еднодневната мува

чекори пред вратата –
бегалецот дава што има:
беззаба насмевка

чувство на самотија
(јапонско саби)

романса на платното –
седиштето до мене
останува празно

ветар во пукнатините на џамот
цигара со вкус
на самотија

средба, раз-граничување на два света
: во своите хаикуа мајсторски ги опфаќа миговите на средби на два (навидум одвоени, различни) света: внатрешниот и надворешниот или духовниот и материјалниот; реалниот и фиктивниот или уметничкиот; субјективниот и објективниот…

разгледница од море:
врз расклатената маса
се истура кафе

продавница на часовници:
секој купувач го покажува
своето време

Да се видиш и да се доживееш себеси и настаните во светот истовремено како ЕДНО и како поединечна појава истовремено е и точка на самосвест и точка на творештво и на создавање; тоа е роден крај на хаикуто и на уметноста како таква. Во оваа „точка“ авторката се чувствува на свое и суверено, затоа од нејзината поезија провејува топлина и оригиналност.

На меѓународните конкурси за хаику поезија што ги распишува Апокалипса досега освоила две награди. Во 1999 го. наградата ја освои за следниот хаику:

на брегот / јато галеби / и разврескани девојчиња

а во 2001 год. за следниот хаику:

дремка во автомобилот / зад ветробранското стакло / рој ѕвезди

Во последните години на конкурсот учествува како членка на жирито.
Освен со хаику се занимава и со цртање на хаиги, цртежи кои „го дополнуваат“ хаикуто.
„Резервирано за пилоти“ е нејзина прва книга хаику. На Интернет ја објавила (двојазично) збирката „Деца на оргазмот“

Крањ, 5.7.2004

АвторЕдин Сарачевиќ
2018-08-21T17:21:22+00:00 ноември 27th, 2006|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 51|