Далечински управувач

/, Литература, Блесок бр. 66/Далечински управувач

Далечински управувач

– Те гребнав? Сори. Ќе запалиме цигара? Моеш ли ти до кај нив? Како тоа мислиш, дали сум се снашла. Како не би се снашла. Најважно е да се биде нормален со нив. И да не даеш да те изненадат.
Пред некој ден, доаѓам ја у школо – уште неразбудена и во од го сонувам кафето шо ќе го пијам, а тие веќе се кршат. И тоа крвнички. Од кај им толку енергија, помислив пробивајќи се низ навивачите околу нив. Моеш да ме замислиш мене волкава како разделувам двајца нафурани шестнаесгодишници кои се шибаат додека другиве викаат и ги палат. Улетувам ја меѓу нив, ама не реагираат. Престанаа дури кога еден удар ме закачи и мене. Дури тогаш сконтаа која сум и што сум. Се здрвија. Смрзнаа. Ја стојам, божем, помеѓу, а тие со главите доле – и плачат. И помалиот и поголемиот. Само да ги видеше. Двајцата плачат ко дожд. Онака збувнати, распашани и бушави. На повисокиот од носот му тече крв врз новите светлосини патики. За тоа ми беше најжал, којзнае, може мајка му баш сабајлето му ги купила.
– Сакаш кога вака со прстите ти поминувам по грбот?
Ништо, значи, од моето утринско кафе, него ги распакувам стварите, го земам дневникот и на час. Влегувам во училницата, сите стануваат, ме поздравуваат и… штама.
А коа првпат влегов на час, ко да не влегов. Тие си тераат муабети, се клештат и се дерат. Уште коа им реков дека цела година ќе им останам на замена, дури тогаш полудеа. Доаѓаат до мене, се претставуваат – тоа ти беа цели перформанси. Мислев ќе ми биде тешко да предавам во машки клас, смер оџачар, ама не. Иам ја метод.
Добро, викам, гледам дека сте многу комуникативни па нема да имаме проблеми. Прво ќе повториме што сте научиле до сега. Секој ќе има можност да се искаже. За оценка. Малку мрчеа на почеток, ама да видиш како се издишаа. Јас со ноктите куцкам по масата, само тоа се слушаше. И листање на хартии. Никој не дига глава, сите ко божем задлабочени повторуваат.
Така и сеа. Ја, ко нишо да не било: ќе ги отвориме читанките на таа и таа страна. Денеска ќе ја интерпретираме (веќе на интерпретираме се стресуваат) песната насловена Ноќва би можел да ги напишам најтажните стихови, на чилеанскиот поет, добитник на Нобеловата награда за книжевност 1971 година, со вистинско име Нефтали Рикардо Рејес Босоалто, кој пишувал под псевдоним, знаеме ли што е тоа псевдоним, Пабло Неруда. Песната која ја имате пред себе е од неговата збирка Дваесет љубовни песни и една очајна. Ја напишал на дваесет години па, верувам, нема да имате потешкотии со разбирањето. Најпрвин, значи, ќе ја прочитате секој за себе, а за да го подобриме и вашето усно изразување, што исто така е една од функционалните задачи на овој предмет, секој песната интерпретативно, соживеано, на глас ќе ја прочита. Секако, песната подоцна и ќе ја продискутираме, ќе ги одредиме тематиката и мотивите, ќе ги откриеме стилските изразни средства кои поетот ги употребил, а дома, зависно за што ќе се определите, ќе истражите и ќе запишете што е псевдоним и ќе пронајдете кој бил Јан Неруда, или ќе напишете песна или состав со љубовна тематика. Повелете. Прочитајте во себе, а потоа ќе почнеме и со читање на глас. Па да ве видам, мамини синови, си мислам.
– Еј, пепелот ќе ми падне. Дај дофати ја пепељарата, плиз. Полека, не мрдај премногу да не испопаѓа уште…
И вистина, сите читаат: ноќва можам да ги напишам најтажните стихови да напишам на пример ноќта е полна ѕвезди… , и оние двајца шо се тепаа, тие заедно и седат: истата ноќ го облекува во белина истите стебла ние самите оние од некогаш не сме веќе исти…
Дури ѕвоното ги прекина во занесот. Ги прашувам што било. Ко на тоа да чекале, одма почнаа да ми се извинуваат, дека никогаш нема повеќе, да не ги праќам кај директорот и, упаѓајќи си еден на друг во збор, ми раскажаа:
– Како Јурица (оној помалиот) станал надркан…
– А таков е стално откако Кристина го откачила…
– И уше стариот нешо му серел…
– А Игор, за добро утро, го удрил со рака по грбот.
– Па Јурица му рекол: Шо ти е, курвин сине и внуче, и сите жени во фамилија ти се курви, мислиш дека ако имаш сто кила моеш да ме дупиш!
– И скокнал за на Игор да му удри глава у нос…
– Ама овој ја наведнал главата…
– Така што се акнале со челата…
– Од шо Јурица паднал…
– Ама одма се дигнал и со рака му дал на Игор по пичка…
– Кој и него неколку пати го дртнал по тиквата…
– И у ребра…
– И у уво… Кај у уво најде, маме ти ебам!!!
– И тогаш ја дојдов…
– Ама мене не…
– Ама чесен збор, жими мајка…
– Ама стварно не сакале…
Уште и да сте сакале, си мислам.
Ај штрафта, им викам, што имате следен час? Веронаука? Е, шибајте на веронаука, и до крајот на годината да не чујам за вас, а камоли да ве затечам ко што ве затеков сабајлево.
А пази ова. Денеска Јуре ме чека пред кабинет. Да го пуштам на доктор. Го боли ногата. Ама стварно. И ја дига ногавицата: глуждот му натекол ко ќутук, а листот цел модар, ко згмечен. Го пуштам во кабинетот да седне. Ме моли ништо да не и’ кажувам на старата, која денеска ќе дојде во школо. И не морав да го прашам како тоа му се случило.
Синоќа малку заакал. Старата му се вратила од Германија па морал прво сè да среди. Имал две зољи под креветот. Тоа е од еден постар френд на кој џандари му упаднале дома. Ама тие сè пренесле кај Јурица. Тие зољите и тревата. Стариот стално му вози, старата е преку, па кој ќе најде. Е, ама сега старата се враќа. А кога ќе се врати, недела дена ја средува куќата. Ѝ пратил порака на Кристина, пак сум, знаете, со нејзе, и на Игор да дојдат кај него тоа да го решат. Со него дошол и Црногорецот, и донел туба вино. Малку пиеле кај него, испушиле пар џоинти, а после, пред старата да се појави, ги зеле зољите некаде да ги скријат, седнале на дедовиот трактор и отишле до насипот. Супер, била топла вечер па седнале кај реката. Малку цуцале, свиткале што им останало, така, малку се зезале низ природа. Мислеле зољите да ги фрлат у река, ама јоктур – што ако некој ги улови? Подобро они нив да ги спукаат. Така никој нема да ги најде. Ги расклопуваат, а таму упатство на кирилица. И сега, што?
Среќа Црногорецот бил тука, он кирилица дома учел, тоа да им го прочита и да им преведе. Добро, сега можат да ги спукаат, ама не у насипот… Шо ако не експлодира? Мораат да погодат нешто тврдо. Седнуваат пак на тракторот и одат до бетонската брана, е, неа ќе ја гаѓаат. Се симнуваат низ насипот, Игор ја зема зољата, нанишанува, сè по упатствата (глеј ги, ја не сум ни чула за зоља, а нив тоа им е ко далечински управувач, само земаат у раце и се заебаваат со тоа, по упатствата и без нив), пука, ама ова ја прелетува браната и насипот и експлодира некаде во шумата. Ништо, ја зема Јурица другата, нишани. Таа одлета на чистина, на некоја ливада. Го поминуваат они оној одводен канал да видат каде експлодирала. Веќе скроз се стемнило и некој во куќата, и не знаеле дека таму има куќи, на некои двеста триста метри лево од нив, ги запалил светлата. Тогаш ги пукнала, вика, параноја, па брзо на тракторот и штрафта. Се возеле по насипот саат време, ако некој викнал џандари. Баш пред да свртат на патот, Јуре тргнал да заобиколува некој дупки и тракторот се превртел. Сите попаѓале, само на него му ја фатил ногата. Ништо страшно, и не го боли многу, ама изгледа занигде, па доктор да го види.
– Како тоа мислиш, зошто баш мене сè ми кажуваат? Па ја сум им ко мама. Ма ги контам и подобро од нивните мајки. Ај, гаси цигарата, па идеме на туширање. Да, да, моеш да бидеш и љубоморен – понекогаш и ми се пуштаат.

Превод од хрватски: И. Исаковски

2018-08-21T17:21:05+00:00 јуни 25th, 2009|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 66|