Голем и важен роман на белградскиот писател

/, Литература, Блесок бр. 90/Голем и важен роман на белградскиот писател

Голем и важен роман на белградскиот писател

#1Случајот на деветтиот роман на Драган Великиќ (1953) „Бонавиа“ е доказ дека големите книги не настануваат случајно, како плод на нечија добра волја или маркетиншка способност, туку само со упорност и макотрпна работа.

Великиќ уште после првиот роман „Виа Пула“ (1988) фигурира како талентиран писател, но дури сега, после осум романи, три книги раскази и пет книги есеи, односно дваесет и пет години активно пишување, напиша навистина важна книга, во архаична смисла: „Бонавиа“ небаре допатувала од времето кога книжевноста сè уште не беше само евтина потрошна роба и кога книгите навистина се читаа, кога дружењето со книгите траеше со денови и години, зашто суштински ни беше важно сè што пишуваше во тие книги.

Романот „Бонавиа“ е типично великиќевска комбинација од семејна хроника, љубовен роман и патеписни опсесии. Очекувано е населен со апатриди, гастарбајтери, ликови отфрлени и неприлагодени, одамна на трасите на животните скршнувања и бродоломи. Така, низ „Бонавиа“ дефилираат татковци, мајки, синови и љубовници, кои, одамна изместени од своите животи, им се предале на сомнителните услуги на хотелиерството и меѓународната шпедиција, главно на трасата Белград – Будимпешта – Виена, и поретко по медитеранската трансверзала Риека – Дубровник.

Колку годе на прв поглед да се чинат препознатливи и дури типични, главните јунаци на „Бонавиа“, Марија, Кристина, Марко, Милијан, се единствени и автентични во своите драми и страсти, искуства и егзистенции. „Секој мал, ебен живот вреди да се живее, ако е твој“, пишува Великиќ и таа реченица би можела да биде мото на „Бонавиа“. Зашто Великиќ е голем хроничар на големината на Анонимноста, неговите Марко и Марија или Кристина не се никакви херои, тие им се толку слични на читателите кои прецизно се нурнуваат во сопствената приказна и биографија, во која на крајот од романот им се придружува и самиот писател во величествен автобиографски стриптиз.

Иако во овој роман не отстапил од својата поодамна формирана поетика, Великиќ како во „Бонавиа“ да оставил сè да тече по својот тек. Така во „Бонавиа“ приказната како да се развила самата од себе, допуштајќи им на своите ликови да израснат до епохални размери. Великиќ инсистира на тоа дека судбините на овие ликови се вредни за раскажување, колку годе да се тешки и безизгледни. Овој роман е истовремено драма на секојдневното и универзалното, ослободена од теророт на Општото и Предвидливото, многу попрво романескна истрага отколку стандарден роман, дури биографско-емоционален експеримент кој допловил до архивата на ненапишаното, каде Великиќ наоѓа многу важни и сè уште нераскажани нешта.

„Бонавиа“ е извонреден роман, сиот исплетен од некоја литературна сензибилност, елеганција и финост, толку блескаво атмосферичен, инспиративно испишан, елегантен и страстен, проткаен со некоја неуловлива мисловност. Тука секако не се работи само за искуство и наталожена писателска вештина, зашто така „Бонавиа“ би можела да биде само уште еден рутински роман за присилните или своеволните емиграции, кои од 1991 до денес не престануваат да ги опседнуваат писателите во регионот. Великиќ во „Бонавиа“ ги ослободил големите книжевно-емоционални потенција на регионалното, а го исклучил сето провинцијално, и затоа за овој роман уште многу ќе се пишува и зборува и, секако, тој одново ќе се чита.

Превод: И. Исаковски

Објавено во „Јутарњи лист“

АвторНенад Ризвановиќ
2018-08-21T17:20:49+00:00 јуни 30th, 2013|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 90|