ГНЕЗДО

ГНЕЗДО


„Многу ви украдоа од дома?“
„Малку. Скоро сè што вредеше и што ни значеше нешто. Голтари сме.“ Ме фати некој срам. „Ама ти си поголтар, брат.“
„Не е битно. Знам колку боли. Твое си е. Твое гнездо. Никош не сум крадел, часна реч. Извини. Ако ми веруеш колку ми е срам. И ја имам куќа. Од децана дома ми е срам појше одошто од тебе. “
И пушевме така и муабетевме за тоа колку тешко време дошло, па молчевме, па кој колку деца имал и дали сакал да има уште, па колку е скап бензинот, па колку шишиња се собирале од контејнери, кој колку влага имал на ѕидот дома, дека сега ќе си одел дома кај неговите, дека јас треба да одам да го земам малиот од училиште, и така натаму едно три цигари време.
А тогаш му се тргнав, влегов во колата и препаркирав. Го истурка моторчето во полукруг и нагази на курблата.
„Ќе те памтам“, ми рече кога излегов, скоро нечујно низ двотактниот урлеж на Томосот.
„И ја тебе“ безгласно ги мрднав усните.
Веќе беше дојдено време да го земам малиот. Блиску е. Додека одев пеш, си ги гледав чекорите и чевлите и си мислев дали излегов будала. Малаксан бев како да сум се тепал, се прашував дали сум згрешил, разглобував што сум му рекол и што требало да му кажам на оној, што сум направил, а што можеби требало да направам. Од пушачкион разговор мислите ми скитнаа накај работа, на тоа колку му доцнам на еден тип. Ме стегна друга трема. Влегов во училницата. Во училницана децана ја креваа вревата до над таван. Одвај ја ислушав учителката дека син ми пак ништо не пишувал на час по Природа, дека само зјапал. Ми се стемни. Он ме гледаше од долу, со оној виновен поглед од ученички зорт. Зовривав. Вчера се расправавме за пишувањето, дека мора да внимава, дека мора да слуша на час. Излеговме од училницана, го држев за рака и одев пред него, а тој се влечеше зад мене и ме слушаше додека му попував надолу по скалите, ме слушаше колку сум разочаран и лут што не внимавал, баш кога излегувавме во училишниот двор бев најлут што пак терал по старо, и покрај милијардате ветувања дека ќе учи, сè посилно му ја стегав раката и сè побргу одев, а тој трчкаше по мене и го прашував како тоа другите деца напишале, само он не пишувал на час, и го прашав што тоа учеле по Природа.
„За жива и нежива природа“, вели. „Наставничката диктираше“.

АвторОгнен Чемерски
2018-10-30T11:26:25+00:00 октомври 21st, 2017|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 116|