ГНЕЗДО

ГНЕЗДО


И си извади од куферчено едно стапче со памук и си собра крв, па го затвори во една епруветка. И фати да ја мрда меката четкичка како да соли со прстите, а она му заигра меѓу нив ко полугола тахиќанка. Ко шминкерка некоја беше вешт. Онаква грамада да прави такви отмени, нежни движења – чудо едно.

„Брат, немој и ти да ми ги гледаш тие, жити мене! Гледам од дипломана – крени си ја, изгазена ти е – си учел школо. Немој, жити мене. Одиме пред некое време кај една жена ко мајка ми – вака, со колегава, на увид ко кај тебе – и ене ти ја трча по мене со пинцета и се дере ’Влакно! Еве влакно! Готов е!’ Немој, брат, жити мене, ќе нè скинат тие Си-ес-ај!“
Решив да не се мешам веќе. Камен бев за крим-техника, се виде. Жена ми се покажа попрониклива. Неа ја ислушаа. Вели двајца биле, машко и женско. Надвор под прозорецот најдовме пластични шишиња, очигледно баталената контејнерска жетва на крадецот, а во спалната меѓу испретурените алишта најдовме капа за бејзбол со едни пораб и обод мрсни од пот и кир, да ти се згади, но најзанимливото откритие беше во бањата. Маж ќе ти украде недотрошени парфеми, можеби, но тешко дека ќе ти украде и такви начнати и истрошени кармини, лакови за нокти, пудри, маскари, тушеви… Тоа може само на крадливка да ѝ се види битно. Јас не сум ви баш на чисто што е што во шминкиве. Не верувам ни дека знаеја и инспекторине. Тука се крадело и за продавање и за себе.

Се сврши увидот. Раскревавме подлипнати, пцуевме, пекавме, ставивме сè да се пере. И сонот ни беше украден.

Утредента отидов под Кале и го разгледував кршот таму. Беда и лом. Таму се собрало сè што и во подрумите е фира. Онаму сите изгледаа како некој да им украл нешто. Ништо.
И секој ден, со месеци, сите тројца излегувавме со страв и секој ден ми идеше она мачно чувство, беспомошноста, а малиот често ќе речеше „А ако пак ни влегол крадец?“ На малиот по неколку месеци му го украдоа и точачето од тераса. Очај и плач. И ќе ме заплиснеше гнев и секој ден замислував дека го фаќам крадецот и дека го тепам, го газам, па ќе се сепнев, па го тепав помалку, само малку го поттепнував, колку да го „доведам во состојба на послушност“ и замислував дека викам полиција и дека гледам како го водат грубо и дека го мразам и дека му гледам во дрските очи или, дај боже, одмазнички во плачното лице.

И мина некоја годинка, а чувството змија си беше тука, заедно со двете мачки што ги имавме и пред провалата. Сè уште, кога приквечер ќе си дојдев прв дома и кога некоја од нив со кренат опаш ќе ме дочекаше во дворот, со ситночекорните синусоиди пред мене и со она нивно„мрњају“, струјосан во цревата ќе се замислев дали тоа јас ги пуштив пред да излезам или, пак, излегле низ скршен прозорец или низ подзинатата влезна врата што на излегување можеби ја оставил татот.

А еден ден, на враќање од работа, во слепото уличе видов моторче со приколка. Во неа платнено торбиште. Од разортомената дупка ѕирка двеиполлитарско пластично шише. Дворната врата очанчена. Ме штрекна кај вилицата под ушите. Паркирав зад моторчето, кренав рачна; нема кај да бега. Влегов во дворот. Еден метар… притисок под ушите, ја слушам крвта… два метра… оддесно ми ја снемува благомирисната анамска рака што зелено и бело ползи по ѕидот, се брише… три метри… гледам само тесен круг пред мене… четири метри, лево е влезот, пред мене огромниот валчест столб… зачекорувам в лево накај тремот… на тремот сум, десно е стежнатиот ружин џбун, одам накај вратата… две, четири скалила.. се фаќам за кваката… добро е, заклучено е. Се вртам, низ прозорецот од влезот здогледувам глава, гледа нагоре, кон двата горни стана, не ме виде… ги прескокнувам четирите скали, тупаниците стегнати… Слетувам пред трнливата ружа, му го запречувам патот, мој е!
„Стој!“ Не си го познав гласот.

АвторОгнен Чемерски
2018-10-30T11:26:25+00:00 октомври 21st, 2017|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 116|