ГНЕЗДО

ГНЕЗДО


Добро е жртвите на провална кражба да побараат стручна помош. Ова сигурно веќе ви го кажал полицаецот што ви ја даде брошурава… Нам полицајците ни рекоа да одиме на бувљакот под Кале и да видиме дали таму ќе препознаеме нешто. Ни рекоа и, ако познаеме нешто, да не се закачаме, туку да се јавиме во полиција, тие ќе дошле. Строго ни го рекоа тоа на жена ми и мене, баш кога пиеја кафе. Едниот инспектор седеше на згмечениот десетгодишен сунѓер од нискичкиот четириесетгодишен дрвен двосед, налактен на колената што му се порамниле со рамената додека си ја принесуваше шолјата кафе до усни. Немојте ништо сами на своја рака, вели.

Нему пред тоа со жена ми му се изнаодговоривме на сите прашања, пред оној помладион од крим-техника со куферчето, кој главно само потпрашуваше, да почне да ни шета низ станчето. Му раскажавме како тројцата се вративме од ручек кај мајка ми, како ја најдовме вратата подотворена и како прво си реков дека изгледа не сум ја ни затворил, а сум го свртил клучот и сигурно сум ја оставил така (немаше да биде првпат); како малиот (кој сега, додека вршеа увид, пак беше кај мајка ми – за да не се потресува, пет години имаше) прв влезе и се вкопа в место; како видовме лом, расфрлени фиоки во ходникот и испревртени хартии; како крикнавме, како панично загазивме навнатре; како погледнав десно кон кујнскиот прозорец, како сфативме дека е скршен; бенџаминот паднат под него на подот, земја и стакло насекаде; како ни се исекоа нозете; како ни се превртеа утробите; како свикавме дека нè покрале; како малиот се стрча лево накај играчките и цимолна: „И мене? И моите играчки?“; како му се тресеа брадата и телцето; како го гушна мајка му, како спалната, постелата и алиштата ни беа испретурени; дека било како некој да ни џбарнал во душата, да нè пипкал соголени… „Чекај малку. Полека. Дајте, треба да направиме попис, само сега колегата прво да земе материјали.“

А кога оној од крим-техника скрцка со куферчето, тргнав пред него.
„Тука, на бравата! Влегол низ прозорецон, отклучил однатре и излегол. Гарант оставил отисоци!“ го поведов.
„Ајде? А ти гледаш Си-ес-ај, а?“
„Сум гледал,“ признав, подзинат. „Тука со прашинката; со четкичката тука; гарант има отисоци.“
„А ти отклучуваш понекогаш?“
„Отклучувам… секој ден“ и си викам дека мораше да ми се падне баш глуп.
„А жена ти отклучува понекогаш?“
„И она секој ден“ и веќе знам дека поглуп не можел да ми се падне.
„А стакла пипкаш секој ден? Или гледаш да не ги измрсиш со прстите, па се фаќаш за рачка, а?“
„За рачка се фаќам.“
„И сега? Ќе најдам многу отисоци од вас двајцата на стаклоно?“
„Нема.“
„А дека оној другар ти се испосекол од џамов и оставил едно деци крв тука гледаш?
„Гледам.“
„Имаш уште некоја идеја кај да поминам со ова?“
„Имам.“
„Каде?“
„На џамот.“
„Алал ти вера. Може сега?“
„Може.“

АвторОгнен Чемерски
2018-10-30T11:26:25+00:00 октомври 21st, 2017|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 116|