Времето на козите

/, Литература, Блесок бр. 30/Времето на козите

Времето на козите

извадок од романот

Козар маало беше во грч очекувајќи ја смртната пресуда на козите. Улиците останаа пусти, децата тажни, козите се криеја по подрумите. Зацарува стравот, како пред војна. Луѓето прибираа намирници, немаше многу, ама колку да има за црни дни.
Без козите гладот ни беше сигурен. Кога се дозна дека партијата подготвува специјални мерки против козите, имаше опасност меѓу луѓето да започнат старите, веќе речиси заборавени караници.
Стравот се всели во сите наши детства. Макар што кај сиромашните семејства травот влегува од едната, а излегува од другата врата, нас речиси однапред нè поразуваше помислата дека некој може да нѝ ги одземе, да ни ги убие козите. Така стравот остануваше долго во соте луѓе што имаа кози. Со денови не ги носевме козите на пасење. Се цедеа од нив и последните капки млеко. Градот бргу опусте, исчезна некогашната бела врева. Започна големото исчекување.
– Попис, попис, попис! – се огласи едно утро низ Козар маало, низ градот.
Веста стигна и до нашето семејство.
– Каков попис сега, пустината, па не заврши ли пописот есеноска? – се прашуваше мајка ми гласно оставајши го плеталото крајсебе, на чардакот, седната до татко ми кој прелистуваше некаква стара книга. Тој бавно ја оставаше книгата, ги извади очилата и пред да стигне да ги коментира мајчините зборови, на чардакот забрзано влезе брат ми партиец и од далеку извика:
– Попис, попис на сите кози, наредба од високото партиско раководство. Власта мора бргу да го организира.
Татко ми важеше за мошне информиран човек. Речиси цела ноќ слушаше домашни и странски радио станици, западни и источни. Слушаше понекогаш до утрини кога ја составуваше својата варијанта на вистината. Беше смирен човек, не паѓаше лесно во стапиците на вознесот, на оптимизмот. Беше толку добро информиран, што не можеше никогаш да биде оптимист. Само лошо информираните се оптимисти, често ни велеше. Немаше, освен со Чанга и со домашните со кого да споделува мисли. Тоа како да го надоместуваше со гласовите на радиото. Често гласно ги коментираше значајните вести, небаре влегува во разговор со отсутните говорници.
Татко ми, впрочем како придојденик во градот, без рода и блиски, ако се исклучат козите, тие туѓи организми во семејството кои со времето толку соживеајаа и станаа дел од него имајќи го на ум брат ми партиец, сметаше дека не е толку мудро да се мешаме во политиката на домородците, заШто и кога Ќе имамме право на некој а работа, тешко сите да нѝ поверуваат. А кога постариот брат влегуваше во политиката, главен советник, амортизер на неговите занеси, радикални замисли, засилени реакции, избрзувања, илузии, беше татко ми…
Веста на најстариот брат за пописот го собра сето семејство на чардакот.
– Попис на козите – ја прекина мајка ми прва тишината – не ќе е на арно!
– Тие сакаат да видат колку кози имаме па ножот! – рече еден од постарите браќа.
Ние, помладите,откако дознавме тие денови за пописот на козите, ги имавме постојано готови солзитеда се истркалаат по образите. Татко ми во мигот ништо не рече, но неговиот поглед што спокојно зрачеше од неговите сини очи и овојпат нè смируваше, макар што веќе смртта тропаше на вратите од куќите во Козар маало.
Фатија да нè обземаат севозможни мисли, претчувства. Козите речиси беа сраснати со нашите животи.
Никогаш на овие предели на Балканот човекот не беше се зближил, не беше сраснал толку со некое животно. Инстинктото на самоодржувањето и на козите и на луѓето беше слеан во заедничка отпорна сила што не можеше да се уништи.
Татко ми, во други времиња, од страите книги, собирани од сите страни на Балканот и од другите земји, ни пренесуваше дека речиси сите народи на Балканот својот живот им го должат на козите. Тој еднаш беше му рекол на Чанга дека ако се пишува историјата на козите на Балканот, тоа ќе биде една од најдобрите истории на балканските народи…
Во Козар маало се ширеа, се множеа се менуваа вестите за пописот на козите. Повеќе никој не знаеше за каков попис се работи. Но едно утро сè се разјасни, кога почнаа да влегуваат пописните комисии во куќите што имаа кози. А кога почна пописот, во Козар маало се всели гробна тишина како на зкоп што никогаш не завршува…
Мајка ми уште в мугри беше на нога. Си имаше ред, создаван со години. Во градините прво ќе ја поздравеа новите цутови на нејзините цвеќиња, па блесокот на бојата на некој новоузреан плод и, на крајот трите кози.
Пописната комисија ја срети мајка ми кога ги навадуваше цвеќињата во градината со вода од бунарот. Брзо ги воведе на чардакот.
Ние децата бевме одамна будни, неспани. Мајка ми, првин, ги послужи членовите на комисијата со слатко од дудинки и студена вода. Потем слезе и татко ми, од својата работна соба. Се поздрави. Дојдовме и ние децата, откај козите мислејќи дека добро сме ги сокриле и сме оставиле доволно лисје.
Комисијата беше составена од три члена. Не ни беше тешко да го откриеме шефот-кој обично носеше кожено палто и, по правило, имаше мустаќи. Луѓе со кожени палта и со мустаќи обично беа од полицијата, од власта или од партијата. Нивни беа и законот и правдата. Еден нивни збор можеше да го измени животот на секое семејство. Нашите застрашени детски очи беа управени кон човекот со долго црно кожено палто и со долги мустаќи, кои му даваа строг израз, дури и кога на лицето ќе се појавеше здржана насмевка. За да ги оттргне од себе нашите приковани погледи и за да ја смали напнатоста, со неприродна благост, прв ни се обрати:
– Што сте се уплашиле толку, деца? Попис, обичен попис. Место на луѓе – на кози. Што има тука за плашење? Државата сака да знае со што располага.
Овие неочекувани зборови на шефот на комисијата не ослободија од грчот. Најмалото братче, бришејќи ги солзите, прво запраша:
– Чичко, вие нели нема да ги утепате нашите козички?
– Се разбира, дете мое, ние не убиваме кози.
– Не, не, само ќе извршиме мал попис!– заврши шефот и го погледна вториот член на комисијата. Тој, набрзина, од излитената кожена чанта извади неколку разнобојни пописни листови и еден поголем жолт тефтер. Ние лесно ги препознавме истите хартии од последниот попис на семејството, па тоа брзо нè смири.
Мајка ми уште еднаш ги послужи со слатко членовите на комисијата, а шефот пивна и од ракијата од дудинки.
Татко ми замислено гледаше низ големиот прозорец на чардакот ; погледот како да му одминуваше со текот на реката. Вакви чувства секогаш го обземаа при селидбите во младоста. Но сега од овој балкански кафез тешко можеше да се излезе можеше човек да се префрли само во друг кафез, а тоа речиси ќе беше исто како во овој кафез. Ги предвидуваше скорешните настани, а ние живеевме од миговите на повремените утешни зборови.
Тишината ја наруши строгиот глас на вториот член на комисијата.
– А сега да ве запознаеме со пописот. Постои главна книга – го покажа жолтиот тефтер – и постојат пописни листи за секоја коза.
Смирени од зборовите на шефот, сега вториот член на комисијата со својот строг глас повторно нè враќаше во стравот.
Татко ми мирно ги очекуваше зборовите на попишувачот кој го предупреди дека мораат да се даваат вистинити податоци ; во спротивно, се одговара според законот… По овие зборови, нас децата сосем нè обзеда стравот. Се припивме во прегратката на мајка ми. Шефот го виде тоа и го прекина својот потчинет:
– Во ова семејство добро ги знаат законите. Помини на прашањата.
Ова повторно нè смири, но сега татко ми добиваше загрижен израз. Попишувачот ни се стори некакко збунет. Шефот го прекори:
– Започни веќе еднаш со прашањата, нè чека голема работа, има многу кози во Козар маало.
– Заедничката несреќа е помала несреќа!– изусти тивко мајка ми, повеќе за себа, но во тие мигови ние децата ја впивавме и самата тишина, па ги примивме и нејзините сигнали.
Службеникот ги стави очилата и со повишен тон го постави првото прашање:
– Име на семејството?
Татко ми, место одговор, запраша:
– На кое семејство мислите?
Шефот веднаш упадна:
– Внимавај, несмаснику, ова се листи за попис на луѓе, а не на кози, колку пати ќе ти повторувам.
Татко ми скришум се насмевна. Само ние децата можевме да ја забележиме неговата насмевка. Помисливме дека настаните земаат среќен тек.
Службеникот збунето гледаше во листот. Никако да се снајде со овие преостанати листови од последниот попис на луѓето, што требаше да се приспособат кон пописот на козите. На неговата збунетост уште повеќе влијаеше строгиот поглед на шефот. Најпосле, смирен, продложи да го испрашува татко ми:
– Колку кози имате?
– Три!
– Име и презиме, татково име?
Завладеа смеа. И ние децата се смеевме. Некој од нас рече:
– Нашите кози имаат само имиња!
Шефот не можее да се воздржи:
– Се разбира, козите имаат само имиња. Така е кога во комисијата ќе ви доделат неписмени кадри.
Шефот, бесен, сам продолжи да прашува, без да гледа во прашањата, зашто сигурно не беше воопшто писмен. Тој впрочем во комисијата беше да шефува, а не да чита и да пишува. Но тој ги знаеше на памет сите прашања, толку пати повторувани, па продолжи да прашува, божем читајќи:
– Имиња на козите?
– Белка, Сталинка и Грда – одговори татко ми.
Службеникот ги запишуваше имињата со гласно изговарање Беелкаа, Сталии…, но шефот веднаш го прекина и строго му се обрати на татко ми:
– Не разбирам како тоа Сталинка, па Грда, не разбирам.
Мајка ми веднаш се замеша:
– Белка, да ни биде вечно бел денот, ни дојде како божји дар, Сталинка ни дојде кога го родив последново чедо. Ми изумреа повеќе деца. Кога ја купивме третата, таа беше убавица и за да не ја фати урок спасителката Сталинка, ја завикавме Грда. Со Грда сакавме да ја заштитиме Сталинка, а со Сталинка децата!
Шефот збунето ја гледаше мајка ми. Не знаеше како да продолжи со пописот, па рече:
– Луѓе мои, па во ова семејство сè се измешало. Каде се чуло видело коза да носи име на великиот ослободител на народите. Барем да беше јарец… Не, не, ни јарец, што зборувам. Па вие имате и слика на Сталин. Сталин е нашиот брат што и да се случи. Има разни гласови. Сталин сите нè ослободи. Неговото име е свето за сите нас!
– И за нас козите се свети!– го пречека мајка.
– Разбирам, разбирам, ама сепак, козата си е коза!
Завладеа нов бран тишина. Нов бран страв. Се уплашивме сега татко ми да не одговара за навреда на Сталин. Имаше такви случаи. Уште кога братот партиец реши да ја викаме нашата коза Сталинка, таквата опасност постоеше. Постоеше сега опасност пописот да заврши кобно не само за козите туку и за семејството. Шефот се консултира со третиот член на комисијата кој постојано молчеше, па продолжи:
– Луѓе, вашата коза Сталинка не може да влезе во никакви пописни листи.
Како што се делеше бедата во разни порции, главно исти за мнозинското население, така се делеше и стравот. Колку погоре во хиерархијата на власта, и стравот беше поголем. Стравот на сиромасите како да можеше да се победи. Шефот сигурно сакаше да ја сподели дозата страв со третиот член, продолжи:
– Името Сталинка на козата може различно да се толкува. Списоците одат до погорните раководства, до федерација. За едно обично име можат да паднат многу глави. Дајте друго име, па сите да бидеме мирни. Нека се вика, нека се вика… како сакате, само не Сталинка…
Не можевме да го заборвиме денот, кога брат ми партиец пресуди, а татко ми малку се согласи козата да се вика Сталинка, макар што тој си остануаваше верен на определбата да се ослободуваме од имиња на војсководци, светци, ослободители да бараме имиња меѓу цветовите, природата. Ги свртевме погледите кон братот партиец, кој сè бараше нешто да рече, па на крајот енергично пресече:
– Пишете, место Сталинка, Слободанка, за нас Сталин значи слобода!
Шефот светна од задоволство, па рече:
– Ти, синко, далеку ќе дотераш ако стапиш во партијата!
– Јас сум веќе член!– потврди гордо брат ми.
Шефот сега сосем задоволен повторно му го препушти пописот на службеникот.
– Запиши Слободанка и внимавај повторно да не ги смешаш прашањата.
– Пол? – продолжи службеникот.
– Се разбира, женски!– го прекори пак шефот.
– Па може да има прч!– рече првпат нешто во одбрана службеникот.
– Кај прчовите одиме со козите кај козарот Чанга, преку дрвениот мост,– рече едниот од помалите браќа. Службеникот повторно западна во поранешната збунетост. Шефот строго го гледаше, бараше да продолжи.
– Националност?
Сега татко ми се насмеа. Ние децата живнавме.
Братот партиец, охрабрен од претходната пофалба на шефот, прв одговори:
– Балканска!
– Балканскаа!-запишуваше шефот.
– Немаат козите националност. Козите имаат раса. Прашај за раса!– го предупреди шефот со шепот.
– Националноста не важи, туку расата, од која раса се козите?
– Санска – одговори татко ми.
Службеникот повторно забразди:
– Вероисповед?
Шефот пак пламна:
– Козите, бре магаре, немаат вера!
Мајка ми прошепоте:
– Имаат, имаат вера козите, понекогаш повеќе од луѓето.
– Возраст на козите? – продолжи службеникот.
– Напозната!
– Боја на кожата, посебни белези?
Белка е сосема бела, Сталинка, односно Слободанка, е бела со кафеав врат, и Грда е бела, со црни дамки.
Службеникот заврши со прашањата.
– Ја свршивме некако работава! – рече најпосле задоволно шефот откако пивна последен пат од ракојата, па на заминување дофрли:
– Ќе одеше побрзо, да немавме толку неписмени во нашите редови…

Од романот Време на козите

АвторЛуан Старова
2018-08-21T17:21:44+00:00 јануари 1st, 2003|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 30|