Во честа на маргаритките

/, Литература, Блесок бр. 54/Во честа на маргаритките

Во честа на маргаритките

за збирката поезија на Нина Булгакова. ХаусМајсторот и Маргарита. – Скопје: Дијалог, 2006

Во честа на маргаритките1F

1. Прва можност за читање како поедноставна варијанта
(ако не сте го препрочитале или ако не сте го читале воопшто романот Мајсторот и Маргарита од Михаил Булгаков):

При првата можност за исчитување, а со тоа и за доживување на стиховите на Нина Булгакова тргнувам од нејзиното предупредување дека пред нас се распостила една премногу интимна поезија. И самата вели, во оној свој авто(пред)говор, дека наполно ја разбира нелагодноста на интимистите, што значи и дека ја прифаќа, ја поддржува, оправдува. Затоа и логички, дури и крајно оправдано прозвучува она нејзино признание: Одбивав да се разголам во поезијата, за малку подолу да ни укаже на вистинските причини заради кои потклекнала и сепак дозволила да се разголи, зашто додека јас одбивав, вели таа, Маргарита го сакаше тоа, Маргарита го можеше тоа! Во името на себепомирувањето (помирувањето со себе и помирувањето со другите) се случуваат овие нејзини стихови.
Нејзиниот експресивниот став бара максимална слобода на полето на формалното. Затоа со нејзината песна владее еден внатрешен ритам кој исклучително е диктиран од емоциите. Сите свои чувства и стремежи Булгакова успева да ги збие во еден единствен збор, како што е тоа зборот бедем во истоимената песна со која се отвора збирката, или мевлем, круг, вечера, сутлијач, котелец, шпенадла… Онака како што тоа го прави човек совладан од своите чувства или дете во својата немоќ. Впрочем човечката личност е толку силна што со говорот, колку и да сака да изрази чисти мисли, секогаш и првенствено изразува емоции. Така одбраниот збор располага со најголема вредност на интензитетот и токму затоа кога е артикулиран, тој знае да се зарие во душата, таму да се вгнезди и да започне силно да притиска. Тој збор во повеќето случаи е рамен на еден празвук. А синтаксичката конструкција во нејзините стихови е всушност збир од токму такви празвуци, ритмичко поврзани:
Бадем во грлото.
Бедем во срцето.

Бидермаер од сомнежи
под балдахин од бакнежи.

Брокат под бедрата
и Мајсторот на Булгаков
внимателно засолнет во недрата.
(од Бедем)

Булгакова секогаш знае да ја покаже својата умереност во изборот на зборовите кои ќе ги римува, но и да ја манифестира својата нескротливост во изборот на зборовите на кои ќе им допушти да си играат, како во песната Мантра:
Мантрам
и магии ти фрлам.

Медалјон околу твојот врат.
Мермер под твоите нозе.
Метеор во твоите желби.
Магнет во твоите мисли.
Магнолија под твоите прсти.
Мандала за твојата свест.
Маг ти,
јас магма!

Мантрам
и во мигновение –
пак сум твоја муза.

Прво вдахновение.

И едно мало потсетување. Артур Рембо ја продолжи линијата започната со Бодлер и уште посмело се впушти во јазичната авантура. Ја пронајдов бојата на самогласките: – А црно, Е бело, И црвено, О сино, У зелено – вели Рембо на едно место во Престој во пеколот кога зборува за алхемијата на зборот2F. Во духот на тие необични синестезиски споеви и Булгакова гради еден свој, на свој начин, обоен свет. Па така ги сопоставува на ниво на контрапункт: студеното со портокаловото, леденото со жолтото, грубото со пастелно розевите тонови, челичното сиво со зеленото, тмурното со тиркизното. Самогласките на Рембо кај неа се трансформираат во емотивните состојби на оној другиот, а боите на Рембо прозвучуваат банално во поглед на онаа лепеза од нијанси што ја дава нејзината песна (Витраж). Она што е битно, тоа е несомнениот факт дека таа има слух за авантурата што ја антиципира Рембо со својата поетика: да ги ослободи зборовите од поимското значење и да ги препушти на нивниот нагонски живот. Па затоа и е толку нескротлива (дива, своја) во создавањето и на некои други необични споеви како: базилика од тишина (Бедем), залак од песна, мариниран стих, ароматичен колач од зборови глазирани, кандирани насмевки (Вечера), незбисерени бисери, премалени малини (Маргарита (или нова Елоиза)).
Сведување на стихот на неколку збора, на само еден збор, како и поделбата на текстот на песната во некласични строфи, поделбата на песната на делови, на подпесни не говори за ништо друго туку за паузи т.е. за белини во дискурсот на песната или за тишината како нејзина омилена тема. И за болката пред сè и над сè која кога-тогаш треба да се испушти, треба да се (с)подели (како во Лебедова песна). Тоа му доаѓа, вели Булгакова, како „пуштање крв“, прочистување, еден вид детоксикација на душата, себепростување, себепомирување (помирување со себе и помирување со другите):
Со години
ми фалеше болка,
за песната да потече од мене.

#b
1. Зад самите маргаритки препознавам едно будење, една свежина, еден нов ветер во современата македонска поезија. Така што овој наслов не е само избран за да биде во дијалог со самата збирка на Булгакова, туку и за да покаже дека овие стихови му даваат нов здив на македонскиот поетски збор. Изразот „во честа на маргаритките“ е синоним за значењето „во честа на новата пролет во македонската поезија“. Имено, исповедната поезија станува особено препознатлива во т.н. фаза на интимизмот (1950-1955) која се случува како еуфорија од сознанието за правото на поетот да зборува во прво лице и за себеси. Иако и од порано постојат знаци за насочување кон поетовиот субјект, скршнувањето кон поинтимните сфери се случува доста забрзано и нагло во тој период. На почетокот во сето тоа има многу наивен романтизам и сентименталност, така што некои поети доста рано се уверуваат во ограниченоста и едностраноста на таквата приватна исповед или поточно се уверуваат во сопствена немоќ таквата приватна исповед да прозвучи како вистинска поезија. Но, оваа фаза на интимизмот во современата македонска поезија значеше, наспроти многуте оправдани резерви кон неа, и нејзино приближување кон вистинските региони на лириката и извесна реализација на еден порафиниран израз. А збирката на Булгакова е показ за еден таков нов рафиниран израз.
2. Види Артур Рембо. Поезија (избор, препев и предговор: Влада Урошевиќ). – Скопје: Македонска книга, 1976.

2018-08-21T17:21:17+00:00 јуни 19th, 2007|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 54|