Во длабочините на меморијата:

/, Литература, Блесок бр. 113/Во длабочините на меморијата:

Во длабочините на меморијата:

„Болен Дојчин“ од Богомил Ѓузел и „Геронтион“ од Т. С. Елиот
Кој е Геронтион?
Кој е Болен Дојчин?
Раз/личности
Референци

Геронтион1F, како што упатува грчкиот корен на името, значи „старче“, што гласот во песната и го потврдува во првиот стих: „Еве сум, стар човек во месец сушен“ и подолу „Старец сум“. Сепак, пред првите стихови се среќаваме со епитафот (како паратекстуален елемент) „Ти немаш ни младост ни старост / туку ко во некој попладневен сон / обете ги сонуваш“, што функционира како толкувач на матрицата на текстот: укажува и на духовна празнина оставена од немањето исполнета младост и на копнежот таа некако да се исполни, да ѝ се даде некакво значење. Физичката старост на Геронтион кореспондира со неговата психичка и умствена застареност, истрошеност, бајатост. Говорниот субјект во песната, старчето, ни кажува понатаму дека живее во „трошна“, „изнајмена куќа“ „што провев ја бие“, додека околу него нема ништо што асоцира на плодност или на некаква плодотворна активност, туку напротив: „Ноќум во полето зад куќи козата кашла; / Камење, мов, плевел, железо, лајна. / Жената в кујна се војва, вечера спрема, / Навечер кива, го распалува огнот мрзлив.“ Воведот во песната заговара декадентност, инертност и наполна суша. Можеби затоа Геронтион вели дека го чека дождот, симбол што асоцира на регенерација. За својата физичка состојба, Геронтион вели: „Ја загубив страста…“ „Го загубив видот, мирисот, слухот, допирот и вкусот“, а на едно место целото свое битие метонимиски го поистоветува со својот ум што го нарекува „папсана глава провев што ја бие“. Но ветриштата што ја бијат куќата на Геронтион се исто така неплодотворни – тие во случајов не се предвесник на дождот, односно воопшто не се предвесник, туку потсетник, измачител на веќе стушената, искусна а сепак неискусна, совест на старецот. Ветриштата ја будат неговата меморија за минатото и за историјата.
Геронтион, во истоимената песна првпат објавена во збриката Песни на Т. С. Елиот во 1920 година, ни кажува дека до него седи момче и нешто му чита, по што тој почнува да набројува, небаре асоциран од четивото што го слуша, што сѐ тој не направил во животот: тој не учествувал во ниеден чин што би му обезбедил некакво херојско место во историјата и тоа го кажува поразително и помирено.

Не сум бил пред врелите порти,
Не сум биел бој на топлиот дожд,
Ниту пак до коленици во солен ѓол, сум мавтал со сабја,
Сред рој од муви, во битка.

Во овие стихови има асоцијации на битката кај Термопилите и на битката на Маратонското Поле – два спротивставени историски настана: во првиот Персијците ги победуваат Грците, а во вториот Грците – Персијците. Интересно е што и Геронтион ни е претставен со грчки назив, иако нема име. „Неговата личност се спојува со историски личности“ (Gross, 1958) за кои тој дознава само преку читање/слушање и постојат само во неговата меморија, но чие херојство тој во животот не го достигнал ни се надева дека ќе го достигне. Згора на тоа, ни неименуваната земја во која живее, ако ја доведеме во корелација со она што го окружува, не е ништо подобра ни може да се пофали со херојски ликови од сегашноста. Неможноста да се стане и да се делува е болеста на Геронтион, односно токму фактот што тој е свесен за тоа, што метафорички го боли главата од постојаниот историски провев што непрестајно му се калеми на сегашноста што не ја сака.
Неможноста да се дојде до некаков логичен заклучок од целата ситуација го тера гласот да се сврти кон религијата во потрага по чудесен одговор оти „Знаците се сметаат за чуда“. Но веднаш потоа неговата меморија го потсетува на оние што бараа знак („‘Знак дај ни!’“), односно доказ од Христос за неговата божественост, со што имплицитно се навестува криза на верата и неможност да се најде излез низ неа. Токму таа неможност се обидува да ја соопшти Геронтион, можеби во надеж сепак да се најде некаков излез, но дури и во тоа потфрла: „Зборот в збор, немоќен да каже збор, / Во темница повиен“, односно зборот на говорникот/пишувачот во кој секогаш веќе се наоѓа божјиот збор нема моќ да го соопшти она што треба, не може да излезе на виделина и е затаен во мракот. Историскиот усет го надвладува религискиот, односно „поради прекумерното знаење за минатото на религијата ги препознаваме нејзините апсурди и невистини“ (Исто:300). Па, затоа, „Во зародиш од годината / Дојде Христос, тигарот“ – повеќе не јагне, мирољубив симбол за човековото спасение, туку тигар, крволочен ѕвер, кој е очигледно подготвен на пресметка со сите оние кои од него барале знак како доказ и не верувале во него (Анчевски, 2007:113). А тие луѓе, оние што во неверие (или богохулно верување) сакаат да го „изедат . . . Раздадат . . . Испијат“ телото на Исус, во умот и нарацијата на Геронтион се сите луѓе што се и самите по себе шупливи и тоа го прават притајно, „Сред шепот“, небаре од срам или покајание затоа што токму тие се причината поради која декаденцијата во пустата земја на Геронтион зела толкав замав. Неколкуте луѓе што ги спомнува гласот се очигледно од различни вери и нации и нивните постапки, иако може да се толкуваат различно, на некој начин ги поврзуваат недоумицата, неверието и непостојаноста. Од овие „Празни словалки“ е исткаен ветрот што го мачи Геронтион, додека, пак, тој, како што вели, нема духови, нема гревови, нема за што да се фали ни за што да се кае (во овој поглед е како еден вид стар Пруфрок), но сепак, поради некоја причина, очајно се обидува да најде некаков излез од целата ситуација. Овде се навестува и улогата на Геронтион што некои критичари ја толкуваат како жртвено јагне (кога веќе спасителот е тигар) во обредот за пустата земја да се направи повторно плодна, односно и се доведува во корелација со повредениот, болен Крал Рибар, чуварот на Светиот Грал (Исто:117-8), кој исто така чека некаков спас за својата немоќ, а во меѓувреме е затаен во својата инерција. Неможноста да изнајде решение, опрост, за историскиот галиматијас во религијата, во неопипливото што сакаме да го опипаме, го тера Геронтион (или гласот, умот, зборот) да се сврти кон историјата, кон опипливото што само навидум е такво, но кое, се чини, претставува единствен излез. Геронтион го моли слушателот, читателот, себеси, да мисли, да размислува сетне, да бара решение, иако самиот негов контрадикторен и расцепкан џагор за тоа што е историјата го остава во продолжена и продлабочена немоќ.
#b
1. Ќе го цитираме македонскиот превод на песната од книгата: Елиот, Т.С. Песни (1909-1950). Прир. Зоран Анчевски. Скопје: Магор, 2003.

АвторИгор Поповски
2018-08-21T17:20:35+00:00 јуни 12th, 2017|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 113|