ВОЛКОЈАРЕЦ

ВОЛКОЈАРЕЦ

ВОЛКОЈАРЕЦ


Керет се испентари на највисоката карпа и гледаше во далечина.
„Гледаш ли нешто?“ прашав земајќи здив по спринтот.
„Баш ништо“, возврати и слезе.
Се гледавме меѓу себе неколку мига.
„Може ли некој да ми каже што се случува жив ви Исус?“, Велс ја прекина тишината.
„Прашањето е на место“, реков.
„Волкојарец“, одговори Блаж, „you know, half a wolf – half a goat… ancient monster“.
„Really?“
„Yes, really, Велс, имаме овде древно чудовиште од влашките легенди. Помири се со то“, се истури Тања врз него.
„Човекот има право да праша, а и зошто некој би се помирувал со постоењето на чудовиште?“
„И ти ќути!“
„Доста, престанете сите“, викна Блаж и застана меѓу мене, Тања и Велс.
Керет стоеше настрана замислено грицкајќи стракче трева.
„Ова е тешко, сериозно срање…“
„Така е“, го прекинав Блаж. „Ова е тешко срање и сега добро ќе ни дојдеа мобилните кои ги оставивме долу бидејќи ти, Гандалф, бараше да ги оставиме…“
„Нема смисла да се обвинуваме едни со други“, се јави Израелецот, „мора да се договориме што да правиме“.
„Мудро кажа, пријателе, од кавга нема ништо. Мораме во акција за спасување. Тоа е единственото правилно и чесно. Јас во колибата имам радиостаница, но до таму имаме уште барем еден час одење. До подножјето би требало околу час и пол, така што таа опција отпаѓа, не знам… ќе мора да се разделиме. Тања го знае патот до колибата, еден од вас нека појде со неа, а останатите во потера“.
Велс плукна настрана и нешто промрмори под носот.
„Кажи слободно“, го натера Блаж.
„Ма ништо, убаво е тоа што мислиш дека треба да тргнеме во акција за спасување, но човеку, каква смисла има тоа? Колкави се шансите таа сè уште да е жива?“
„Се плашам дека Велс има право“, реков, „волкојарецот најверојатно досега веќе ја изел Маруша, но дури и да не е така, еве, да речеме дека сака да ја одведе во своето дувло и да ја направи животна другарка, како што Кинг Конг сакаше со Џесика Ланг и подоцна со Наоми Вотс, да речеме дека е жива. Како ќе го најдеме дувлото? Па и да успееме – како ќе ја украдеме од страшниот волкојарец?“
Керет се јави за збор: „Вистина е ова што го зборувате, ни јас не сум полн со оптимизам. Шансите на Маруша со чудовиштето не се како во бајките. Меѓутоа, се согласувам и со Блаж – ова е прашање на честа и јас сум секако за тоа да тргнеме во потера. Две години поминав во војска и научив нешто за следењето траги. Тања и уште некој нека појдат кон колибата и нека стапат во контакт со спасувачите. Јас ќе одам во потерата, кој ќе ми се придружи?“
„Јас“, прв се јави Блаж Перковиќ.
Со погледи вперени во земјата, Велс и јас речиси истовремено ги кренавме рацете.
„Ти оди со Тања, јас бев извидник“, се слушнав себеси како некој друг да го кажува тоа, а не јас.
„И јас сум бил во извидници“, рече Велс.
„Фино, да бевме некаде во Орегон, со задоволство ќе попуштев. Оди ти со Тања по помош, а јас ќе одам по волкојарецот“.
„А заш вие двајца не ојте до колибата, мислам оти појќе ќе сум од корист во потерата. Волкојарецот е, сепак, суштество од влашките легенди…“
„Никако“, Блаж й упада на Тања во зборот. „Ти го знаеш патот до колибата и веќе си ракувала со радиостаницата“.
„Немат тука наука…“

АвторЗоран Пилиќ
2018-12-13T12:05:30+00:00 ноември 10th, 2016|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 110|