ВОЛКОЈАРЕЦ

ВОЛКОЈАРЕЦ

ВОЛКОЈАРЕЦ


Домаќинката Лела и домаќинот Јан, веќе длабоко во шестата деценија од животот, како во тој миг да испаднаа од спот на „Прокол Харум“ или „Џеферсон ерплејн“. Значи, двајца свенати хипици какви што денес може да видите само во документарни филмови за шеесеттите и многу ретко во живо: лица по малку изобличени од непрекинато насмевнување, со алки од тенка, излитена кожа и со ѓердани од школки или корали, ѓавол ќе го знае, таа во широк фустан со индијански орнаменти и со коса прошарана со бели влакна која слободно паѓаше сè до половината, а тој исушен на сонцето како бакалар, во избледена морнарска маица и со кратки џинс панталони, оќелавен, но со опавче одзади и со вена која непријатно му пулсираше на челото како да ќе прсне во секој миг. Преживеале дроги и цивилизација, па конечно се доселиле тука, под Велебит и, претпоставувам, уживаа во таа полудивина како што јас никогаш не би можел.

Се држев за лебот, виното и маслинките, не посветувајќи им внимание на пршутата, сирењето и на оној суперздрав пијалак сличен на сурутка или кефир.

„O, yes, yes…“ на осакатен англиски Лела му објаснуваше на Велс, „this is prosciuto, you know, from the pigs leg”.

Јан дофрли дека тие, се разбира, не љубат пршута ниту какво било друго месо, но дека можат да ја разберат жалната љубов на просечниот месојад кон еден таков специјалитет.

Етгар кинеше парченца леб, ги помирисуваше и потоа ги уфрлаше во устата, полевајќи ги со вино. Изјави дека толку добар леб не вкусил во животот, што наиде на сеопшто одобрување.

„На, пробај го ова…“, Тања зеде лист пршута и му понуди на Израелецот.

„Ах не, не, благодарам, не сакам, навистина“, пристојно одби Етгар, но тогаш се придружи и Велс. „Мораш, барем еден залак, инсистирам“.

„Ама, ниту парченце, еве ќе земам некоја маслинка…“

Да не прерасне сето тоа во меѓународен кошер-инцидент, се погрижи суштество кое некаде од Велебит се спушти на патеката и доаѓаше кон нас. Старец со аветински лик свиткан под голем товар од прачки во ништо не се разликуваше од оној чичко од насловната на албумот „Лед Зепелин IV“. Додека се приближуваше по патеката, замре џагорот на масата. Го посматравме баш како тие гранки да ги чекаме цел ден и сега конечно се тука, па нестрпливо навиваме да ги помине уште тие десет-петнаесет метри. Според начинот на кој Лела и Јан беспомошно зјапаа во него сфатив дека најверојатно го гледаат првпат во животот. Меѓутоа, старецот не ни обрнуваше внимание, гледаше пред себе чекорејќи не побрзо од желка која е, за волја на вистината, бавна, но секогаш стигнува на целта. И кога веќе се чинеше дека ќе помине покрај нас како воопшто да нè нема таму, ни нас ни куќата, како да сме дел од пејзажот – честар и карст – застана, извади голема крпа и ја избриша потта од челото.

„Добар ден, да не сакате вода…“

АвторЗоран Пилиќ
2018-12-13T12:05:30+00:00 ноември 10th, 2016|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 110|