Воз

за Џон Чивер

Жената се викаше госпоѓица Дент и претходно таа вечер имаше вперено пиштол во еден маж. Го беше натерала да легне на земја и да моли за својот живот. Додека очите на мажот се полнеа со солзи а неговите прсти чепкаа низ лисјето, таа го насочи револверот кон него и му кажа некои работи за него самиот. Се обиде да го натера да увиди дека тој не може да си поигрува со чувствата на другите. „Не мрдај!“ му рече таа, иако мажот само ги вкопуваше прстите во земјата и малку ги помрднуваше нозете, од страв. Кога престана до зборува, кога кажа сè што можеше да смисли да му каже, го стави своето стапало на неговиот тил и му го напика лицето в земја. Потоа го стави револверот во чантата и се врати на железничката станица.
Седна на клупата во напуштената чекалница, со чантата во скутот. Билетарницата беше затворена; немаше никого наоколу. Дури и паркингот пред железничката станица беше празен. Остави очите да ѝ се одмораат на големиот ѕиден часовник. Сакаше да престане да мисли на мажот и како тој се однесуваше со неа откако го доби она што го сакаше. Но таа знаеше дека ќе се сеќава уште долго време на звукот кој тој го испуши низ нос додека пред неа паѓаше на колена. Таа зеде здив, ги затвори очите и наслушнуваше за да го чуе звукот на возот.
Вратата на чекалницата се отвори. Госпоѓица Дент погледна во таа насока кога двајца луѓе влегоа внатре. Едната личност беше старец со бела коса и со бела свилена вратоврска; другата личност беше средовечна жена со шминка, кармин и плетен розов фустан. Вечерта го донесе и студот, но ниеден од двајцата не носеше капут, а старецот беше без чевли. Застанаа на вратата, очигледно изненадени што наоѓаат некого во чекалницата. Се обидоа да се однесуваат како нејзиното присуство да не ги разочарало. Жената му рече нешто на старецот, но госпоѓица Дент не можеше да ја чуе што кажа. Парот се раздвижи низ собата. На госпоѓица Дент ѝ се стори дека здувнале од некој протест, или дека заминале од некаде во голема брзаница и досега не можеле да почнат да зборуваат за тоа. Можеби, помисли госпоѓица Дент, и малку повеќе испиле. Жената и белокосиот старец погледнаа во часовникот, како тој да можеше да им каже нешто за нивната состојба и за тоа што да сторат понатаму.
И госпоѓица Дент ги сврте очите кон часовникот. Во чекалницата немаше ништо што најавуваше кога возовите доаѓаат или заминуваат. Но, таа беше подготвена да чека колку било долго. Знаеше дека ако чека доволно долго, возот ќе дојде, и таа ќе може да се качи на него, а тој ќе ја однесе далеку одовде.
„Добра вечер“, ѝ рече старецот на госпоѓица Дент. Го рече ова, помисли таа, како да е обична летна вечер а тој да е важен старец со чевли и вечерен костум.
„Добра вечер“, рече госпоѓица Дент.
Жената во плетениот фустан со на начин кој беше пресметан за госпоѓица Дент да знае дека жената не е среќна што ја затекнала во чекалницата.
Старецот и жената се сместија на клупата спроти госпоѓица Дент. Таа гледаше како старецот ги зачистува колениците на своите панталони и како потоа ги прекрстува нозете една преку друга и како почнува да го нишка своето стапало обуено во чорапа. Тој извади кутија цигари и чибук од џебот на кошулата. Ја стави цигарата во чибукот и посегна во џебот од кошулата. Потоа посегна низ џебовите од панталоните.
„Немам оган“, ѝ рече тој на жената.
„Јас не пушам“, рече жената. „Мислам дека кога воопшто би знаел нешто за мене, би го знаел барем тоа. Ако навистина мораш да пушиш, можеби таа има кибрит“. Жената ја крена брадата и остро погледна кон госпоѓица Дент.
Но госпоѓица Дент одмавна со главата. Ја привлече чантата кон себе. Ги држеше колената споени, прстите ѝ беа вкопани во чантата.
„Ете, згора на сè, нема кибрит“, рече белокосиот старец. Тој уште еднаш ги провери џебовите. Потоа воздивна и ја извади цигарата од чибукот, ја врати цигарата во кутијата. Ги стави цигарите и чибукот во џебот од кошулата.
Жената почна да зборува на јазик којшто госпоѓица Дент не го разбираше. Мислеше дека можеби е италијански, бидејќи збрзаните зборови звучеа како зборовите кои ги имаше чуено како Софија Лорен ги користи во еден филм.
Старецот одмавна со главата. „Не можам да те следам, знаеш. Пребрза си за мене. Мораш да забавиш. Ќе мораш да зборуваш англиски. Не можам да те следам“, рече тој.
Госпоѓица Дент го олабави стисокот врз чантата и ја премести од скутот, крај себе на клупата. Се ѕуреше во рачката на чантата. Не беше сигурна што да стори. Чекалницата беше мала, а таа мразеше одеднаш да стане и да се премести на некое друго место. Очите ѝ патуваа кон часовникот.
„Не можам да ги смислам оние кретени од прееска“, рече жената. „Тоа е колосално! Едноставно неописливо. Боже мој!“. Жената го рече ова и ја заниша главата. Се навали на клупата како премалена. Ги крена очите и кусо зјапаше во таванот.
Старецот ја зеде вратоврската меѓу прстите и отсутно почна да го трие материјалот напред-назад. Откопча едно копче од кошулата и ја напика вратоврската внатре. Се чинеше дека мисли на нешто друго додека жената продолжуваше.
„Го жалам тоа девојче“, рече жената. „Таа кутра душичка сама во куќа исполнета со токмаци и лигуши. Неа ја жалам. А таа ќе настрада! Не некој од нив. Сигурно не тој имбецил кого го викаат Капетан Ник! Тој не е одговорен за ништо. Тој не“, рече жената.
Старецот ги крена очите и погледна наоколу низ чекалницата. Накусо се загледа во госпоѓица Дент.
Госпоѓица Дент гледаше преку неговото рамо и низ прозорецот. Таму се гледаше висока бандера, нејзиното светло сјаеше врз празниот паркинг. Ги држеше дланките во скутот, една во друга, и се обидуваше да се сосредоточи на своите работи. Но не можеше а да не чуе што зборуваат тие двајца.
„Олку можам да ти кажам“, рече жената. „Девојката е моја грижа. Кому му е гајле за остатокот од тоа племе? Сето нивно постоење се сведува на кафе со млеко и цигари, нивнато скапоцено швајцарско чоколадо и оние проклети тропски папагали. За ништо друго не им е гајле“, рече жената. „За што им е гајле? Ако никогаш веќе не ја видам таа банда, тоа ќе биде сепак прерано. Ме разбираш ли?“.
„Те разбирам, секако“, рече старецот. „Се разбира“. Тој ги стави стапалата на подот а потоа ја стави другата нога преку коленото. „Но не секирај се сега за тоа“, рече тој.
„’Не секирај се за тоа’, ми вели тој. Зошто не се погледнеш в огледало?“, рече жената.
„Не грижи се за мене“, рече старецот. „Ми се случиле и полоши нешта, а сè уште сум овде“. Тој тивко се насмеа и одмавна со главата. „Не грижи се за мене“.
„Како можам да не се грижам за тебе?“ рече жената. „Кој друг ќе се грижи за тебе? Дали женава со чанта ќе се грижи за тебе?“ рече таа, запирајќи доволно долго за да погледне кон госпоѓица Дент. „Сериозна сум, amico mio. Погледни се само! Боже мој, ако веќе не мислев на толку многу нешта, можев овде да доживеам нервен слом. Кажи ми, кој друг би се грижел за тебе ако јас не се грижам? Ти поставувам сериозно прашање. Толку барем знаеш“, рече жената, „па одговори ми“.
Белокосиот старец стана и повторно седна. „Само не грижи се за мене“, рече. „Грижи се за некој друг. Грижи се за девојката и за Капетанот Ник, ако сакаш да се грижиш. Ти беше во некоја друга соба кога тој рече ’Не сум сериозен, но вљубен сум во неа’. Така рече, од збор до збор“.
„Знаев дека ќе следува такво нешто!“ вресна жената. Ги собра прстите и ги крена дланките на слепоочниците. „Знаев дека ќе ми кажеш такво нешто! Но, не сум ни изненадена. Не, не сум. Волкот ќудта не ја менува. Никогаш не биле кажани поточни зборови. Човек учи додека е жив. Но, кога ние ќе се освестиме, ти стара будало? Тоа кажи ми го“, му рече таа. „Зарем си како муле кое прво треба да го удрат по челото со најдебел стап? O Dio mio! Зошто не се погледнеш в огледало?“ рече жената. „Добро погледни се, кога си веќе таму“.
Старецот стана од клупата и тргна кон чешмата. Ја стави едната дланка зад грбот, ја одврте чешмата и се наведна за да се напие. Потоа се исправи и си ја забриша брадата со опачината на дланката. Ги стави обете дланки зад грбот и почна да чекори низ чекалницата како да е на корзо.
Но, госпоѓица Дент можеше да види дека неговите очи го испитуваат подот, празните клупи, пепелниците. Таа сфати дека тој бара кибрит, и ѝ беше жал што таа нема за да му даде.
Жената се заврте за да го следи движењето на старецот. Го повиши тонот и рече: „Кентаки пржено пиле на Северниот Пол! Полковникот Сандерс 1F во парка и во чизми. Тоа ја пукна тиквата! Тоа беше лимитот!“.
Старецот не одговори. Продолжи со своето крстосување низ собата и застана пред предниот прозорец. Стоеше крај прозорецот, со рацете на грбот, и гледаше во празниот паркинг.
Жената се заврте кон госпоѓица Дент. Го потегна материјалот под раката од нејзиниот фустан. „Следниот пат кога ќе сакам да гледам филмови за Поинт Бероу2F на Алјаска, и за домородните Ескими, ќе го кажам тоа. Боже мој, тоа беше бесценето! Некои луѓе ќе изодат секакви раздалечини. Некои луѓе ќе се обидат да си ги убијат непријателите со здодевност. Но, треба да си таму“. Жената луто погледна во госпоѓица Дент, како да ја предизвикуваше да ѝ противречи. Госпоѓица Дент си ја зеде чантата и си ја стави в скут. Погледна во часовникот, којшто се чинеше дека се движи многу бавно, ако и воопшто.
„Не си многу зборлива“, ѝ рече жената на госпоѓица Дент. „Но, би се обложила дека би можела многу да кажеш ако некој те наведе. Нели? Но, ти си смотана. Попрво би седела со твоето стиснато усте додека другите се откорнуваат од зборење. Во право ли сум? Мирна вода. Така ли се викаш?“ праша жената. „Како те викаат?“.
„Госпоѓица Дент. Но Вас не Ве познавам“, рече госпоѓица Дент.
„И јас не те познавам тебе, по ѓаволите!“, рече жената. „Не те знам и не сакам да те знам. Седи си таму и мисли што сакаш. Тоа ништо нема да смени. Но јас знам што мислам, а мислам дека тоа е за никаде!“.
Старецот го напушти своето место крај прозорецот и излезе надвор. Кога се врати назад по една минута, имаше запалена цигара во чибукот и се чинеше подобро расположен. Рамената му беа исправени а брадата издадена напред. Седна крај жената.
„Најдов кибрит“, рече. „Стоеше таму, кутија кибрит веднаш покрај работ на тротоарот. Сигурно некому му испаднала“.
„Во суштина, ти си среќен“, рече жената. „А тоа е плус во твојата ситуација. Отсекогаш го знаев тоа за тебе, дури и кога никој друг не знаеше. Среќата е важна“. Жената погледна кон госпоѓица Дент и рече: „Млада дамо, би се обложила дека си доживеала тешки моменти во твојот живот. Го знам тоа. Изразот на твоето лице ми кажува дека сум во право. Но, не сакаш да зборуваш за тоа. Добро, не зборувај. Остави нè нас да зборуваме. Но, ќе остариш. Тогаш ќе имаш за што да зборуваш. Чекај додека ги дојдеш на моја возраст. Или на неговата“, рече жената и го стегна палецот на старецот. „Бог да чува. Но, сè ќе ти се врати. Кога ќе дојде време, ќе ти се врати. Нема да треба ни да го бараш. Тоа ќе те најде тебе“.
Госпоѓица Дент стана од клупата, со чантата, и отиде кај чешмата. Се напи вода и се заврте да ги погледне. Старецот заврши со пушењето. Го извади од чибукот она што беше останало од цигарата и го фрли под клупата. Го истресе чибукот во дланката, дувна во отворот и го врати во џебот од кошулата. Сега и тој ѝ посвети внимание на госпоѓица Дент. Ги втренчи очите во неа и чекаше заедно со жената. Госпоѓица Дент се подготви да зборува. Не беше сигурна од каде да почне, но мислеше дека би можела да започне со тоа дека има пиштол во чантата. Би можела дури да им каже и дека претходно таа вечер за малку ќе убиеше еден маж.
Но, во тој момент го слушнаа возот. Прво ја слушнаа свирката, потоа тропотливиот звук, сигналното ѕвоно, кога рампата на преминот се спушти. Жената и белокосиот старец станаа од клупата и тргнаа кон вратата. Старецот ѝ ја отвори вратата на својата придружничка, а потоа се насмевна и направи мало движење со прстите за госпоѓица Дент да излезе пред него. Таа ја држеше чантата пред себе и ја следеше постарата жена кон перонот.
Возот засвири со свирката уште еднаш и потоа застана на станицата. Светлото од кабината на машиновозачот одеше напред-назад по шините. Двата вагони кои го сочинуваа овој мал воз беа добро осветлени, па на тројцата луѓе на перонот им беше лесно да видат дека возот е речиси празен.
Но, тоа не ги изненади. Во ова доба, беа изненадени што воопшто има некого во возот.
Неколкуте патници во вагоните погледнаа надвор низ стаклото и помислија дека е чудно што тие луѓе стојат на перонот, готови да се качат во возот во тоа време од ноќта. Каква мака ги натерала да излезат? Ова беше доба кога луѓето би требало да мислат на одење в кревет. Кујните во куќите на ридовите беа чисти и средени; машините за перење садови одамна го имаа завртено последниот круг, сите работи беа на своите места. Ноќните лампи светеа во детските спални. Неколку тинејџерки можеби уште читаа романи, додека со прстите си играа со косата. Но, сега се исклучуваа телевизорите. Сопрузите и сопругите се подготвуваа за ноќта. Петте или шест патници, седејќи во двата вагони, гледаа низ стаклото и им се чудеа на тројцата луѓе на перонот.
Патниците видоа како една силно нашминкана средовечна жена во розов плетен фустан се качува по скалите и влегува во возот. Неа ја следеше помлада жена со летна блуза и здолниште и чанта во раката. Жените ги следеше старец кој одеше бавно и се држеше горделиво. Старецот имаше бела коса и свилена бела вратоврска, но беше без чевли. Патниците природно заклучија дека тројцата луѓе што се качуваат во возот се заедно; и беа сигурни дека што и да правеле тие тројца ноќта, не се завршило среќно. Но, во своите животи патниците виделе и многу поинакви нешта од ова. Светот е полн со секакви случки, тоа сите добро го знаеја. Ова, сепак, не беше можеби толку лошо колку што можело да биде. Од таа причина, тие едвај и повторно да помислија на тројцата кои минаа меѓу седиштата и ги зазедоа своите места – жената и белокосиот старец еден крај друг, младата жена со чантата неколку седишта зад нив. Во меѓувреме, патниците се ѕуреа надвор кон станицата и им се вратија на мислите за своите работи, оние работи кои ги мислеа пред возот да застане.
Кондуктерот погледна во шините пред возот. Потоа ѕирна назад, во правецот од којшто дојде возот. Ја крена раката и со својот фенер му даде знак на машиновозачот. Машиновозачот токму тоа го чекаше. Го заврте копчето и ја спушти рачката. Возот се придвижи нанапред. Најпрвин тргна бавно, а потоа ја зголеми брзината. Забрза уште повеќе додека минуваше низ темниот пејзаж, неговите блескави вагони фрлаа светлина крај шините.

Превод од англиски: Игор Исаковски

#b
1. Полковникот Сандерс е основачот на синџирот продавници за брза храна, Kentucky Fried Chicken. Неговиот лик е заштитен знак на оваа фирма. (заб. прев.)
2. Поинт Бероу е најсеверната точка на САД, во Арктичкиот Океан. (заб. прев.)

АвторРејмонд Карвер
2018-08-21T17:21:34+00:00 јануари 1st, 2005|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 40|