ВИСТИНСКИ ПОЕТСКИ ВОДОТЕК

/, Литература, Блесок бр. 99/ВИСТИНСКИ ПОЕТСКИ ВОДОТЕК

ВИСТИНСКИ ПОЕТСКИ ВОДОТЕК

ВИСТИНСКИ ПОЕТСКИ ВОДОТЕК

(кон поетската книга Вистинска вода
од Владимир Мартиновски)

Новиот поетски ракопис на реномираниот македонски поет, раскажувач, есеист, книжевен теоретичар и универзитетски професор од помладата генерација – Владимир Мартиновски – насловен индикативно Вистинска вода, донесува вистинска поезија за вистинска наслада. И во овој свој најнов поетски водотек, Мартиновски мошне успешно го продолжува прекрасното и инспиративното крстосување по универзалните траектории, податливи за вистинско поетско мајсторисување, што следствено и како по правило, кај него, донесуваат и исклучителни, вистински вредности. Мартиновски и во овој свој најнов поетски ракопис е веднаш препознатлив по бравурозните поетски остварувања вдахновени од копнежот по непознатото, од игривоста сфатена како животна филозофија на светот надвор и внатре во нас, од љубовта што прегрнува и бара да биде прегрната поради обновата на нејзината моќ, од екстазата на малите возбуди што знаат да ни донесат големи радости ако правилно и великодушно проникнеме во нив, од созвучната хармонична музика што ги обединува хоризонтите наоколу и ни ја облагородува душата итн.
Сето тоа како ингениозен поетски гест со повишен естетски полнеж, Мартиновски ни го назначи и со своите претходни поетски, но и прозни објави од различна провиниенција (хаику, танка, хаибуни, квартети за читање, пеење и слушање, песни во проза, поетски медалјони и слично), ама овде веќе како докажан, афирмиран и наградуван маестро на поетскиот збор, нè повикува сè поотворено и попроникливо да ѕирнеме во неговата вистинска вода, што со своите проѕирни површини го повикуваат гледачот (во случајов: читателот) да им се доближи, па и да ги зграпчи нив во еден здив што ќе рече дека водената функција тука е реинтегрирачка, примамувачка. Лирскиот субјект проникнува во неа и сведочи за нејзината вдлабоченост, плодност и штедрост. Такво потоа станува и уживањето, односно читателскиот впечаток од естетската пловидба низ стиховите на овој поет.
Книгата е поделена во четири циклуси: Мала олимпијада, Водени песни, Ѕидописи – куќописи – живописи и Летечки песни. Сите песни го задржуваат будно читателското внимание не само со својата содржина туку и со своите структурни посебности и со целосната дикција. Привидната едноставност на песните заведува, сепак, со својата внатрешна, затскриена слоевитост, како и со пораката што ја пренесуваат стиховите, што, пак, дополнително се осветлува и преку креативната реакција на поинаквите културни кодови, чиешто одново отелотворување во песните ја носи со себе и плуралноста на конкретните доживеани и преживеани времиња. Затоа, лирскиот субјект на Мартиновски и овде ефективно се покажува небаре како „сликотворно битие“, што често умее да се комплементаризира, да се задржи недопрено во неговата елементарна сплотеност или да се впушти во противдвижење и во премин кон следниот видик што му се отвора пред очи. Лирскиот субјект на Мартиновски е неверојатно способен да ја премине и да ја надмине „очигледноста на погледот“ благодарение, пред сè, и на очудената конструкција на неговите поетски слики. Затоа, таквата игривост овде е поливалентна: таа е посебна и единствена и според тематско-мотивската носивост, но и според необичниот графички и визуелен изглед на некои од песните. Меѓутоа, темпоралноста на зборот на тој начин се наближува со енормна брзина и кон својата смисла што претставува предизвик да се одгатне. Иако многумина од нас уште не се навикнати на тоа – времето да биде пресечено на слики – затоа што и филмот ни дава, впрочем, само илузија за континуитетот, треба да признаеме дека не е веќе доволно да ја толкуваме сликата само низ призмата на запреното време. А, оваа поезија ни го сугерира токму тоа: да им се вдахне живот на зборовите е секогаш можно, ако зад таквиот акт или чин и вистински застанеме, како што тоа го чини и „вистинската вода“ на В. Мартиновски: со целиот свој живот потпрен до срцето на светот.

2018-08-21T17:20:42+00:00 ноември 9th, 2014|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 99|