ВИКАЈТЕ МЕ ЕСТЕБАН

/, Литература, Блесок бр. 108-109/ВИКАЈТЕ МЕ ЕСТЕБАН

ВИКАЈТЕ МЕ ЕСТЕБАН

ВИКАЈТЕ МЕ ЕСТЕБАН
ВРЕВАТА, БЕСОТ И ТАА


Превод: Ѓоко Здравески

Ниеден поглед нема влезено во мене како нејзиниот. А ме гледале изгубени, разебани, бесни, весели, среќни, расплакани, психотични… Нејзиниот поглед ми продира во коските, ги пронаоѓа најоддалечените места. „Овде беше троседот, платнен, во три бои“, со раката покажувам на ѕидот. Се насмевнува. Со поглед ме храбри да продолжам.

„Трпезариската маса овде, и три столчиња, за нас тројцата“. Ја водам низ ходникот во другата соба, па во кујната. Со зборови цртам еден изгубен свет. Слуша. Толку добро знае да слуша.

***

Веќе десет години доаѓаме тука. Влегуваме во шупливата утроба на моето детство. Ми помага да ги исчистам подовите. Трча со мене кога ќе ми јават за поплава, кога црна вода ќе прсне и ќе ги извалка комшиските ѕидови. Стои со мене додека им се извинувам. Стои до мене и кога старите комшии ќе ме застанат и ќе ме прашаат: „Лејла, сине, зошто не се вселиш?“ А јас, којзнае колку години, им одговарам: „Не можам. Немам документи. Не ми даваат“. Имам само клуч и купишта сеќавања што немам каде да ги сместам. Ниша со главата кога тие ја опишуваат ваквата власт и ваквите времиња: „Зашто, душо, тие само тебе те имаа“. Или го вади трнот што ми се забил во прстот додека сум се обидувала да ја затнам дупката во изгниените прозорци.

Се враќам во собата, најтивко што можам. Стојам покрај прозорецот. Долу пред зградата, одразот од месечината се тутка во вирчињата. Таа изненадно се сепнува, се исправува во креветот, ме вика. „Тука сум. Спиј“, велам. Таа нејќе, будна е, по малку уплашена. „Да си одам?“, прашувам.

„Што ти е пак?“ „Страв ми е, види го невремево. Да не попуштат прозорците. Ќе пукнат стаклата. Да понесам селотејп, да ги облепам рабовите? Којзнае што би можел ветрот да нанесе“.

Ме вика по име. Седнувам на работ од креветот. Ме гушка одзади. „Сè е во ред“, шепоти. Ветува дека сабајле заедно ќе отидеме, ќе провериме, ќе средиме сè што треба. А сега да легнам, не може да ја пробдеам ноќта. Еве, и Кики повторно се склопчи. Се вовлекувам под ќебето. Ја бакнувам. Таа ме гушка, а јас сè повеќе се прилепувам до нејзиното тело, до нејзината слика за светот. Го сеќавам нејзиниот мирис и сфаќам дека животот не ти враќа секогаш според заслугите. Зашто јас неа со ништо ја немам заслужено. И потем, додека надвор трештат молњи и јачат громови, тонам во сон, верувајќи сега малку повеќе во тоа дека сепак сум преживеала.

АвторЛејла Каламуиќ
2018-12-14T08:55:28+00:00 август 19th, 2016|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 108-109|