Близината на далечината

/, Литература, Блесок бр. 84/Близината на далечината

Близината на далечината

Звонко Танески: Македонско-словачки компаративни согледби (студии и интерпретации), Институт за македонска литература, Скопје, 2012

#1 Секој елемент ја содржи својата спротивност која му дава животна референцијалност, потребно значење и длабока смисла. Наизменичното исполнување на едната или другата спротивност не подразбира само исклучување, непријателство и антагонизам, туку и комплементарност во една целина. Всушност, иманентната цел на секое постоење и дејствување е неговата спротивност. Премините од една во друга крајност ја јакнат вербата и можноста слабото да стане јако, маргиналното да добие важност, далечното да биде блиско, нeпознатото да стане познато.
Книгата Македонско-словачки компаративни согледби (студии и интерпретации) на Звонко Танески токму тоа го прави, ги приближува двата далечни и недоволно меѓусебно познати културни простори на Македонија и Словачка. Имено, таа претставува сублимат на авторовиот долгогодишен ангажман на полето на македонско-словачките и словачко-македонските културни врски, како дел од пошироката книжевна компаративистика. Се работи за прилози посветени на веќе реномирани македонски и словачки автори и нивната рецепција во двете културни средини, од кои би ги изделиле: Кочо Рацин, Блаже Конески, Владимир Реисел, Милан Рихтер, Јордан Плевнеш и други. Како карактеристично достигнување ја истакнуваме компаративната студија за поезијата на Милан Руфус и Матеја Матевски во која се претставени нивните развојни периоди, меѓусебни сличности и разлики. Обемната и значајна тема, „Огледало на надреалистичката поетска интуиција: словачките 30-ти во македонските 50-ти години на дваесеттиот век“ спаѓа во доменот на посебните компаративистички истражувања кои се користат како важен сегмент во проучувањата на развојните текови на македонската книжевност. Со своја специфичност се одликува методолошката студија посветена на теориско-методолошките развојни патишта на компаративните литературно-научни истражувања во Словачка и Македонија. Забележителни се и трудовите посветени на авторите од помладата генерација кои со своето творештво го свртеле вниманието на Танески; меѓусебната презентација на антологиските избори во двете земји; како и кусите пригодни претставувања, во двете земји, на значајни изданија од македонската и словачката литература.
Накусо, книгата на Звонко Танески се одликува со научна втемеленост и широко културно и политичко значење за подобро меѓусебно запознавање на македонскиот и словачкиот народ чии односи датираат уште од времето на Кирилометодиевската мисија во Словачка. Од тогаш до денес, тие односи се карактеризираат со коректност, взаемно разбирање и блискост, но за жал и со недоволен комуникациски интензитет, за што сведочи исцрпната библиографија поместена на крајот од книгата. Бројните прилозите, од книгата на Танески, се добар пример за тоа како на изглед „малите“, но сериозно разработени теми, се податливи за компаративистички истражувања, бидејќи ги откриваат специфичните заобиколни патишта на допирите и вкрстувањата на различните културни модели на двете далечни, но сепак блиски земји.

2018-08-21T17:20:54+00:00 јули 1st, 2012|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 84|