Блесокот и падот на другарот Зило

/, Литература, Блесок бр. 125/Блесокот и падот на другарот Зило

Блесокот и падот на другарот Зило

Таа зеде и запали една цигара од моите. Знам дека е тажна. И овој пат не ѝ ја исполнив желбата. Ја оставив сама да оди во Драч и не бев дел од нејзината радост.

– Ти размислуваше да почнеш да пишуваш роман, Демка. Темата за која ми раскажуваше е многу убава… – ми вели по тишината, со запалената цигара в рака.

Јас седнав на столот уморен. Го стегам челото со рака и ѝ велам:

– Не го почнувам воопшто, Зејнепе!

Зеjнепе молчи и јас чувствувам дека нема да ми одговори. И да ми одговори, ќе ги обвини извештаите за сè. Таа извади една нова книга од чантата и ја остави на масата. Потоа почна да го подготвува ручекот. Јас ги гледам кориците на книгата и седам замислен. Зејнепе, додека ја сервира манџата во чинии, ми вели:

– Демка, ти подолго време не си прочитал книга. Ти имаш толку многу книги на албански, руски, француски… Ти порано читаше…

Се срамам од Зеjнепе како од странец. Другите знаат дека читам. Вистината е дека почнав воопшто да не читам книги. Читам само извештаи и одлуки и од нив вадам цитати, и тоа од Маркс, Ленин, Сталин, Мао Це Тунг. Цитатите ми требаат за реферати и за документите што ги подготвувам.

– За ова си во право. Прашањето е дека условите на читање ми се отежнати. Секојдневните обврски во комбинација со некои други околности ме ограничуваат и принуден сум да се занимавам со низа други работи кои се надвор од книжевната креативност, ѝ велам механички, без размислување.

Таа станува. Моите зборови ја зачудуваат.

– Демка – вели таа – ти си заборавил да зборуваш!…

Јас се смеам.

– Ти денес ме чудиш со твоето неочекувано однесување.

– Како да не се чудам? Ти велиш: „За ова си во право“. Ти не зборуваше вака порано…

Јас се враќам во реалноста. Без да бидам свесен, сум зборувал со сопругата на јазик што го користам за пишување на извештаи… Се тресам, но се воздржувам. Не сакам да покажам слабост пред очите на сопругата.

– Не сфаќај ме сериозно. Јас се шегувам.

– Не се шегуваш, Демка, не се шегуваш! – ми вели и ја остава чинијата пред мене. Ах, Демка, ти го забораваш албанскиот јазик.

Ручајќи, јас размислувам за својот живот, за другарот Зило и чудно, и за Аранит. Меѓу нас тројцата сигурно ќе се случи нешто. Не е можно да не се случи! Текот на настаните ќе се движи по друг пат. Цел живот со извештаи ли ќе се занимавам? Што ако беше Аранит на местото на другарот Зило, тој немаше да се понижи и да бара од мене да му пишувам извештаи!

– Не може! – се развикав со лажицата в рака.

– Демка, што ти се случува? – рече Зејнепе загрижена.

– Ништо важно! Размислувам.

Таа ми се доближи загрижена и ми рече:

– Демка, земи еден извештај!

Ја погледнав чудно:

– Јас секој ден земам извештаи!

– Ах, Демка! Јас ти зборувам за лекарски извештај! – воздивна таа.

АвторДритреро Аголи
2019-06-14T20:21:43+00:00 мај 30th, 2019|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 125|Tags: |