Блесокот и падот на другарот Зило

/, Литература, Блесок бр. 125/Блесокот и падот на другарот Зило

Блесокот и падот на другарот Зило

Другарот Зило се насмевна.

– Културата и музеите се неразделни. Еве, Демка работи во твојот сектор, но е тесно поврзан и со мојот сектор! – рече другарот Зило.

Во меѓувреме влезе другарот Ч. Тој го држеше извештајот в раце.

– Што ви е, што се расправате? – рече тој.

Другарот Шемседин го погледна Зило, но не рече ништо. Другарот Ч., без да го погледне другарот Шемседин, му го предаде извештајот на другарот Зило.

– Еве, прочитај го! Додај нешто што мислиш дека е разумно и подготви се да зборуваш! Состанокот ќе биде многу важен. Ти разбираш што значи многу важно! – рече другарот Ч.
Другарот Зило го зеде извештајот и седна на столот, погледнувајќи го другарот Шемседин триумфално.

– Другар Ч. – рече другарот Шемседин.

– Зборувај! – рече другарот Ч.

– А извештајот да го презентирав јас! – рече тој.

Другарот Ч. го погледна и се насмевна.

– Извештајот ќе го презентира Зило. Тој има подобар глас од твојот. Чита поубаво, посмирено. Ти се возбудуваш – рече другарот Ч.

– Но, јас се изморив со… – рече другарот Шемседин.

– За работата ти се заблагодаруваме. И ти и Демка помогнавте за извештајот да се состави добро и точно. Сите работи за кои ви кажав јас сте ги навеле во извештајот… на крајот на краиштата, на еден извештај работат повеќе пријатели, но еден го презентира… – рече другарот Ч.

Потоа другарот Ч. ме фати за рака и излеговме од канцеларијата. Во ходникот тој застана и ми рече:

– Се мислам и јас да се обратам во името на високото претставништво. Еден краток осврт од осум до девет страници ќе биде. Но, имам многу работа. Еве сега ќе одам на состанок. Те молам, седни едно попладне и подготви ми го документот! Темата ќе биде за подготовката на режисерската рамка. Со еден збор, што правиме ние за подготвувањето на новите театарски кадри. Документот го сакам јасен и на едно високо теориско ниво. Не ни се дозволува да разговараме на ниско културно ниво. Состанокот е сериозен! Потруди се, Демка, потруди се! – ме потапка по рамо другарот Ч.

– За кога сакате да ви биде подготвен документот? – прашав јас.

– Утре.

– Добро.

Тој се врати во својата канцеларија, јас останав во ходникот. Се чувствував уморен. Вечерва повторно ќе пишувам во трпезаријата и сопругата плетејќи, очајно ќе ме гледа. Таа ќе ми зборува за убавите статии на Адем Адаши.

АвторДритреро Аголи
2019-06-14T20:21:43+00:00 мај 30th, 2019|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 125|Tags: |