Блаже Конески како текстовен преведувач и заведувач

/, Литература, Блесок бр. 31/Блаже Конески како текстовен преведувач и заведувач

Блаже Конески како текстовен преведувач и заведувач

Се случувало, во бројни преводи, Конески да отстапи од некои формални својства на оригиналот. На пример, ќе изберел друг метар од првичниот, или ќе решел парцијално да отстапи од она што обично се нарекува прозодиска структура на оригиналот. Меѓутоа, главна негова цел била да произведе онаков впечаток, да постигне такво доживување на текстот, какво што читателот има при средбата со оригиналот (доколку го познава јазикот на оригиналот). За Блаже Конески тоа претставува еквивалент за поезија. Без него не би постоело успешно преведување. Во тој случај и не би смеело да се преведува.
Но, за Конески оригиналот не е неприкосновен, сакросанктен, во една теснозначна, педантериска смисла. Во тоа можеме и да се увериме: за да постигне оптимален емоционален впечаток од текстот кој го преведува, тој на оригиналот му пристапува многу слободно. Оттаму, предрасудите за т.н. точност на преводот треба да се отклонуваат. Но, кога се работи за поетски превод, треба да се имаат предвид и некои условности без кои не би можело да се очекува дека, во нашиот јазик, на местото од оригиналот, може се добие поетски еквивалент. Се разбира, тоа не значи, дека треба „да се изневери пораката на оригиналот“ (Конески). Во принцип, самото пренесување на една материја од еден во друг јазик, веќе го прави невозможно чувството за стопроцентен адекват.
Но, постојат историски случаи кога преведувајќи странски поети или прозаисти, преведувачот, во буквална смисла на зборот, креира адекватна поезија или проза на својот мајчин јазик. Таков е случајот со Е.А. По, преведен од страна на Шарл Бодлер, потоа со В. Шекспир на германски јазик, со Н.В. Гогољ преведен на француски од Проспер Мериме, а исто така и со Хомеровата Илијада препеана од Леконт де Лил… И препевот на Горски венец, на пример, би можеле да го сместиме во оваа долга листа. Кај нашиот Блаже Конески тој звучи како да е напишан на македонски јазик. Конески не се трудел да добие препев на современ поетски израз. Напротив. Усвојувајќи елементи од народната традиција, тој настојувал на својот јазик да му даде извесна „патина“: користел десетерец, метафори од епската народна поезија, архаичен стил… Затоа во неговиот превод се чувствуваат отстапки од современата јазична норма.
Има еден момент кој вреди да се спомне. Во сестраниот лик на Блаже Конески се разоткрива двојност. Заправо, речиси е невозможно да се разграничи дали е тој поет-препејувач или препејувач-поет. Токму таа врска е решавачка за неговиот однос кон преводот, воопшто. Се разбира, со преведувачка активност може да се занимава и оној кој не е поет. И тоа е факт. Постојат, на пример, одлични преведувачи кои никогаш не се занимавале со пишување оригинални текстови, но сепак, мој личен став е дека поетите-препејувачи (во прозата владеат поинакви правила) се чекор понапред од непоетите-препејувачи. Еве еден, можеби и ординарен пример: откривањето на метрите коишто му лежат на еден јазик. Тоа може да настане најпрво кој некој поет кој е активен, поточно, во неговата лична практика, а дури потоа да биде пренесено во неговите препеви. Амфибрахот што поетот Блаже Конески го употребува најпрво во „Тешкото“, подоцна свесно го пренесува и адаптира во поемата Локвата и Вињари од Лазар Поптрајков. Тој метар му одговара на нашиот поетски јазик и придонесува поемата да прозвучи побогато, отколку што е тоа случај во самиот оригинал!
Блаже Конески сам засведочува за односот поет-препејувач: „Интимно, не сум го двоел преведувањето од пишувањето свои поетски текстови. Тие две пројави се тесно сврзани во еден единствен опит, од кој произлегува дека во некои моменти работата врз преводот можела да ги подготвува новите етапи во оригиналната поезија“.
Творечки импулс мора да постои за да има добар резултат.
Американската поетеса Дајана Ваковски ќе каже: „Денес неспоредливо повеќе се цени пишувањето просечна оригинална поезија отколку создавањето поетски препеви со високи уметнички дострели… Преведувањето, а особено преведувањето поезија, претставува една од најмакотрпните задачи во книжевноста… Отсекогаш сум чувствувала неизмерна почит кон оние поети кои нашле доволно храброст во себе и еден дел од својот творечки гениј насочиле кон преведувањето поезија“ („Почит кон поетите преведувачи“ ин: „Огледало“, број 74-75, стр.3)
И токму во рамките на поетскиот превод, Блаже Конески има богат опит. Еднаш дури рекол дека она што може да се нарече сладост на родниот јазик, го почувствувал особено тогаш кога му успеале некои преводи.
Тука е и решението на загатката, зошто во збирките поезија, Блаже Конески ги поместувал своите препеви. Одговорот е јасен: кај него, чинот на превод е издигнат на рамниште на творештво, креација.
Ваква максимална слобода во преведувањето наоѓаме и во циклусот песни „Пораки од Исток“, во кој не постои никаква метатекстуална назнака (ниту во насловот на книгата, ниту во насловот на циклусот), дека станува збор за препеви. Поради ваквата презентација, читателот во старт е збунет и се прашува за што станува збор, за авторски препеви или за авторски песни. Единствено адаптациите на песните „Носорог“ на Готама Буда и „Танцот на евнусите“ од Камала Дас, се дадени со имињата на оригиналните автори, иако и тука постојат дополнителни индикации дека не станува збор за обични препеви, туку за слободни обработки, верзии и варијации. Дека овие „препеви“ се, всушност, (слободни) креативни обработки, буквално е истакнато во случајот со песната „Плач за градот Ур“ во чиј поднаслов стои дека се работи за поетски текст напишан „спроед еден сумерски ламент“, а во една белешка на крајот од текстот, дека текстот во оригиналот содржи 436 реда и дека обработката на Блаже Конески има само 83 стиха. Покрај тоа, избегнато е и челното истакнување на името на авторот на оригиналниот „Плач…“, Апил-Сумуган, кое е споменато само во белешката. Сличен случај имаме и со тибетанската молитва „Повикување на душите“. Гледаме дека овие препеви на Бл. Конески отстапуваат од вообичаената претстава за препевот. Тие не се само креативни транспозиции на оригиналите во светот на јазикот и културата на препејувачот, тие не содржат само едноставни творечки грешки нужни за да се постигне семантичка и стилска аналогија меѓу оригиналот и препевот, туку (содржат) и нешто повеќе од тоа. (К. Ќулавкова, „Интертекстуални аспекти на поетиката на Блаже Конески“, стр. 6). Може да се каже дека, на Бл. Конески, текстовите му послужиле само како отскочна штица и дека преку неговиот поетски генератор тие акумулирале сосем инакви стиховни производи. Оддалечувајќи се од преводот, тие се упатиле кон лириката, типична за Бл. Конески, и застанале на полпат припаѓајќи и ваму и таму.
Ваквото пренесување на пораката/текстот во усната традиција се нарекува патувачки мотив. Имено, од една средина мотивите преминуваат во друга и помалку се бара некаква оригиналност (именката која, во време кога „живееме туѓи животи“, дозволено ни е да ја исмееме), а повеќе се истражуваат начините како, со средствата на сопствениот јазик, поубаво да се искаже некоја содржина, можеби веќе позната како мотив кој од еден народ преминал во друг. И, се разбира, никој не го поставува прашањето за оригиналноста. При усното творештво, на пример, имаме преведување или прекодирање на пораките. Пораката добива нов јазичен израз, нов код. На даден мотив, содржина, се развива нова варијанта. Во македонски контекст, најеклатантен пример наоѓаме во книгата „Чудеса пресвјатија Богородици“ на Јоаким Крчовски, во која има раскази што се содржани и во „Панчатантра“ (Бл. Конески во Разговори со Конески, стр. 413).
Во пишуваната литература, зависно од епохата, праксата е малку поинаква. Има епохи што не водат толку сметка за авторството, но има и други кои одат до парцелизација во тој поглед. Таа почнува со капитализмот. Оттогаш се инсистира на оригиналност, се гледа со потценување на оној кој нешто позајмува а, при тоа, се заборава на пример, дека целиот Шекспир, целото дело на Вилијам Шекспир, се потпира врз такви „позајмици“.
Во делото на Блаже Конески препознаваме виртуозен стилист. Преведувачот може да го знае одлично јазикот на оригиналот и практично да се служи со него, да зборува, да пишува. Може, во иста смисла, да го познава и сопственот јазик. Но, ако не е стилист тој никогаш не ќе може да ги открие валерите на книжевниот текст, нешто што во препевите на Блаже Конески функционира како неизбежно начело.
Како и многумина други теоретичари и преведувачи, и Блаже Конески смета дека, во техничка смисла, задачата на преведувачот е потешка од онаа на авторот. Неговиот избор е ограничен со одредени параметри кои ги наложува оригиналот. Од друга страна пак, авторот е послободен во својот избор.
Бездруго, во однос на индивидуалноста на преведувачот, се наметнува споредбата со изведувачките уметности. При изведбата на пример, во една музичка партитура, секој изведувач внесува нешто од својот темперамент, од своето чувствување, по што некои интерпретатори прозвучуваат многу посугестивно и попривлечно. Сè зависи од мајсторот.
Успехот на едно дело во туѓа културна средина зависи, се разбира, и од тоа дали е тоа воопшто преведено, но ако преводот е лош изгледите за успех стануваат уште полоши. Најбитна е трансплатацијата на делото. Тоа е исто како калемењето во ботаниката или трансплатациите во хирургијата. Треба да се погодат и материјалот и времето и местото.
Проблемот на литературните преводи е поставен уште од Ј.В. Гете во неговото дело Поезијата и вистината во кое спротивно на романтичарската теорија според која поезијата е непреводлива, се тврди дека „поезија е она што останува во една преведена песна“. Тоа е веќе проблем на поетската мисла. Имено, не е најважна смислата, туку силата на зборот. Се разбира, овој став не оди против филологијата, но сакам да нагласам дека филологијата сама за себе не е доволна. „Значи, вели францускиот преведувач Анри Мешоник, потребна е филологија плус поетика, односно литературното преведување треба самото да стане литература, а не да биде само пасивен премин од еден во друг јазик“ („Преведувањето е поетика, а не филологија“ ин: „Огледало“, број 57, стр.3). Површно е да се бара некава стопроцентна адекватност со оригиналот. Таквото гледиште Бл. Конески го оценува како „примитивно“, затоа што тоа, всушност, и не е можно.
Што може уште да се каже како заклучок освен фактот дека во преводите на Блаже Конески јасно се чувствува неговата поетска поетика, неговата силна и индивидуална творечка потенција, која не го сузбива оригиналот, туку напротив, складно го пренесува, го трансформира, го „препишува“, небаре е напишан на македонски.
Во тоа на Конески сојузник му е уште еден поет-препејувач, А.С. Пушкин. Тој вели: „Ако поетот бил слободен во создавањето, зар јас, неговиот преведувач, можам да бидам роб? Слободата не се преведува со послушност, а најмалку со потчинетост” („Преводот…“ ин: „Огледало“, број 66, стр. 2).

Библиографија:

Цане Андреевски, Разговори со Конески. „Култура“, Скопје, 1991;
Валтер Бенјамин, „Задачата на преведувачот“;
Дајана Ваковски, „Почит кон поетите преведувачи“ ин: „Огледало“, број 74-75, Скопје, март-април 2002;
Лидија Капушевска-Дракулевска, Поетика на несознајното, „Магор“, Скопје, 2001;
Блаже Конески, Собрани дела, „Култура“, Скопје, 1990;
Анри Мешоник, „Преведувањето е поетика, а не филологија“ ин: „Огледало“, број 57, Скопје, ноември 2000 година;
Жорж Мунен, „Теоријата на преводот овозможува појасно согледување на проблемите“ ин: „Огледало“, број 74-75, Скопје, март-април 2002;
А.С. Пушкин, „Преводот…“ ин: „Огледало“, број 66, Скопје, 31 јули 2001 година;
Катица Ќулавкова, „Интертекстуални аспекти на поетиката на Блаже Конески“.

АвторЖарко Кујунџиски
2020-06-24T13:15:52+00:00 март 1st, 2003|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 31|