Балканската еретика на љубовта

/, Литература, Блесок бр. 25/Балканската еретика на љубовта

Балканската еретика на љубовта

Изгледа дека балканското и – особено – македонското женско писмо уште долго ќе се сведува само на куражните поединечни примери, пред сè оние на маркантните поетеси од калибар на Даница Ручигај, Лилјана Дирјан или Катица Ќулавкова. Појавата на некоја автентична/автохтона балканската Ерика Јонг/Erica Jong просто е – невозможна.
Балканските писатели и писателки – изгледа – признаваат, „објавуваат“ и „разгласуваат“ дека се кадарни да сакаат само во „класични“ и за оваа потреба „програмирани“ литературни жанрови: најчесто лирски песни (да речеме – оние на Ацо Шопов), понекогаш некои кратки прозни форми, сосема ретко и сосема исклучително цели романи (да речеме – „Роман за Лондон“ на Милош Црњански).
Драмите се засебна приказна. Со нив, впрочем, најмногу и ќе се занимаваме. Подоцна.
Заклучокот што се наметнува безмалку е бизарен:
Балканските писатели и писателки – изгледа – Другиот го сакаат и го посакуваат само како Неговото Височество Читател (или Гледач), оној општ и масовен, кој вообичаено го именуваме публика. Нивната писателска љубов кон таа нивна читателска/гледателска публика, што и да значи овој загадочен квалификатив (загадочен особено во македонските услови), изгледа дека е поинтензивна отколку љубовта кон „избраникот-избраничката на нивните забрефтани срца“, како што би рекле авторите на оние хиперсентиментални романчиња за масовна употреба.
Како и да е, просечно внимателниот читател на македонската литература лесно ќе детектира дека таканаречените „љубовни теми“ не котираат особено кај незините респектабилни автори и авторки: исклучувајќи ги таканаречените лирски (љубовни) песни (во кои, нели, емотивниот „восход на метафорите“ однапред се подразбира), прозата и драматиката главно стасуваат до констатирањето на „наједноставните“, главно типизирани љубовни ситуации. Додека самиот љубовен исказ, дури и кога е емотивно најекспониран, не го развива сопствениот јазик подалеку од еднозначните трисложни констатации од типот јас-те-сакам.
Како да се стеснува да оди подалеку!
Како да му е срам!

* * *

Занимавајќи се долго и консеквентно со македонската драматика, не само онаа што вообичаено се нарекува современа туку со интегралниот корпус на македонското драмско писмо, одамна забележав дека македонските актерки навистина се прави: тие, имено, тврдат дека севкупниот овој драмски дискурс е испишан како еминентно машки, што се гледа и од начинот на кои се градат/развиваат неговите драмски ликови. Интересни и предизвикателни за толкување секогаш се – машките. Оние женски, освен кога не се работи за „грамадни“, „херојски“ мајки-страдалнички, врз/околу чијшто патос и се разработува сета драмска тензија, главно функционираат така што драматуршки ги „потпираат“ машките. Машките ролји секогаш се побројни, поактивни, поагресивни, драматуршки поразвиени, за толкување поинтересни. Во севкупната македонска драмска актива жените одвај да имаат што да играат: и кога ќе се погоди некоја „поголема“ партија, таа е однапред лишена од секаква страст. Освен од страстта за продолжување на родот.
Македонските драмски писатели – дури и ретките писателки! – како навистина да не умееат страсно да љубат!
Уште од деветнаесетовековните почетоци на македонската авторска драматика, евидентна е извесна сакрализација, поточно беатификација на љубовта, наследена (бездруго) од долгата европска традиција, сета христијански чедна, црно-бела и квази витешка. Инструментализирана во рамките на ваквиот цврсто затворен, всушност ригиден контекст, љубовта се разбира како „возвишено чувство“, чијашто чистота – бездруго етерична, над-земска и (бездруго) ослободена од секаква телесност – со ништо не смее да се доведува во прашање. Несомнено станува збор за љубовта како екслузивен „производ“ на строго машка имагинација, како една од оние типично машки фантазии од кои однапред се исклучува секаква другост.
Ваквата „чиста љубов“ жената ја претвора во „едноставно суштество“ (лишено од слободната волја и, се разбира, од страста!), во пасивна појава, накусо – во објект. Здобивајќи се (однапред, автоматски) со сите атрибуции што мажите, уште од времето на патникот Одисеј, големопоседнички ѝ ги определиле/наметнале како „типично женски“, таа однапред се здобива и со обврска да биде „убава“, „кревка“, „кротка“ и „беспомошна“ – за да може мажот-витез да ја штити на секој чекор! И да ја обожува, попатно, кога ќе има време – обично помеѓу две битки или две скитања, сеедно! Таквата жена-кукла – лишена не само од сопственото тело, но и од духовните потреби – и нема што да прави (со сопствениот живот), освен на својот „витез-заштитник“ да му ја исполнува со единствената и вечна („женска“) обврска – да биде и остане чесна. До последниот здив.
Во светот на машките фантазии на ваквата чесна жена беспоговорно ѝ е наменета само една задача, не само драматуршка но и животна: да го одржува родот/домот, раѓајќи деца и претајќи по огнот! Правејќи вака, функционирајќи (значи) исклучиво во рамките и во полза на овие две свети задачи (бидејќи, нели, таа и не може да има некои други/поинакви потреби), чесната жена постепено ќе му се доближи на самиот идеал на женскоста и на женственоста, не само екуменски туки и лаички: ќе се изедначи со Пречиста Богородица, со Господова Мајка! „Ние сè уште живееме во цивилизацијата каде што посветената претстава за женственоста целосно се ресорбира во мајчинството, беатифицирано во ликот на Богородица“ – вели Кристева, пред петнаесеттина години (Julia Kristeva, 1983:67).
Тешко дека во меѓувреме нешто се има сменето, особено на Балканот, наспроти сите технолошки и други поместувања низ кои светот молскавично поминува.

2018-08-21T17:21:51+00:00 март 1st, 2002|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 25|