Александар и смртта

/, Литература, Блесок бр. 39/Александар и смртта

Александар и смртта

(извадок)

Александар умре. Мртов е Александар.
Боледуваше целава пролет. Остана долго во планините, во Екбатана, како да е таму зафатен, како да е таму неговиот престој најпотребен. Го одлагаше колку што може доаѓањето во Вавилон. Боледуваше, јас тоа го знам, зашто бев постојано крај него, но сакаше тоа да не се види, да не се дознае. Ја криеше својата снеможеност, своите сè почести, папсувања. Ги криеше и од мене а, чинам, и самиот од себе. Не умееше да боледува. Човек кој не умее да боледува, не умее ниту да живее. Та последниве месеци и животот му беше раскинат и растрган. Се зафаќаше де за едно, де за друго. Неколку дена мислеше само на градбата на новата флота, на новиот поход кон просторната Арабија, потоа ќе ги сменеше мислите. Се грижеше само за даноците, та ќе ја оставеше и таа, секогаш тешка и макотрпна работа, лут и незадоволен поради сè помалиот дотек на злато, на пари, на бесценети камења во царскиот трезор и со насобраната лутина ќе се фрлеше во создавањето на новата македонско-персиска фаланга. И тоа не се исполнуваше според неговите планови и замисли зашто Македонците не сакаа да се мешаат со Персијците. Персијците, пак, како што на сè гледаа одвисоко и во фалангата влегуваа како да мораат некому да оддадат почит што им е наметнато и што им тежи. Лутината му ја зголемуваше и нивното постојано изнудување на подобри места во фалангата, нивните понекогаш прикриени, понекогаш отворени уцени персиски офицери да добиваат повеќе полкови, во штабот да ги заземаат местата од кои повеќе се гледа и повеќе се може во сите воени работи. И во работите со снабдувањето, со парите, со оружјето. Кога ќе се засркнеше од бесот што му го носеа тие грижи, ќе се зафатеше со смирување на бунтовите во некои сатрапии. Бунтовите најчесто беа невидливи, но постојеа како сириште во млекото – малу е, невидливо е, но работи однатре, расипува и менува. Потоа ќе почнеше да се јаде околу ковницата за пари во која златото што влегуваше не даваше пари колку што тежи или во парите ќе се втопеше повеќе сребро. Пролетва беше Александар и лут на сè околу себе, бесен. Но најмногу на својата болест. Една ли беше, не знам. Мислам дека беа повеќе и дека се менуваа, непогрешливо како стражите пред неговиот шатор. Филип, својот лекар, го испрати во Вавилон за да не му ги гледа болестите. Се осамуваше, пиеше само тесалско вино за кое мислеше дека единствено може да го излекува, заедно со планинската свежина на Екбатана. Кога ќе се сретневме гледаше низ мене како во прозорец. Во Вавилон болестите излегоа на видело, боледуваше јавно, сè поснеможен, понемоќен и послаб.
Тој умре и сега сум јас растрган, несобран и растурен. Почнав првпат во животот, дури беше болен во Вавилон да принесувам жртви, почнав да разговарам со ѕвездознајци, со пророци, со маѓосници. А никогаш до пред овој ден, пред денот на смртта на Александар, не сум ги броел парите што ги имам. Вечерва ги избројав. Никогаш до сега не сум дал ништо на питач, денес, кога умре Александар, ги дарував сите питачи пред палатата и пред театарот. Никогаш порано не сум пишувал ништо. Вечерва почнав да пишувам. Зошто? Утрово, кога се смири, беше во смртта помлад. Заличе на она момче од Миеза и помислив на тебе, учителу. Сакав да си тука. И во себе почнав да ти говорам. Вечерва почнав да ти пишувам.
Ти се обраќам тебе, учителу, но, со зазор и стеснетост. Ти ме знаеш. Како што рече еднаш – јас сум бил од оние од третиот ред. Од оние кои најмалку се истакнуваат, кои стојат одзади молчаливи. А почнав да ти пишувам без да знам што. Седејќи, налактен врз таблата за пишување, мислам: што ќе пишувам? Зошто токму тебе? Ќе пишувам за Александар, за сè што стана со него. Пишувам зашто тоа ме смирува повеќе од сè друго што досега не сум го правел. Она што до сега сум го правел ми го чинеше сиот мој живот несреќен и празен. Сега, пишувањето ме исполнува и ме празни во исто време, како водата што тече од изворска водопадна река во валавнички сад – тој е и празен и полн, а водата натаму одминува, ослободена и од падот и од садот. Така во мене нешто се полни и се истишува од пишувањево. Зошто токму тебе ти се обраќам? Прво – немам кому. Се чини дека оние од третиот ред немаат пријатели, немаат доверливи и блиски луѓе, ниту познати, ниту случајно сретнати на кои можат да им речат нешто што им доаѓа на уста од самата утроба. Затоа сме може, ние, како ти што велиш, од третиот ред, молчаливи и повлечени. Александар умре. А ти знаеш дека тој ми беше сè, и сега, кога го нема, јас сум откинат од сопствениот живот, нема зошто да постојам. А ти пишувам зашто го знам и твоето бескрајно љубопитство. Еднаш, во Миеза, пред вечерниот одмор ти, ми се стори тогаш како за себе да си рече, како да прошепоте загледан во него: „Што ли ќе стане од тебе?“ Не чув добро – дали рече од тебе или со тебе, или може – во тебе? Но знам дека го гледаше со љубопитно око, премрежено од мисла, како првпат да го гледаш и како да одгатнуваш во исто време што ќе биде со него. Може си го прошепотел тоа зашто само јас бев во близина или само така ми се сторило. Може јас самиот да сум ги поставил тие прашања гледајќи го твојот поглед, твоето мудро и загрижено лице. А може во тој миг да сме помислиле исто, та ми се сторило дека тоа шепнешкум ти и си го рекол? Александар умре и јас седам и ти пишувам за него. Имам некое матно и страшно чувство дека дури сега почнува неговиот живот, со смртта. Дека сега, допрва и слободно ќе се види што стана со него, во него и од него. Ти, сигурно сè си следел во годиниве во кои не си се видел со Александар. Сте се допишувале. Но тој никогаш не ја пишувал вистината. Те известувал за сè што прави, ти праќал и ретки животни и билки, ти опишувал места низ кои минувавме но за себе ништо не ти кажувал. Тоа сигурно го знам. А тука, на дворот, во штабот, меѓу истакнатите Македонци постојано се прикажуваше, шепнешкум, дека Калистен, твојот внук, дури беше жив, ти праќал скришни писма. Може, не знам. Но знам дека Калистен не го познавеше Александар иако си вообразуваше дека тој за него е бистра вода. А и под бистрата вода, меѓутоа, може да има тиња, мил. А Калистен не го знаеше тоа. Тој беше заслепен со блесокот на царштината, со славата на победите. Упатен беше во сите дворски интриги кои ги сметаше за неизбежна страна на самата вистина. Не, тој не го познаваше Александар и најмалку го знаеше токму она што Александар беше. Тука е, сигурен сум, во тоа незнаење, или во тоа погрешно знаење, и причината што Калистен ја загуби главата. Сметаше дека со Александар може сè да си допушти. Не знаеше дека може само она и само онолку колку ќе му допушти самиот Александар. А тебе, знам, токму она што не го созна Калистен ти го буди љубопитството.

2018-08-21T17:21:35+00:00 декември 1st, 2004|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 39|