Австриски глави

Австриски глави

Дозна Мартин и дека нападот цели три дена, скришно следејќи ги, го планирал еден злогласен разбојник со 38 луѓе. Не би се решил да нападне доколку не му се биле придружиле уште два арамиски чети – вкупно 94 мажи, на коишто претдходно морал да им вети дека поделбата на пленот ќе биде строго според бројот на борците, подеднаква за секого. Заседата е направена во онаа долина, затворена со Црн Камен, малку над Веселовата планина и Менгуловата Кула, на самата меѓа на Рестеличкиот синор, распослана на околу 2200 метри надморска височина, окружена, и како овеначана со неколку силни и бистри извори. Оваа долина дотогаш немаше име, туку едноставно ја викаа Дупка, но веќе од следното лето стана позната под името „Австриски Глави“.
Секогаш во итаница, постојано гонети, со воени и жандармски потери зад петиците, разбојниците и не се обиделе да ги закопаат убиените. Во своите редови имаа еден загинат (Мартин беше уверен дека тоа е токму оној во којшто стрелаше капетанот Тракл во моментот кога и самиот беше погоден), којшто набрзина го закопале близу до еден извор (душата да не му биде жедна!), и четиримина ранети, коишто ги разместиле по селата во регионот на Љума, кадешто имале свои јатаци. 162 луѓе, значи целата чета минус тој самиот, Мартин Лупино, останаа во тревата и цвеќето, на располагање на ѕверовите, на птиците и на она постепено органско распаѓање.
Ретките намерници, воглавно овчари, долго го избегнуваа тоа место. Дури после неколку години некои од нив се осмелија да минат низ пределот покриен со веќе побелени и расфрлани коски, одвраќајќи го погледот настрана секогаш кога во густата трева или сред бујното цвеќе ќе здогледаа некој човечки череп.
Стадата, сепак, таму никој не ги пасеше, а топонимот Австриски Глави од тогаш го означува местото низ коешто се минува само во крајна нужда, а и тогаш набрзина, без збор, со смерна побожност.
Мартин долго се бореше со искушението уште еднаш да го посети местото на онаа случка. Конечно, во летото на третата година од својот нов, подарен живот, во придружба на Мурсел, со когошто создаде некој вид на речиси немо пријателство, тргна на тој страшен аџилак. Коските веќе беа избелени од силното планинско сонце, од ветрот, мразовите, дождовите, и во тој ведар ден блескаа речиси светечки. Посебно го потресоа черепите – тие австриски глави навистина имаа добиено некоја експресивна енергија со којашто просто морале и неуките овчари да ги наведат непогрешливо да изберат име за тоа место. Низ дупките на тие пештери, некогаш населени со души, со мисли, планови, сега само се пробиваше по некој баз трева, по некој прамен цвеќе; Мартин се сети на приказната за луѓето коишто од сопствените мисли прават идоли – капетанот Тракл му раскажуваше за англискиот философ Френсис Бекон “Idola specus”, идолите на пештерата, помисли тогаш Мартин, а, всушност, тоа се идоли на она што е внатре во пештерата наречена сопствен череп. Жителите на овие черепи, тие некогашни домови на душата, се отселиле незнаено каде, и сè што сега останало навистина е само пустелијата на празните пештери.
Оваа слика никогаш не ја избриша од сеќавањата, ниту некогаш повторно се врати да ги посети Австриски Глави.
Кога заработи малку пари и кога вестите за стабилизацијата на ситуацијата стигнаа и во Рестелица, далечна и сама, Мартин зготви голем ручек за целото село, се поздрави со луѓето и им рече дека се враќа дома, во Италија. Мартин го чекаше Болзано со трепет и благ страв. Во мислите се прегрна со сите оние драги места на коишто другаруваше со Францискус Тракл, преполн со чемер што под срцето му се отвори при помислата дека сега тоа се места на коишто неговиот капетан веќе го нема и никогаш повеќе не ќе го има. Не сакаше да се вработи во оној ист хотел, а недолго потоа, се пресели во регионот на Абрузес и Маремо, од две причини. Најпрвин, за да ја избегне средбата со родителите и сопругата на Францискус Тракл; чувствуваше дека неговиот пријател и капетан не би сакал некогаш да се дознае што и да е друго надвор од службениот допис којшто секако веќе го имаат добиено: ИСЧЕЗНАТ!
Второ, фасцинантната енергија на оние предели му се виде толку важен фактор на нивната заедничка судбина, што веруваше дека неизбежната средба со Францискус Тракл и со сите свои таму загинати другари може да се оствари само на некое место со приближна убавина. Централна Италија со Гран Сас му беше најслична. Имаше два сона, коишто често се повторуваа, и за коишто запиша неколку редови.
Сон прв: Ја здогледав, таму крај водопадот, убава и кобна, како стои и предизвикува, како што повикува витката, смртоносната печурка во мајската роса. Во Дервишко теке ќе те чекам, рече. А под храстот ездеше на коњ дорат. И се најдов одеднаш, среде таа пуста, тешка коса, како кога човек ќе стапне во густиот мирис на шумското тло преполно со тајно билје што никнува.
За смислата на тој запис можеше нешто да се насети низ податокот дека на адресата на Мурсел, чијашто убава ќерка долго одбиваше да се омажи, долги години редовно стигнуваше непозната сума од некоја странска земја.
Сон втор:
Еднаш сум видел, цел живот сонувам!
Во главите им се сништата за Кроче и Хегел, им лебдат сликите на Рафаел и на Тицијан, на Микеланѓело и на Леонардо… и доаѓаат големи мечки, и нелчујни волчји сенки, и брзи лисици, и гракаат гарваните и со моќните крилја удираат орлиштата и кружи брадестиот орел!
И ги раскинуваат со страшните вилици Њутновите теории и ги дробат скулптурите на Давид и ги варат во разјадувачки киселини фреските од ѕидовите на Сикстинската капела, им се цедат боите на ренесансните мајстори од крвавите клунови, а Pico della Mirandola одлетува во утробата на белоглавиот мршојадец. И, во зима, снегот во роеви ги покрива тие пусти пештери без своите жители…
… Еднаш сум видел, цел живот сонувам. И знам дека тие ѕверови и птичишта мака мачат, би сакале да проговорат, себеси да си олеснат, знам дека пред очите од никаде, или во сон, при парењето или во сред лов, им заигруваат платната на сликарите, бистите, формулите и страниците на многу книги. Го слушам она што тие го слушаат, во ушите ми одекнува додека Хегел и Леонардо се огласуваат низ нивниот рев и рикот, со гракање и крештење, низ мечкините грла и низ волчјите челусти, низ лисичината муцка, низ коскениот клун на гарваните и орлиштата. А спас ни нема, ниту помош за нив, освен ако не отидам таму. Зашто, само јас можам да го разберам тој немушт јазик на душите претворени во ѕверки… И тогаш одам таму и ги собирам остатоците од тие слики и книги, фрагменти од крикови и музика, па ги враќам во музеите, на постаментите, во библиотеките, сè на свое место одново, и сите се повторно живи, и се ракуваат со мене, па заминуваат некаде мирно да се наспијат, а животните и птиците ме благословуваат и весело штракаат и гракаат и радосно се огласуваат само на своите јазици…
Па потоа се будам. И тогаш буден го гледам сето тоа, потполно исто.
За полната смисла на овој запис, навистина, само Мартин Лупино би можел да го каже вистинскиот збор. Обата записи ги доби истиот оној Мурсел по пошта, многу години подоцна и, во недоумица што би можеле да значат, ги затури во една пукнатина меѓу два камена во ѕидот на едно бачило, кога во доцна есен со стадата тргнаа на зимување, дома во Рестелица, патувајќи вообичаено, по подолгиот пат преку Дедел-бег и Зендел-бег, заобиколувајќи ги во широк лак Австриски Глави. Над таа долина, веќе беше почнала веавица. Снегулките во роеви се лепеа за оние празни пештери во коишто веќе не престојуваат нинвите жители.

Превод од босански: Игор Исаковски

2018-08-21T17:21:51+00:00 март 1st, 2002|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 25|