Австриски глави

Австриски глави

Така, нивното дружење од тогаш не престана. И сега беа заедно. Мартин му беше доделен како личен аѓутант, а низ овие три години нивното пријателство прерсна во оној редок вид на директно, речиси инстинктивно и телепатско разбирање. Еднаш Мартин се пошегува на оваа тема, забележувајќи: „Незгодната страна на нашето разбирање е во тоа што ние веќе и не треба да разговараме. Прво, затоа што и онака знаеме сè што другиот мисли; второ, затоа што молчејќи појасно ги изразуваме своите мисли отколку кога ги преточуваме во говор!“.
Тракл се сети на ова. Се сепна од опчинетото молчење. Со погледот избра една благо закосена падина, природно вообличена и како слеана во речиси совршен амфитеатар, свртен кон југоисток. Војниците му беа уморни од секојдневните маршеви. После бескрајните месеци во калиштата на дождливите и снежните ровови, силната доза на сонце добро ќе им дојде. Издаде наредба, кога ќе пристигнат, на војниците да им се подели следувањето, и да им се даде одмор од четири часа. Вообичаениот распоред и режим на стражата, беше завршниот дел од наредбата којашто поручникот Музил ја проследи понатаму.
Entre nous, мој драг капетане, ми се чини дека овде, во оваа примордијална регија на вечната тишина сме многу безбедни, побезбедни отколку во нашата касарна во Линц, рече поручникот додека полека чекореа кон местото избрано за свое одмориште.
Мислите на наредбата за поставување на стражата?
запраша капетанот Тракл.
Да, мислам дека каква било причина за поставување стража, освен правилата на службата, дури кога таква причина и би постоела, би била вистинско чудо! објасни Музил.
Капетанот Тракл се насмевна: Meine Lieber Hauptmann! Јас верувам во чуда. Тоа е составен дел на мојата работа!
… … … … … … … … … … … … … … … … … … …
Мартин Лупино, аѓутантот на капетанот Тракл, го завзеде местото до својот претпоставен. Иако Тракл во нивната комуникација никогаш не беше внел ни најтиха нота на субординација, дури ни кога му даваше напатствија пред други, Мартин кон Тракл имаше чувство на безгранична почит и дури – восхит. Можеби не беше сосем безначаен фактор разликата во нивниот социјален статус. Доколку и имал некакво влијание, тој фактор својата улога ја одиграл само при првата средба – кога младиот Лупино со чај го послужи семејството Тракл, угледни гости на хотелот во којшто Мартин беше примен за помошник и, повремено, за келнер. Многу убав, со складен стас, Мартин беше пргав младич, со борбен темперамент, и веќе истото попладне тој и нешто постариот Францискус Тракл, жестоко се натпреваруваа во вратоломен спуст по најстрмата скијашка патека. Социјалната бариера помеѓу овие две момчиња од тогаш беше потполно избришана. Сепак, сè што после тоа имаше речено или сторено Тракл, го фасцинираше Мартина, па неговото воодушевување за својот пријател најде одлична формула во нивниот службен однос, не повредувајќи му ја суетата и не наметнувајќи му никакви изнудени обврски. Блискоста на нивните души остана негибната.
Сега Мартин чувствуваше дека неговиот пријател/капетан влегува во некое сосема посебно расположение, какво што дотогаш никогаш немаше покажано. Нешто се случуваше со Тракл. Нешто се случуваше и со него самиот, со сите нив во овој маѓепсан простор на зеленото небесно острово, нурнато во синевина. Нешто се беше надвило над сто и шеесетте луѓе удобно исполегнати во длабоката мирисна трева, засонети среде цвеќето на падините на оној природен амфитеатар којшто за одмор го одбра капетанот, како создаден за сон што не треба да престане.
Постојат некои состојби, Мартине, започна Тракл. Состојби коишто како да доаѓаат од никаде. Паѓаат врз некој предел како магла, ги обземаат луѓето така што мислите им стануваат густо, лепливо претчувство. Престануваат сите планови, се брише секоја разлика, исчезнува мислата. Капетанот не гледаше во Мартин. Погледот му луташе далеку, фокусиран некаде во бескрајот, можеби неколку сантиметри над самото Божјо чело. Знаеше дека Мартин го разбира и подобро отколку што самиот успева да ја сфати сопствената мисла. Во такви случаи ни се случува не она што го сакаме, ниту она по кое што сме тежнееле, туку токму она што една таква состојба го носи во себе. Се припиваме кон тоа чувство, се одвојуваме од себе, му се препуштаме на нешто што е кон нас рамнодушно, а што нè одредува – како што некој сончев предел без поговор му се препушта на самракот, не знаејќи и не прашувајќи што овој му носи.
Тогаш најлесно ни се случува и среќа и несреќа.
Ете, тоа сега ме обзема.

… … … … … … … … … … … … … … … … … … …
Испружени на удобната косина, потпрени врз ранците, со раскопчани кошули, со боси нозе, за да ги одморат нозете и да ги проветрат обувките, спиеја војниците на Тракл. Одеднаш, додека секаде наоколу неговите луѓе му се препуштаа на сонцето и на таа надчовечка убавина, од време на време уште ослободувајќи се од ранците и одврзувајќи ги врвците на тешките цокули, капетанот ја спозна својата судбина. Иако сè уште стоеше, тој повторно заборави на сè што му претходеше на овој миг, како кога во сон, другиот сон ќе се спушти и со мекото крило на заборавот ќе го прекрие и сонувачот и оној, првиот сон.
Мартин, веќе удобно залегнат на грб, ѝ се препушти на хипнотичката сила на небесното мастило прелеано врз ова утро, јасно како да капнало од првата капка на Божјото перо. Изброи седум големи орли како бесшумно кружат во спирала, издигнувајќи се кон модриот бескрај што како ѕвоно се отвораше пред нив. Изгледаше дека со секој нов круг одврзуваат некоја огромна вреќа, врзана со невидливи врвки коишто ги носат во клуновите; та од неа сипаат грстови златно жолти, енцијански модри, бели, нежно розови цвеќиња, крупни како ѕвезди, и сето тоа, како густи роеви снегулки нечујно ја прекрива вџашената пустош.
Сега ги разбирам оние приказни во коишто душата на главниот јунак се крие во орелот. Телото никогаш не би се согласило да напушто една ваква, смртоносна убавина. Орелот, тоа е душа којашто својот копнеж по бесмртноста го искупува со жртвување на сè што е убаво. Зашто, убавината умира, па мора со живот да се плати.

Мартин ништо не одговори. Знаеше дека неговиот пријател, капетанот Тракл, истовремено со него ги гледа тие орли, коишто се оддалечуваат од величествената алегорија на овој свет, и дека не очекува коментар, туку само ја изразува заедничката растрепереност пред она што обајцата ги потресува до дното на душата.

2018-08-21T17:21:51+00:00 март 1st, 2002|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 25|