Австриски глави

Австриски глави

Капетанот Францискус Тракл, миленикот на 6. ридска регимента, во раното утро на тој ден, прв изби на планинската рамнина. На војниците коишто на челото од растегнатата колона од 162 луѓе одеа зад него, на раздалечина од педесетина чекори, им се причини дека нивниот „Франци“, таа силуета со широки и исправени плеќи, со гордо офицерско држење, вкопана во седлото на својот мускулест Кулаш, заедно со коњот потона во светлата синевина, преку темниот раб на сртот, нагло и неповратно, онака како што заминуваат оние коишто повеќе нема да се вратат, онака како што се прекинува сонот којшто никогаш повеќе не ќе го сониме.
… … … … … … … … … … … … … … … … … …
Кога неговиот коњ зачекори преку работ на сенката, којашто лилавата темнина остро ја исцртуваше сè до самиот граничник на острата нагорнина, онака како што океанското индиго го исцртува телото на островот и го одделува од темните длабочини, капетанот Тракл одеднаш се нурна во заслепувачки сјај. Заборави на својата чета, на сите овие четири години мачно војување. Ги затегна уздите. Коњот застана. Толку синхроно со неговото движење, што не би можело да се каже дали, во дел од секундата порано, и самиот застана опчинет од чудото коешто пред нив се беше отворило.
Не беше тоа обична висорамнина! Океан од зелени бранови искапен во утринското сонце блескаше до границите на хоризонтот. Слична на небесно острво, благо се нишаше таа глетка од чиста, сјајна трева, и само некој далечен срт, посеан со бели карпи, или треперењето на кофилот по благите падини, ја издвојуваше од океанското доживување, како белеење на пената од далечните бранови. Кога видот му се привикна, капетанот Тракл забележа дека низ таа стивната сјајна пустелија се посипани густи галаксии ливадско цвеќе – последното злато на потрошените ѕвезди. Во далечината светкаа неколку сини огледала, езерца, потемни и помодри од останатата површина, што Тракл го потсети на глетките коишто ги беше сретнал на Корнатите, на Јадранот, кога под благите удари на маестралот, меѓу сивилото на намрежената морска површина, слична на збрчкана слоновска кожа, светкаат мазните дамки на мирното море. Малку го изненади сознанието дека не му пречи потполното отсуство на какви било траги од луѓе, од цивилизација, од историја. А тогаш преку лицето му прелета онаа фина внатрешна насмевка којашта неговите љубовници толку многу ја сакаа. Го изненади јасната и како веќе негде запишаната или прочитаната мисла. Да, овде без сомнение ги нема ни Виена, ни Салцбург, ни Венеција, ни Прага. Но, ова и не е човечки свет. Сите тие четири елементи, коишто овде толку раскошно царуваат, оваа широка земја на висорамнината, проѕирниот и остар воздух на планината, кристално чистите води на потоците и на болскотните езерца, и огнот на ова вечно Сонце, коешто царува над секого и над сè, сигурно некако вака изгледале и пред постанокот на луѓето. Како, тоа никогаш нема да го знам. Но, еве, знам сосема сигурно како ќе изгледаат по нашето исчезнување!
… … … … … … … … … … … … … …
По површината на тој безмерен, вонвременски Океан, мирно и сигурно, како светец што чекори по вода, му се приближуваше поручникот Музил, командант на извидничката патрола. Низ долгиот, благ зелен бран, капетанот здогледа како се симнува четворката од патролата, со истиот мирен и суверено светечки чекор, како во молитва или во сон.
Откако салутираше, поручникот Музил отсечно поднесе рапорт.
Сè е во ред, господин капетане! Нема трагови од луѓе, ниту какви било стамбени објекти, ѕидови, ровови или докази за човечко присуство.
А тогаш си дозволи себеси коментар:
Сè ми делува нестварно, вонвременско. Како сиот мој претходен живот да сум го сонувал. Ми се чини дека нас, оние пред ова, воопшто и не нè имало, како всушност никаде никогаш да не сме биле!
Капетанот Тракл и поручникот Музил беа другари уште од Воената академија. Оваква неформалност меѓу нив не беше невообичаена, а нивното пријателство им одолеало на сите искушенија на строгата војничка хиерархија.
Се сложувам, стар мој. Иако би додал дека мене ме импресионира онаа другата, комплементарната поента: како дури сега да нè има. И како тукушто да сме стигнале онаму кадешто засекогаш ќе останеме. Од времето минавме во вечност, од темнината во светлина, од привидот во стварност.
Францискус Тракл беше искусен војник. Еден од трите најдобри питомци во генерацијата на Militarische Akademie, тој ги имаше сите предуслови за брилјантна војничка кариера. Војната го изненади и ги одложи тие перспективи, но сега, на дофат на нејзиниот крај, сè можеше да започне одново. Дури и да се забрза, зашто на земјата, после ваков пораз, ќе ѝ треба секој способен човек. Често обземен со плановите за иднината, капетанот се изненади од некое чувство на безгрижност, на мир и на речиси потполна индиферентност кон каква било помисла за планирањето. Неговата единица се повлекуваше од Солунскиот фронт, од регионот на Кајмакчалан, после долгите рововски битки. Со мудри одлуки, со разбирање на логиката на теренот и со одличните тактички познавања, капетанот Тракл ја сочува својата единица практично без загуби низ трите бескрајно долги воени години. Се беше потполно зближил со секој од луѓето, делејќи ги нивните грижи, надежи, интереси и сништа. Во четата имаше еден професор по философија, двајца сликари, четири музичари од кои еден композитор и еден виолинист од Wienner Filharmonische Orchestra, дваја физичари… Секој од нив имаше можност да се изненади од темелните познавања и од инвентивноста на духот на нивниот капетан, било да се дискутираше за естетските сфаќања на Бенедето Кроче, за Хегеловата дијалектика, или за концепциите на Макс Планк. Подеднакво уверливо го демонстрираше Тракл своето длабоко разбирање на сликарството, особено периодот на Кватроченто и Чинквеченто, како и опусите на Тицијан и на Рафаел, додека финесите на модерната музика ги познаваше не само теориски туку и од прва рака. Францискус Тракл, имено, ја владееше виолината толку добро што во седумнаесеттата година доби понуда да свири на Конзерваториумот.
Сепак, капетанот знаеше да се постави и кон секој друг човек од својата чета, без оглед на нивото на образованост. Се веселеше и лумпуваше со тројцата кројачки помошници, раскажуваше мрсни шеги со десетината фабрички работници, рамноправно се носеше со двајцата професионални борачи од својата чета. Роден во Инсбрук, често, уште како малечок, патуваше во Болзано, каде што неговите редовно зимуваа, па така уште на рана возраст беспрекорно го научи италијанскиот. Таму, во својата петнаесетта година се запозна и се спријатели со врсникот, помошникот во хотелот во којшто семејството Тракл редовно се сместуваше, по име Мартин Лупино. Кога војната започна, во единицата на Францискус Тракл се најде и Мартин, веројатно по дискретна интервенција на самиот капетан, за којашто тој не остави никаква трага ниту пак некогаш ја начна таа тема.

2018-08-21T17:21:51+00:00 март 1st, 2002|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 25|