Laika – Комуницирање човечки емоции

/, Звук, Блесок бр. 37/Laika – Комуницирање човечки емоции

Laika – Комуницирање човечки емоции

#1

Исто како и истоименото куче кого Русите го испратиле во вселената, така и бендот Laika патува низ вселената создавајќи јасна и неверојатна фузија на рок, хип-хоп, џез, електроника, dub, краутрок. Едно е сигурно: бендот Laika не звучат како никој претходно. Минатата година тие го објавија “Wherever I Am I Am What Is Missing” а во рамките на турнејата која следеше настапија и во Скопје на фестивалот Таксират. Интервјуто со Гај Фиксен беше направено пред завршувањето на албумот и турнејата која следеше.

Laika се еден од најиновативните бендови кои се појавија во 90-те. Пред Laika Вие соработувавте со бендови како што се The Breeders и My Bloody Valentine. Кои се искуствата кои ги донесовте од работата со овие бендови во Laika? Кои се некои од вашите првични замисли за тоа што би требало Laika да биде а што не?
Претпоставувам дека имам впиено по малку од сета музика што сум ја сакал и се обидувам да живеам по тие теркови. Среќен сум што имам работено со луѓе кои ја создавале таа музика и тоа ја демистифицираше самата музика и ме охрабри и мене самиот да почнам да ја создавам. Во секој случај, се обидувам да го отсликам духот а не реалноста на музиката која влијаела на мене. Во почетокот, Laika воопшто немаше такви цели. Ние немаме концепт. Всушност, за нас би рекол дека сме анти-концептуални. Концептите се средства кои им помагаат на оние кои имаат блокада и обично тие се пречка кога се искажуваат емоциите. Наша единствена цел е да создаваме музика која во исто време е индивидуална и полна со емоции.

Кога некој ќе ги слушне вашите албуми се забележуваат разни влијанија и звуци кои се дел од звукот на Laika. Како самите би ја опишале музиката која ја создавате?
Кога се наоѓам на некоја бензинска пумпа во Ајдахо обично на тоа прашање одговарам дека сме мешавина од рок и dance музика – бидејќи ме спасува од многу објаснување! Вистината е дека тука има мали делчиња од целата моја музичка колекција (која е огромна!) плус многу други работи кои ги имам додадено.

Во моментов работите на нов албум. Можете ли да ни кажете за звукот на новиот албум?
Звукот е ист но и различен… Тој е малку празен и е создаван од само тројца луѓе – нашиот тапанар Лу и ние двајца. Ова е малку во контраст со последниот албум кој беше сниман и извежбуван како бенд и кој вклучуваше неколку различни музичари. Мислам дека е помрачен, пофанки и жесток албум.

Дали ќе можете да ни го опишете Вашиот пристап кон компонирањето? Дали импровизирате кога компонирате? Како ги структурирате и аранжирате вашите композиции?
Песните на Laika скоро секогаш започнуваат со некоја ритмичка идеја. Отсекогаш сум ги сакал перкусиите бидејќи во нив има сè – ритам, мелодии и чувство за локација. Тоа е најевокативната основа за започнување. Тука има и малку импровизации но со мали примеси на едитирање. Според мене, не постои поважна музичка умешност од способноста некој да може да се едитира (крати) себеси. Ионака веќе владее лошо мислење околу објавувањето на разводнети и неоформени идеи. Ова е нешто за кое знам дека неколку големи бендови го правеле во голема мерка – Мајлс Дејвис/Тео Масеро и CAN, да именуваме некои кои би едитирале часови свирење во концизни дела кои имале структура и влијание. Тука можат да настанат неприродни премини кои звучат добро и кои бендот подоцна ќе ги научи и искористи во последователните живи настапи а кои подоцна ќе бидат користени во процесот на снимање. Ова е начинот на кој процесот за снимање станал креативен чин. Сета работа може да биде полна со идеи кои неколку пати се филтрираат преку умот на композиторот и со тоа тие се повеќе индивидуални и со повеќе човечко влијание а се помалку оставени на случајности. Спонтаноста е одлична работа, меѓутоа премногу луѓе мислат дека првата работа која ќе се појави е секогаш добра за што мислам дека е мрзеливост.

#2 Лесно може да се забележи дека вашата работа не само што е естетски префинета туку и носи чувство на истражување. Кои се начелата кон кои се придржувате во вашата работа?
Како што реков, ние едноставно се обидуваме да ја комбинираме индивидуалноста со емотивната содржина. Нема смисол да се биде експерименален само поради тоа – експериментите кои вредат да им се покажат на луѓето се само оние успешните – т.е. кога не се само интересни туку и комуницираат човечки емоции.

Каква реакција обично добивате од слушателите и од медиумите (списанија, радија, издавачки куќи). Каков одговор или чувства се надевате дека се разбудени кај вашите слушатели?
Кога луѓето се изложени на нашата музика тие, изненадувачки, ја сакаат на подолг период. Честопати, не се обидуваат да ја разложат туку реагираат на едно поедноставно ниво. Јас би сакал да гледам на тоа дека луѓето би нашле емпатија во нашата музика. За мене тука се наоѓа суштината на работите – невербална комуникација. Друга реакција на која се надевам е дека ќе ги инспирира луѓето да бидат креативни на некој нивен начин и чест ми е да кажам дека тоа се случило дури и кај музичари кои ги почитувам.

#3Laika се исто така познати како бенд со одлични концертни изведби а и го прошетавте светот промовирајќи ги претходните 3 албуми. Како ги замислувате вашите концерти? Дали импровизирате додека настапувате или следите некоја претходно одредена рутина? Дали имате некои планови за турнеја после објавувањето на албумот?
Сакаме да настапуваме во живо. Како што реков претходно, тоа е важен дел од креативниот процес каде ги земаме идеите од студиото и ги свириме пред луѓето со некои импровизации и грешки кои понекогаш се доволно добри за да станат трајни одлики на песната. На тој начин музиката еволуира за време на турнејата и тоа е тоа што ги прави самите концерти посебни и за публиката и за бендот. Ние имаме став да не користиме компјутери кога настапуваме во живо за да ги заменат сите звуци создадени во студиото а воедно и да избегнеме да не станеме „робови на машините“ како што тоа се случи со некои бендови. Со тоа се запира секоја можност за вистинска креативност или за превземање некаков ризик. Сите наши семплови ги изведуваме во живо. Во секој случај, ќе настапуваме насекаде за да го промовираме новиот албум кој ќе биде објавен наскоро. Во меѓувреме, ќе настапиме на повеќе фестивали.

2018-08-21T17:21:37+00:00 јули 1st, 2004|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 37|