Beat Busters – мрежа на нови промени

/, Звук, Блесок бр. 66/Beat Busters – мрежа на нови промени

Beat Busters – мрежа на нови промени

Од неодамна во Хрватска е забележлива експанзија на бендови втемелени на клупскиот звук но збогатени со разни текстури во кои се наѕираат траги од етно, експериментална електроника, диско и соул од 70-тите и џез. Тие бендови обично се лишени од класичната медиумска поддршка, а ни издавачите на носачи на звук во нив не наоѓаат сигурни извори на заработувачка како во мејнстримот или во медиумски истрошената естрада. Освен тоа, ни државната културна политика не ги препознава овие случувања како некое креативно раѓање на сцена и не гледа национален интерес во поддршката на вакви проекти. Таквото игнорирање од страна на институциите кои би требало да негуваат млади таленти и да имаат осет за новите движења предизвика самоорганизирање на музичарите во разни заедници. Новите технологии и мрежната хиперкомуникација значително го олесни создавањето на такви системи, но со тоа неизбежно создаде и кревки споеви меѓу нив. Затоа, поврзувачкиот елемент повеќе лежи во начинот на поврзување отколку во содржината на споевите. Поради тоа се поддржува различноста на жанровите, но се бара сроден начин на презентација, достапност и реализација.
Beat Busters е заедница на музичари составена од неколку бендови и поединци од Хрватска, чија заедничка цел е да создадат еден нов вид публика која би имала осет за музиката која се создава без идеолошка или консументска аура. Нивните бројни активности вклучуваат организирање концерти, фестивали, нет изданија, меѓународна соработка и гостувања.
Во нивниот случај, акцентот е на живата музика (без оглед дали изворот на звук е акустичен, аналоген, или дигитален) и музиката за танц, ослободена од жанровскиот детерминизам. До душа, секој еден од бендовите нужно се движи во некој жанр или поджанр, па можеме да кажеме дека станува збор за своевидна галерија жанрови од deep house, progressive etno, сè do drum ‘n’ bass или experimental, но на ниво на заедницата жанрот не е одредувачки. Повременото посегање по етно звуци од егзотични краишта (семплови на диџериду, табла, ворлдстик, итн.) од една страна е последица на отпорот кон императивот за истакнување на локалните идиоми, а од друга страна желба за влез во состојба на глобално препознавање.
Не може да се зборува ни за некој заеднички звук, продукција, ниту за меѓусебно влијание на членовите на Beat Busters. Таквата состојба е резултат на постојаната изложеност и достапност на музичарите – креатори на шарена мрежа информации без идеолошки филтри низ чија динамика не останува многу простор за создавање значително поголемо заедништво, т.е. специфична сцена. Но, она што ги поврзува Beat Busters музичарите се сепак јасно одредени критериуми. Тие се базираат на неколку претпоставки: креативно создавање без калкулации со пазарната побарувачка, отвореност и транспарентност кон слушателот или танчарот и желба за умрежување на своето делување со останатиот дел од заедницата речиси без задршка. Тоа подразбира доброволни меѓусебни соработки, помош при промоција, реализација или создавање на некој нов концепт.
Оваа компилација, т.е. кусо претставување на членовите ги вклучува авторите и составите: Dubravko Lepaien, Tobogan, Dj Janac, Less than a minute, Capisconne, Illumination, Egoless.

Линкови:
www.myspace.com/beatbusters
www.lapaine.com
www.myspace.com/toboganspace
www.myspace.com/jankonovoselic
www.lessthanaminute.net
www.myspace.com/capisconne
www.myspace.com/egolessdub
www.myspace.com/illuminationbass

Превод од хрватски: И. Исаковски

АвторИван Капец
2018-08-21T17:21:06+00:00 јуни 25th, 2009|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 66|