Фолтин: Водиме герилска војна со малодушноста

/, Звук, Блесок бр. 47/Фолтин: Водиме герилска војна со малодушноста

Фолтин: Водиме герилска војна со малодушноста

Публиката е вистинско битие во потрага по малку забава или, којзнае, можеби некаква сериозна врска. Стои пред тебе и чека нешто да ѝ кажеш. И можеби сме навистина сродни души. Она што ѝ го зборуваме почнува да ѝ се допаѓа. Којзнае? Тоа може да биде почеток на едно убаво пријателство. А ако подобро размислам, или е тоа или сме добри за циркулација, вели Бранко Николов, лидерот на Фолтин, бендот што од локална арт-атракција израсна во една од оригиналните звуковни појави во глобални рамки

#1Бранко Николов (вокал, гитара), Пеце Николовски (кларинет, усна хармоника), Пеце Трајковски (хармоника, акустична гитара, машина за пишување), Петар Димитровски (електрично пијано, клавијатури), Гоце Јовановски (бас) и Славе Јовев (тапани) во 2005-та го потпишаа Lo-Lee-Ta-Too, албумот што претставува креативен врв во еднодецениското творештво на Фолтин. Станува збор за објава што не само што ја обележи минатогодишната продукција на современата македонска музика туку и на најподатлив начин проговори за имагинативноста на нејзините творци, кои со невидена леснотија создадоа дело што ги брише границите помеѓу студиските сесии и енергичните концертни перформанси. Албум што наедно плени со спонтаноста и од кој буквално секоја песна (од Милице, која се изврти дури и на радиостаниците што никогаш не емитувале поп-музика, преку I’ll Die If You Touch Me, Пссст, Гарнета до Прсти, прсти) во нормални услови на функционирање на дискографскиот пазар би била полнокрвен хит.
Разговорот што следува доаѓа во периодот кога Фолтин со несмалена жестина ја продолжува својата успешна серија концерти и се подготвува за заокружување на новиот проект – кавер-верзии на песните на легендарниот Дејвид Боуви.

Како настана Фолтин и кој ви беше првичниот концепт? Кои беа луѓето што ја чинеа поставата? Како дојдовте до името на бендот и до каде тогаш ви досегаа амбициите?
– Сонувачи, авантуристи, опседнати од потребата за креирање, па така се наметна и симпатичниот лик од Композиторот Фолтин на Карел Чапек. Тоа е духот на групата. Ние сме и сега такви. На почетокот низ Фолтин се претераа многу луѓе. Даваа и земаа тоа што им треба, и си заминуваа. И тоа е во ред, ги разбирам. Не се сите спремни на толкава жртва. А пак ние сега не би можеле поинаку. И ако веќе мора да зборуваме за минатото, Оливер Јосифовски е единствениот кој одамна не е во бендот, но некако, почесно сè уште му припаѓа. Тој го има оној фолтиновски дух – сонот да се сонува до крај. Па затоа, и покрај разликите, добро ни оди дружбата.

Како настана материјалот за Outre-mer и како се случи соработката со Скопски џез фестивал?
– Па, беше одамна и морам да признаам дека не се сеќавам баш на деталите. Сепак, долго и грижливо се подготвувавме, и тука првпат ги употребивме тие ready-made инструменти. Имаше еден куп свирчиња, црева, лончиња, прапорчиња и разни други играчки. Беше многу забавно. Музика за цртани филмови. Како и да е, направивме концерт и за среќа некој се сети да го сними, па му го прати на Кокан Димушевски. Тој нè покани во студио и сè беше готово за три-четири дена. Тука имаме класичен заплет: готов материјал, спремен за издавање, а ние веќе навлечени и очајни, без пари и без идеа како да ги најдеме, и нормално расплет како од приказните, кога издавач од типот на СЈФ се јавува од никаде и ги решава проблемите… Интересно е дека иако во меѓувреме имавме неколку убави концерти #2 (Охридско лето, Денови на Македонската култура во Словенија итн.), сепак, излегувањето на албумот го доживеавме како своевидно ослободување и веднаш потполно се посветивме на новиот материјал. Така, со исклучок на две обработки на последните концерти со Archimed, Outre-mer, веќе никогаш не го свиревме. Дури ни на промоцијата.

Што се случуваше во периодот помеѓу двата албуми и зошто за втората објава се решивте за соработка со Гоце Димовски? Во какви услови настана Archimed?
– Во меѓувреме, тоа беше 1998 /1999 година, почнавме да работиме со театарот и нормално, со полна пареа го спремавме Archimed. Гоце Димовски ни го посочи еден наш заеднички пријател, а овој, пак, ни предложи снимање и издавање во најкраток можен рок. Тоа во една таква, по малку нервозна ситуација, никако не сакавме да го пропуштиме. И, се деси.

Во меѓувреме, помеѓу вториот и третиот албум, се случија драстични промени во поставата на бендот. На што се должеше тоа? Дали на тој начин не ви се избистри концептот за натамошно делување? На што потем решивте да ставите акцент? Колку од сето тоа се слушна и виде на Donkey Hot?
– Проблемите започнаа кога сфативме дека се отуѓуваме. Тоа започна веднаш по објавувањето на Outre-mer. Па така, драстични промени во составот имаше и меѓу првиот и вториот албум, исто како и меѓу вториот и третиот. Бевме сè понервозни и понервозни. Сега од оваа дистанца, на тоа гледам како на природна, спонтана селекција или пак, можеби бевме премлади да решиме проблем од таков тип. Бендот е сложено, чувствително битие, и бара посебна љубов и внимание од сите во него. Посебно од лидерот… Е, Donkey Hot е сосема друга приказна, тоа е доста либерален албум. Акцентот беше ставен на продукцијата, но јас мислам дека најмногу постигнавме на полето на хуморот.

ФОЛТИН – ДИСКОГРАФИЈА:
1. Outre-Mer (1997, SJF RECORDS)
2. Archimed (2000, МАГ)
3. Donkey Hot (2003, Кукузел)
4. Lo-Lee-Ta-Too (2005, Ding Dong Records)

И, додека мнозина помислија дека во Кукузел сте го нашле вистинскиот извршен продуцент, вие веќе за новата објава имавте нов соработник, но се соочивте изгледа со старите проблеми. На која основа ја базиравте соработката со Иво Антов и колку, пак, сето тоа сега ве става пред нови издавачки искушенија? Дали Фолтин се проколнати секое ново издание да го објавуваат за нова издавачка етикета?
– Ма не, нема врска. Тоа е комплексен склоп на околности. Впрочем, тие се само издавачи. Го вадиш албумот и врската оди во fade-out, а и ние поретко ги издаваме – еден албум на три години. Тоа е страшно долго време. Некако се губи контактот. Од друга страна, мислам дека барем половината од нив веќе не се занимаваат со тоа. Парите се секогаш проблем, па тука е и она исчекување. Тоа треба да е подинамично, понепосредно. Уморени сме од неприродните одлагања и маратонски процеси на правење албум. Што се однесува до Антов, ние сме пред сè пријатели, и според тоа овој случај потполно се разликува од претходните. Иво тука влезе од љубов, само сакаше да ни се најде, и беше затекнат. Но навистина многу ни помогна, и заедно работите машки ги издржавме до крај.

2018-08-21T17:21:27+00:00 април 16th, 2006|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 47|