тамбура

тамбура

Општи податоци:
Тамбура – збор со персиско-арапско потекло;
жичан инструмент со долг врат кој спаѓа во семејството на лаутата;

Регионална распространетост:
Во исламските делови, овој инструмент е познат под имињата: танбур, тамбурица, тунбур, баглама, схаркија, саз, бозук, бузики, дотара итн.

Теории за потеклото:
Потеклото на овој инструмент досега не е сосема познато. Некои етномузиколози сметаат дека Балканската тамбура е донесена од Сумерците, но други пак ја поврзуваат со стариот индиски збор и инструмент „тант“.

Терминологија:
литарка или ликетелија (тамбура со две жици), четворка, карадузен или чивтелија (тамбура со четири жици), бозук и схаркија (три до дванаесет жична тамбура).

Основни делови:
Тамбурата е изработена од едно парче дрво. Корпусот, вратот и главата ја чинат конструкцијата на целиот инструмент.
Понекогаш се сретнуваат и тамбури изработени од две парчиња дрво: од едниот дел е изработен вратот и главата а од другиот корпусот. Овие дрвени делови помеѓусебе се соединети со помош на лепење.
Вратот на тамбурата е тенок и долг (360 до 500 мм). Должината на целиот инструмент е помеѓу 750 и 900 мм. Корпусот е долг 250 – 300 мм, а широк околу 140 – 200 мм, а неговата длабочина оди помеѓу 120 и 150 мм.

Функција и реперотар:
Во минатото, во македонската фолклорна инструментална традиција тамбурата имала улога на соло инструмент или како придружба на македонските фолклорни песни. Подоцна таа станала дел на ансамблите кои биле главно составени од: гајда, тамбури, тапан, итн. и тоа како придружба на македонските фолклорни танци.
Денеска тамбурите се дел на поголеми ансамбли кои ги придружуваат не само традиционалните песни и танци, но и стилизираните фолклорни танци компонирани во нашето време.

Кирил Стојчевски
Скопје 10.12.1998

2018-08-21T17:22:06+00:00 март 1st, 2000|Categories: Осврти, Блесок бр. 13, Звук|