Стив Роуч – Шаман на современата електронска музика

/, Звук, Блесок бр. 33/Стив Роуч – Шаман на современата електронска музика

Стив Роуч – Шаман на современата електронска музика

#1

Стив Роуч е уникатна фигура во современата амбиентална музика. Неговите албуми постојано ги потиснуваат границите и сфаќањата за самата музика носејќи ја амбиенталната музика на места и локации кои ни самиот Брајан Ино не би можел да ги замисли. Снимајќи на егзотични локации во Австралија и Америка, тој нуди многу повеќе од музика со тоа што дозволува амбиентот од овие егзотични локации да дојде до израз. Неговото последно издание насловено како “Trance Spirits” во соработка со познатиот Роберт Фрип (King Crimson) се наоѓа на прво место на топ листите за инструментална музика што и беше причина да се направи интервју со овој уметник.

НГ: При слушањето на Вашите албуми забележливо е дека тие не можат да бидат опишани со вообичаениот поп вокабулар. Мислам дека најсоодветниот термин би бил звучна скулптура или „процес“. Во минатото, поради ограничениот речник, таа беше опишувана како New Age. Како Вие самите би ја опишале музиката што ја создавате?

СР: Кога создавам музика, моја цел е да создадам еден отвор кој би ми дозволил да излезам од секојдневниот простор и време во место за кое чувствувам дека сме создадени за директно да го почувствуваме. Многу од сегашните општествени структури и материјални грижи го затвораат овој отвор или градат сложени системи на „цевовод“ кој поминува низ него.
Во секој случај, овие звучни светови нудат место каде јаремот на западното сфаќање за времето е отстранет а директното искуство од проширеното чувство за свесност е охрабрено. Се разбира дека звучните светови кои јас одбирам да ги создадам и во кои јас живеам се тие на кои мојот нервен систем реагира, што значи дека луѓето нема да реагираат на ист начин, но со годините се чини дека оние општи работи што ги делиме во човечкото искуство се оние кои мојата музика ги отсликува. Честопати ги користам зборовите „инстинктивно“ и „да се биде во течението на звукот“ кога ја опишувам мојата работа. Ова е главната област каде се сумира целата моја работа… во телото каде душата престојува. За мене, да се создадат овие светови и ритми и да го искористам своето тело како преносник е мојот директен начин на живеење во течението на звукот што настанува природно кога природните сокови се раздвижени. Од фидбекот кој го добивам ова е нешто што сите приемчиви слушатели исто така го чувствуваат.
Навлегувањето во креативниот процес на ова директно ниво едноставно го чувствувам како мое природно право.
#2 НГ: Дали мислите дека со категоризација самата музика губи нешто од автентичноста?

СР: Апсолутно. Музиката губи и потенцијалните слушатели губат ако некои самонаречени новинари имаат одредени ставови кон жанровите кои тие не ги познаваат или ценат. Штета е кога една уметност која е стара само неколку децении мора да се соочува со толку многу недоразбирање на повеќе нивоа.
Во врска со new age музиката, мислам дека идејата за new age културата како посебен популарен ентитет и како сеопфатен термин беше очигледна во 80-те и 90-те. Поголем дел од оваа „култура“ се чини дека се интегрирала во свесноста на мејнстримот, зголемената свесност за здравјето, источната идеологија која се спојува со западната, јога, шаманизам итн. Јас на тоа гледам позитивно. Гледам дека неговиот поп аспект отсекогаш бил проблем во однос на тоа што циничниот дел од медиумите се фокусираат повеќе на неговите површни карактеристики. Лично мислам дека мојата музика допрела до многу луѓе кои имаа желба да слушнат нешто ново кога NA етикетата беше ставена на неа, а исто така се појавија и дезинформирачки рецензии од луѓе за кои би можел да кажам дека никогаш не ја слушнале музиката, туку само се раководеле по гласини. Покрај тоа, квалитетите на т.н. new age помогна да се насочи вниманието кон музика која навистина се бори против сета категоризација. Јас едноставно создавам музика која ме привлекува да ја слушам, додека игрите со категориите се чинат само дел од човечката природа. За тоа размислувам само кога ќе ме прашаат во интервјуата.

НГ: Во многу интервјуа Вие посочувате на Германска музичка сцена од 70-те (Tangerine Dream, Klaus Schultze) како едни од Вашите најрани влијанија. На кој начин тие влијаеа на Вас и дали се гледате себеси како дел од таа традиција?

СР: Пред 25 години, музиката на т.н. германска школа одигра значајна улога во моето истражување на нови звуци и испитување на нови уметнички филозофии. Тоа беше од голема помош бидејќи ја отвори вратата кон нови можности. Кога почнав да ги испитувам сопствените музички импулси и поврзаноста со своето опкружување јас го напуштив тој свет во почетокот на 80-те. Сега може да се каже дека влијанијата од оваа ера можат да се најдат длабоко во ова што денес се создава. Popul Vuh, Klaus Schulze, Ash Ra Temple беа егзотични за еден млад човек од Јужна Калифорнија во средината на 70-те кој не беше заинтересиран за Beach Boys и американската популарна музика која се слушаше во тоа време во САД. Едно друго важно влијание во почетокот беше љубовта кон минимализмот односно Глас, Рајх и Рајли. Имам убави сеќавања од концертите на Phillip Glass Ensmble кога ги изведуваа Einstein On the Beach, Glass Works итн. Истото важи и за Стив Рајх – Music for 18 musicians, Drumming, Octet, итн. Во тоа време, оваа музика целосно ме привлекуваше повеќе поради живите изведби отколку да ги слушам нивните плочи. Ретко се случуваше дома да го слушам Филип Глас но секогаш бев подготвен да одам на неговите концерти. Од друга страна, германската школа, Tangerine Dream, Ash Ra Temple, CAN беше нешто што често го слушав и нешто со што бев целосно опседнат поради надреалната и текстурална природа во комбинација со исконската снага на секвенцерите отсекогаш на мене влијаеше заразно и ми отвораше нови хоризонти. Се разбира, сличностите меѓу овие две различни школи беа повторливите мелодии или константното движење на музичарите или на секвенцерот, а јас сакав да го почувствувам тоа на едно подлабоко ниво.

НГ: Дали се сеќавате на првите албуми кој влијаеа на Вас?

СР: Тоа би бил Sgt. Pepper и Magical Mystery Tour. Како млад човек, чувството кога музиката создава друг свет остави трајно сеќавање кое сè уште го имам. Тоа е многу пред Tangerine Dream и Shulze, а неколку години подоцна Timewind ќе ми отвори еден сосема нов свет.

#4 НГ: Како пројавивте интерес за електронска музика?

СР: Тоа навистина беше долго и прекрасно патување. Кога започнав со креативен живот како звучен скулптор тоа беше сосема поинакво време од сега. Во средината на 70-те оваа музика беше на самиот почеток, посебно во САД. Речиси и не постоеја дискографски куќи, никаква подршка од радио станиците, неколку андерграунд списанија како што се Eurock и Synapse, за кого и самиот пишував, но споредено со ова што се случува денес, посебно со Интернетот – тоа наликуваше на среден век. Можете да замислите како се обидувавме да се поврземе со истомисленици или се обидувавме да ја презентираме својата музика до луѓето кои се надвор од твојот дофат. Исто така, тоа беше неверојатно возбудлив период со постојаните промени кои се чувствуваа во воздухот.
Беше јасно дека границата на музиката која влијаеше на свесноста полека но сигурно се зголемува и дека овој импулс доведе до создавање нови инструменти и мали компании кои исчезнуваа брзо како што се појавуваа. Јас се впуштив да создавам електронска музика и покрај сите тешкотии; мојата страст да живеам во современиот звук беше најважна од сè и тоа беше она што ме одржа преку сите издигнувања и падови и сите злобни гласини.
Во тоа време, само неколку луѓе околу мене знаеја за што зборувам кога почнував да држам говори за „музиката на иднината“. Тука навистина постоеше чувство дека си дел од нешто со историско значење. Да се биде сведок на сите овие промени и да се среќаваш и работиш со луѓето кои помагаат сето ова да се пробие во што е можно пократок временски период беше фантастично. Пред 20 години да ја објавиш својата музика на плоча или касета значеше големо достигнување. Потоа цел ни стана да собираме имиња од андергроунд извори и да праќаме пакети и писма до секого од нив. Тоа беше огромен чекор, при што почувствував дека секоја касета или плоча која беше испратена е еден вид поврзување. Мојата опсесија да ги почувствувам овие звучни светови едноставно сè повеќе и повеќе го одржува огнот во мене.

НГ: Музиката што ја создавате е цврсто поврзана со нејзиното опкружување т.е. го отсликува амбиентот каде што е снимена, особено пустинските предели. Дури може и да се почувствува жештината на пустината и нејзиното присуство; Вие имате снимано на локации во пустините во Аризона и Австралија. На кој начин пустината Ве инспирира?

СР: Пустината е мојот дом во вистинската смисла на зборот. Досега не сум нашол некое друго опкружување кое ме исполнува како ова место. Глетките кон далечните предели, екстремните и честопати сложени прикази на животот, смртта и приказот на времето во движење се константни. Со тоа што ќе се внесеш себе си во ова опкружување и стимулирајќи се од нејзината ритмика, нејзините екстремни температури, моментите на тишина и влианијата кои овие работи го имаат на моето тело и психа наоѓам дека музиката ќе се создаде сама од себе кога ќе се вратам во студиото. Идејата не е во тоа да се презентира пустината на еден буквален музички начин, туку да се вклучиш во невидливиот, праисконски извор кој се изразува себе си најелоквентно преку пустината и да дозволиш таа сила да влијае на твојата работа. Овие чувства тешко би можеле да се опишат со зборови и ако се обидам да испланирам некоја композиција околу нив на некој интелектуален начин сигурен сум дека нема да бидам успешен. Работата е во тоа што мора да се реагира на секој момент автентично, инстинктивно и на интуитивно ниво.

НГ: Дали сте размислувале за кинематичниот ефект кој музиката го поседува?

СР: За мене тоа е дел од искуството, сликите кои музиката ги сугерира, понекогаш сликите се појавуваат први и јас создавам саундтрак за еден мој внатрешен филм.

2018-08-21T17:21:41+00:00 август 1st, 2003|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 33|