„Скопски џез фестивал“ – почва полна со ретки плодови

/, Звук, Блесок бр. 92/„Скопски џез фестивал“ – почва полна со ретки плодови

„Скопски џез фестивал“ – почва полна со ретки плодови

#1 Заврши уште едно издание на „Скопски џез фестивал“. Така брзо и навидум неосетно, но убаво и шарено, како пеперутка која прелетува покрај нас, а не можеме да ја фатиме. Музиката е таква, не можеме да ја допреме, таа доаѓа и си оди, иако мигот додека ја слушаме е како вечност полн со разновидни слики – тажни, среќни, сурови, романтични, јасни, апстрактни. Од Скопје си заминуваат и музичките големци од светот на кои „Скопски џез фестивал“ веќе им стана една од најпознатите концертни дестинации. Заминуваат дома, некаде таму, во Америка, во Норвешка, Велика Британија, Франција, во Израел, или ги продолжуваат своите турнеи на други сцени. А ние повторно му се враќаме на обичниот живот. Под уметнички импресии, тој ни се чини убав. Сè додека не се соочиме со некоја сурова, обично локална, дневно-политичка информација, која нè удира толку силно што забораваме на музиката, забораваме на убавината што сме ја доживеале.
#2 И овој октомври, „Скопски џез фестивал“ ја донесе магијата на светското музичко наследство. Во пет вечери претстави различни културни и културолошки појави, донесе уметници како што се Еван Паркер, Роско Мичел, Џон Аберкромби, Касандра Вилсон, Дејв Холанд, кои својата мудрост несебично ја споделуваа со многубројната публика. И годинава, од Македонската опера и балет до Универзална сала и „Сити хол центар“,се протегаа прашања од типот дали македонскиот џез амбиент се менува или само го следи светскиот тек на настаните со тоа што донесе повеќе експерименталност и авангардни концепти, во однос на класичниот џез манир што го очекува широката публика. Но, простор за таков тип дебати нема сè додека „Скопски џез фестивал“ не му се придружи на општиот популизам преполн со привидна екстраваганција, сензација и спектакли. Сè додека, всушност, го задржува нивото на квалитет, додека чекори во рамките на достоинственото.
#3 Она што е важно е што СЏФ годинава привлече многу млада публика, нови генерации љубители на добрата музика кои им го зазедоа местото на политичарите, често присутни во минатото. Една од најголемите придобивки, пак, за самиот Фестивал, но и за македонската култура, воопшто, беше гостувањето на екипа од познатиот музички француски ТВ канал Мецо, која ги снимаше речиси сите концерти. За упатените, оваа телевизиска куќа ги пренесува исклучиво најдобрите концертни изведби од областа на класичната музика и џезот.
#4 Секогаш е возбудливо да се присуствува на концерт на уметници кои доаѓаат од бристолската музичка сцена, зашто станува збор за еден од најзначајните музички центри, за средина која постојано раѓа прогресивни, иновативни звучни плодови, воопшто, но и во областа на џезот. Отворањето на 32. „Скопски џез фестивал“ (17 октомври, МОБ) ни донесе дел од бристолското вкусно мени, чии звуци доаѓаа од две сосема различни сфери на дејствување – двајцата импровизатори, легендите Еван Паркер на саксофон и Златко Каучич на перкусии, како и новиот возбудлив бенд “Get The Blessing”, кој произлегува од славната трип-хоп група “Portishead”. Повеќе од доволно да се биде присутен во Македонската опера и балет.
#5 Почетокот на џез фестивалот, како и лани, на пример, не беше во знакот на спектаклите и „модерната“ поп-култура, во последно време препознатлива за нашите, па и за балканските културни „сензации“. Беше во духот на добрата и квалитетна музика, на новите звучни хоризонти. Седумдесетгодишниот Еван Паркер и шеесетгодишниот Златко Каучич, кои се сметаат за легенди во џезот, особено во областа на фри-џезот и слободната импровизација, и кои, иако потекнуваат од различни поднебја, заедно ги впивале информациите од европската авангарда на 60-те и 70-те години од минатиот век, решиле да ги сплотат своите иновативни идеи и да ѝ ги презентираат на јавноста. Нивниот концерт во Скопје, иако не за широките вкусови, донесе многу енергија, извонредни вештини на интерпретација и, се разбира, новитети, особено во однос на користењето на инструменталната техника. Паркер со своите саксофони и Каучич со разните перкусии, меѓу нив и тенџериња, лончиња, четкичка за заби, играчки, или сè што може да се искористи како удирачки инструмент, т.н. ground drums, создадоа еден огромен свет од звуци во кои, ако „читате“ меѓу редови, се крие едноставна и симпатична мелодиска линија. Тие му се препуштаа и на мигот, дишејќи во еден здив, и на лице место ги истураа своите фантастични идеи кои можеше да ги доживее оној што навистина успеа да навлезе во нивниот свет. А, такви немаше многу, судејќи според реакциите, а и според изјавата на еден слушател од публиката, слична на онаа на кларинетистот Сенди Браун: „До последен здив ќе го бранам неговото право така да свири, но за себе си го задржувам правото да не го слушам“. Сепак, Паркер и Каучич создаваат силна, храбра музика чии конкретни и надреални звуци меѓусебно се преплетуваат и прават слика на голем оркестар.
#6 По силната концентрација, која беше неопходна за да се следат овие две живи музички легенди, публиката, конечно, можеше да здивне, да се олабави и да ужива во настапот на англискиот квартет “Get the Blessing”, кој навистина, како што стои во биографијата, во моментов е еден од најоригиналните состави на британската сцена. И тоа е очекувано, зашто Бристол ја донесе трип-хоп сензацијата во својата најдобра светлина во средината на 90-те години на минатиот век, со извонредните Tricky, “Portishead” или “Massive Attack”, а сега прогресивниот звучен бран се токму “Get the Blessing”, со бившите членови на “Portishead” – басистот Џим Бар и тапанарот Клајв Димер, но и саксофонистот Џејк Мекмарчи, кој, исто така, соработувал со “Portishead”, како и трубачот Пит Џаџ. Се работи за состав кој критиката ќе го опише, барем нивниот албум “All Is Yes”, кој го претставија и во Скопје, како прогресивен, џез, noice, треш-бенд.
#7 Честитајќи му на Паркер за прекрасниот концерт, басистот Џим Бар, кој е и лидер на бендот, рече и дека додека ја создаваат музиката си замислуваат некакви високобуџетни хитови од Холивуд. Нивниот карикатурален, саркастичен англиски хумор се распосла и понатаму, раскажувајќи куси и надреални приказни дури и за новите лавови на Скопје, за големината на Александар Велики, за детството на Ајнштајн.
Музичкиот концепт на “Get the Blessing”, пак, беше фузија од многу звучни изрази, но и неочекувана концертна динамика, од возбудливи и енергични ритмички доживувања, до смирена атмосфера, која ја спушташе публиката „на земја“. Можеби и самото сознание дека доаѓаат од “Portishead”, басот и тапанот беа одлична ритмичка секција, додека дувачите ги надополнуваа со романтични идеи.
#8 Ќе се запамети овој џез-рок бенд, момците облечени во елегантни црни костуми и бели кошули и поради различноста во нивниот израз од она што во последно време стапнало на скопската џез-сцена.
Три различни света, три различни погледи кон музиката, три различни искуства доживеавме во втората и третата вечер на „Скопски џез фестивал“ (18 октомври, МОБ-19 октомври, Универзална сала). Тргнавме од ладната Норвешка со Сидсел Ендресен, патувавме сè до еклектичниот Њујорк со Џон Аберкромби и се вративме назад дома, во нашите потопли краишта со проектот “Balkan Fever”. А, токму ваквото културолошко шаренило е само една од придобивките од овој фестивал. Ако не можете да патувате во реалноста, можете со затворени очи преку музиката.
#9 Гитаристот Џон Аберкромби, кој настапи на втората вечер на „Скопскиот џез фестивал“, наслика една сосема поинаква атмосфера од слободната импровизација и џез-рок варијантите кои го обоија почетокот на фестивалската ноќ. Се работи за име мошне познато во светот на музиката, не само на џезот, за жива легенда за која знае и пошироката музичка публика, како што е контрабасистот Дејв Холанд, на пример, кој го слушнавме на крајот од годинашното џез-патување. Токму затоа беше сосема очекувано како ќе звучи овој маг на гитарата кој во Скопје дојде со неговиот квартет во кој се и Марк Копланд на пијано, Дру Грес на бас и Џои Барон на тапани.
Но, тоа не значи и дека присуствувавме на сосема обичен концерт. Иако звучниот израз беше препознатлив, Аберкромби и неговата извонредна инструментална дружина знаеја како да го кренат адреналинот во генерално мирната џез-атмосфера, и на мигови да изнудат овации на отворена сцена. Овој суптилен гитарист, под чие влијание беше и Пет Метини, на пример, како и многу други гитаристи низ светот, се чини е сосема посветен на звукот, на неговото модифицирање низ мелодискиот пакет, а потоа на техничките вештини кои кај него се само средство за развивање на звучниот манир по кој е препознатлив.
#10 А, пред појавата на Аберкромби, на сцената во Македонската опера и балет на оваа втора вечер по втор пат во Скопје ја видовме Сидсел Ендресен, шеесетгодишната прекрасна вокалистка од Норвешка, која настапи заедно со експерименталниот и екстремен гитарист Стијан Вестерхус, кој беше задолжен и за електрониката. Норвешка, барем од она што досега сме имале можност да го слушаме на „Скопски џез фестивал“, е позната по трагање по нови звучни хоризонти, по желбата да биде лидер во иновациите. Така беше и овој пат, зашто Ендресен и Вестерхус, иако под влијание на некои постпанк и њувејв-бендови од 80-те или на почетоците на современата музика на XX век, прават еден нов, уникатен колаж од звуци кој инспирира. На овој концерт го слушнавме, сепак, ехото на ладната Норвешка во кое силно се чувствува потрагата по топлина.
#11 Ендресен и Вестерхуд се одличен креативен тандем и направија перформанс кој долго ќе се памети. Создадоа музичко-драмска игра со извонреден уметнички концепт која пленеше и тоа беше едно поинакво искуство од вообичаеното. Вокалот на Сидсел, со блага рапавост и темна боја, и гитарата на Вестерхуд збогатена со електронските ефекти, на која свиреше и со гудало, и која на моменти звучеше и како мандолина, создадоа амбиент полн со меланхолија, но и со звучни татнежи како асоцијација на хаосот во реалноста, односно како контрапункт на звучната романтичарска њувејв- насока.
#12 На третата фестивалска вечер се упативме кон Универзална сала каде што Македонската филхармонија, под диригентство на Кристјан Јарви, го претставија проектот “Balkan Fever” во кој главни протагонисти се нашиот гитарист Влатко Стефановски, кавалџијата Теодосиј Спасов од Бугарија и гитаристот Мирослав Тадиќ по потекло од Србија, но кој долго време живее во САД. За нас мошне позната виртуозна инструментална тројка, која подолго време соработува заедно во разновидни проекти. Очекувано, салата беше претесна да ги прими сите љубопитни, а новиот музички концепт “Balkan Fever” наиде на мошне позитивни реакции. По секоја отсвирена тема следуваа силни аплаузи и овации од многубројната публика, за на крајот концертот да заврши со три биса, односно со “Gipsy Dance”, „Калајџиско оро“ и очекуваната “Gipsy Magic”.
#13 Дел од познатото творештво на Стефановски и Тадиќ, неколку македонски народни песни, композиции на Спасов, беа дел од репертоарот, аранжирани за симфониски оркестар. Ако се земе предвид музичкиот багаж на тројцата солисти со своите несомнени изведувачки вештини на кои и сега публиката не им одолеа, во креативен спој со Македонската филхармонија и диригентот Кристјан, кој инаку е син на познатиот естонски диригент Нееме Јарви, тогаш резултатот беше очекуван.
Потребни беа челични нерви и огромно трпение за да се следи концертот на авангардниот џез-саксофонист Роско Мичел, кој настапи на четвртата вечер на „Скопски џез фестивал“ (20 октомври, Универзална сала). Неговиот крајно екстремен музички концепт, за оние што не знаеја што ќе слушаат, беше големо изненадување, но во негативна смисла на зборот. Половина од слушателите едвај ги издржаа првите петнаесетина минути и ја напуштаа салата да ги одморат ушите, додека дел од коментарите на останатите кои, сепак, имаа трпение да го ислушаат докрај, се движеа во насока дека овој перформанс им ја одземал сета концентрација.
#14 Сепак, не е мала работа што Роско Мичел беше дел од програмата и на годинашниот „Скопски џез фестивал“ (ова не му беше прво гостување во Скопје); станува збор за жива легенда, за човек кој целиот свој живот го посветил на иновациите, кој остварил силно влијание и во областа на едукацијата, кој зад себе има повеќе од 100 албуми и настапи во разни формации, за музичар кој на музиката ѝ пристапува од научен аспект, што е реткост. Па, и покрај фактот дека она што Мичел го работи е за посветените во музиката, за оние што сакаат предизвик, за оние што сакаат да го истражуваат и сецираат звукот, овој седумдесет и три годишен мудрец свиреше со толку голема страст, сила и емоции што е за почит. Неговиот приод кон музиката е специфичен, тој го антиципира звукот и го носи во вселената.
#15 Требаше во трио, но поради повреда на трубачот Хју Раџин, овој пат Мичел настапи во дует со тромбонистот Тајшон Сори, кој свиреше и на тапани и на пијано. Уште еден екстремен музичар кој може да му парира на Мичел и да ги следи неговите извртени идеи. Иако на почетокот нивните инструменти звучеа како кога се штима оркестар, музиката полека добиваше форма во која сите отсвирени тонови не беа случајни, во која секој звук си го наоѓаше своето место во амбиентот.
По малку подолга пауза, некаде пред 23 часот, веќе заморената публика, конечно таа вечер ја дочека американската џез-дива Касандра Вилсон, која настапи со триото “Harriet Tubman” во кое се Брендон Рос на гитара, Мелвин Гибс на бас и Џ.Т. Луис на тапани, а кои го промовираа новиот проект „Црно сонце“. Секој фестивал има своја ѕвезда, и покрај несомненото богатство што во текот на целото патување тој го нуди. Овој пат, тоа е блуз иконата Вилсон. Поради нејзината харизма, поради моќта содржана во нејзиниот глас која ги прегрнува, ги маѓепсува сите еднакво. Таа, која свиреше и на гитара, и нејзиниот извонреден бенд го носат ехото на легендарната Афроамериканска активистка Хариет Табман, и преку музиката како далечен крик од потта лиена на памучните полиња, сè во мисија да ја оживеат борбата за правата на Афроамериканците во сегашниот општествен амбиент.
#16 Со својот длабок глас, чисто фразирање и вибрато кое се враќа како бумеранг, вокалот на Касандра, кој потсетува на оној на Нина Симон, самиот по себе плени. Но, таа не беше главната протагонистка, туку беше рамноправен член со бендот на фантастичните “Harriet Tubman”, нешто што публиката не го очекуваше. А и нивниот специфичен кантри/блуз израз со фолклорни орнаменти кој поседува темнина со надеж за подобро утре беше далеку од класичниот вокален џез по кој скопската публика тежнееше. Сепак, концертот беше проследен со полно внимание и поздравен со овации.
Фестивалот заврши со концертите на уште две исклучителни имиња – младиот Либанец Ибрахим Малуф на труба и легендата на контрабас, Англичанецот Дејв Холанд (21 октомври, Универзална сала). Малуф со неговата шесточлена придружба во која дувачкиот корпус го имаше првото место, покажа моќен и инспиративен звук кој се движеше од суптилна до бунтовна динамика. Она што е карактеристично во музиката на Малуф, покрај неговата автентична техника на свирење, е тоа што тој прави несекојдневен микс од различни звучни култури, што е и очекувано ако се земе предвид неговото потекло, како и неговото понатамошно патување надвор од земјата во која што се родил, среќавајќи се и со европските културни вредности.
#17 Страсните љубители на џезот сепак, со нетрпениe го очекуваа настапот на Дејв Холанд со кого, иако веќе настапил на овој фестивал, желбата за повторна средба не згаснува. Овој искусен волк од кого учеле не само контрабасистите, туку сите денешни џез-музичари, годинава донесе еден благ и романтичарски звучен пакет; не може да се каже дека тоа кај него го немаше и во минатото, но овојпат тој претстави една зрелост во која се напластени сите искуства што Холанд досега ги впивал и ѝ ги дарувал на публиката. Сега, тој не ја носеше улогата на фронтмен, може да се каже дека сите на сцената, гитаристот Кевин Јубенс, пијанистот Крег Таборн и тапанарот Ерик Харланд, имаа водечки ролји, но сите нивни „погледи“ беа вперени кон Холанд. Со доза на елеганција, бендот го претстави проектот “Prism”; иако по својата структура ја нема онаа типична наметливост, да „боде очи“, за оние кои умеат да слушаат, во него се кријат многу музички тајни.
#18 Заедно со полноќните концерти кои се случуваа во Сити хол центарот, 32. „Скопски џез фестивал“ донесе вкупно 13 настани. И годинава, тоа беше долго, исцрпно, но прекрасно патување низ светските звучни патеки. Овој фестивал, кај нас е единственото поле на кое слободно може да се гази, со сета тежина и со боси нозе. Почва од која секој ги собира плодовите на светското звучно наследство. Сцена за едукација, не само за уживање. Простор кој не ги потврдува веќе докажаните, туку е и амбиент кој ги презентира новите светски тенденции во областа на музиката. Како што кажал славниот композитор Игор Стравински, музиката е единствена област во која човекот ја остварува сегашноста: така и секој СЏФ ја пресликува моментната движечка сила во тој паралелен свет, светот на музиката.#19

2018-08-21T17:20:48+00:00 ноември 3rd, 2013|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 92|