Скопски блуз и соул фестивал, 2007

/, Звук, Блесок бр. 54/Скопски блуз и соул фестивал, 2007

Скопски блуз и соул фестивал, 2007

Скопскиот блуз и соул фестивал се одржува секоја прва недела во месецот јули, така што и годинава не се отстапи од тоа правило. Исто така, запазен е и високиот квалитет на учесниците: сите тие се врвни во она што го прават, со што придонесуваат скопскиот фестивал да се вбројува во еден од најдобрите во Европа.
Единаесетти по ред, фестивалот веќе има традиција во претставување различни блуз жанрови преку најдобрите репрезенти од целиот свет од кои некои се сметаат за живи легенди на блузот.
#1 Фестивалот на 3-ти јули ќе го отворат извонредните “The Nimmo Brothers” од Глазгов, во моментот бездруго еден од најдобрите состави на британската блуз сцена. Во изминатата декада “The Nimmo Brothers” се докажаа како еден од најреспектираните модерни блуз состави на островот уште од времето на британскиот блуз бум од шеесеттите години од минатиот век. Совладувајќи ја својата блуз вештина слушајќи го блузот на великаните како “Fleetwood Mac” на Питер Грин и “Bluesbreakers” на Џон Мејл, немаше сомнение дека и самите кога ќе дојдеше време, ќе беа во состојба да креираат сопствен материјал поттикнати од иста страст за блузот како и нивните идоли. Браќата Стиви и Алан Нимо се вбројуваат помеѓу најдобрите гитаристи во Велика Британија, што доволно зборува само по себе, со оглед на бројноста на музичари од островот, музичари кои оставаат трага зад себе на сите места каде што настапуваат во татковината, Европа и САД. Покрај редовните обврски со составот, браќата Нимо се занимаваат и со самостојни дејности, кога обврските тоа го дозволуваат, Алан, на пример се смета за еден од најбараните тапанари(!) за студиска работа во Англија. Суштината на нивниот концертен имиџ најдобро може да се почувствува со слушање на албумот “Live At Cottiers”, снимен во нивниот град Глазгов во 2003 г. Нивната варијанта на блузот е составена од квалитетен, оригинален материјал кој, надополнет со грижливо одбрани стандарди, претставува движечка сила во функционирањето на составот, во кој експлозивниот сценски настап додава посебна арома која поголемиот број од останати состави не можат ниту во сон да ја замислат. Пропуштете го настапот на овој состав на своја одговорност!
#2 Случувањата на 3-ти јули ќе бидат заокружени со настапот на Sherman Robertson, кој веќе сега се смета за „еден од најважните блуз музичари“ (Blues Revue), уметник кој „заслужува да се најде на кусата листа на најдобри музичари кои исполнуваат електричен блуз“ (Living Blues). Стилот на Sherman Robertson е силна комбинација на зајдеко, жежок свинг на електричниот Тексас блуз, ритам и блуз и блузот што може да се слушне само во Луизијана, сето тоа натопено со елементи на рокот, што го издвојува од останатите на современата светска блуз сцена. Во текот на кариерата, Sherman Robertson настапуваше и соработуваше со блуз великаните од типот на B.B. King, Buddy Guy, Clifton Chernier, Johnny Copeland и се појави на легендарниот албум на Paul Simon “Graceland”! Тој снимаше со не помалку влијателен продуцент, Mike Vernon, кој работеше и продуцираше материјал на John Mayall, Eric Clapton, Freddie King, Fleetwood Mac, David Bowie… Нивната соработка во 1993 резултираше и со албумот “I’m The Man” (Atlantic), кој беше номиниран за наградата W.C. Handy Award. Sherman Robertson доаѓа во Скопје директно од Хјустон, Тексас и ќе биде придружен од одличниот англиски блуз состав “Blues Move” кој вообичаено го придружува на сите европски настапи во текот на годината. Тој ќе го промовира својот најнов албум “Guitar Man” (Crosscut Records) а Скопје ќе биде прв град од неговата голема европска турнеја, што секако претставува чест за скопскиот блуз фестивал и ретка можност да се проследи еден од најдобрите блузмени на денешницата.
#3 Она што годинашното издание на фестивалот го прави особено интересно за љубителите на блузот во Македонија, секако ќе биде настапот на триото на Влатко Стефановски, предвиден за 4-ти јули. Слушајќи ги за првпат Mike Bloomfield и Al Kooper со албумот “Live Adventures” во тогаш мошне популарната емисија „Поп Топ 50“ на Радио Скопје (1969), Влатко Стефановски ја почувствува возбудата на блузот која ќе го следи низ различните текови на неговата кариера како водач на легендарните „Леб и сол“ и самостоен музички пат. Триесетина години и 25 албуми подоцна, тој почувствува дека е дојден вистинскиот момент за остварување на долгогодишната желба да го затвори својот магичен блуз круг и да отсвири стриктно само блуз материјал пред своите фанови.
– „Секогаш сум го слушал и сум го ценел блузот, носејќи во себе желба да направам блуз концерт. Таа идеја особено се интензивираше во последниве 5-6 години, така што сум среќен да им се оддолжам на хероите на мојата младост, на нешто што секогаш беше дел од мојот внатрешен свет. Скопскиот блуз фестивал е логично место каде што сакам да го направам тоа и со нетрпение го чекам тој момент. Размислувам и очекувам наскоро да започнам со снимање на мојот прв блуз албум, кој ќе ја открие и другата страна на мојата музичка личност.“
Љубителите на музиката не можеа да замислат подобро место да го слушнат Влатко Стефановски, големото име на македонската музичка сцена од сцената на скопскиот блуз фестивал, настан што не смее да се пропушти!
#4 Годинашното издание на фестивалот ќе го затвори со уште еден музичар чиј статус може слободно да се нарече легендарен, Jan Akkerman и неговиот состав ќе го промовираат својот најнов албум на сцената во Скопје. Што може да се каже за музичар со референци какви што тој има? Музичар кој во еден момент ги надмина прочуените Eric Clapton, Jeff Beck, Jimmy Page во анкетите на читателите на англиските музички списанија, како најдобар гитарист во светот; периодот со неповторливите холандски блуз легенди, составот “Brainbox” во доцните шеесетти години од минатиот век, му донесе голема репутација и претставуваше чекор во неговата веќе богата кариера во создавање на еден од најдобрите светски музички состави “Focus”, прогресивен рок бенд кој во својата музика успешно комбинираше различни жанрови што им донесе светска слава и го трансформираше Jan Akkerman во гитарист со статус на ѕвезда која и денес блика со непоматена светлина.
Единствен проблем што го следи овој музичар е широкиот дијапазон на неговите музички изразувања кои обединуваат џез, рок, класична музика и блуз, со што тој тешко може да се вброи во само еден стилски правец. Како и да е, неговиот настап во Скопје ветува многу силни блуз акорди кои секако долго ќе резонираат во ноќта по завршувањето на фестивалот!

2018-08-21T17:21:18+00:00 јуни 19th, 2007|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 54|