Се разбудив во движење

/, Звук, Блесок бр. 19/Се разбудив во движење

Се разбудив во движење

Македонска андерграунд сцена

Еден рок фестивал и една компилација не ја чинат состојбата розова.
Сепак се случува рокенрол. Вистински.

За рокенролот (како универзално поведение на урбаната популација) се потребни напрегнати жили и „здрави јајца“. Посебно ако истиот се практикува во услови на живеење како што се нашиве – балкански, македонски. Значи, заради вродениот инстинкт за опстојба и смислата за поимање на ритамот, однапред го исклучуваме прашањето дали го има или не на дадениов простор во времево што нè распарталува, туку до кој степен е потиснат од јавноста, до каде е стасана неговата маргинализација.
Две неодамнешни случувања, пак, му удират силна заушка на уверувањето дека македонската андеграунд сцена ја фатила приспивна (инаку безмалку за сите медиуми и нивната ступидна политика што долго робува на предрасудите и милозвучието тоа е непознат поим?!). Едното е одржувањето на 19-то издание на стариот добар Македонски рок фестивал, а другото промоцијата на “live” компилацијата „10. Мост“. Да тргнеме со ред.
Иако со концепт што веројатно веќе поодамна е нагризан од времето и бара преиспитување, Македонскиот рок фестивал (сиве години потпишан од ентузијастите од ревијата „Екран“ и Младинскиот културен центар од Скопје) и натаму останува една од ретките музички манифестации каде што првично се детектираат новите надежи и каде линкот е искрениот однос кон рокенролот и современите текови во музиката. Затоа и не чуди интересот за учество (што по правило не влијае на квалитетот на понудата), ниту фактот што речиси и без неопходно потребната реклама (веројатната причина лежи во скромните финансиски можности на организаторите) концертните вечери знаат да анимираат доволно публика што ќе рече дека напорите не се залудни. Ако кон ова го додадеме податокот дека Фестивалот како по правило со секое свое издание знае да промовира по едно до две имиња со здрав концепт и доволно агресивен настап (посебно од внатрешноста на државава што нималку не подразбира дека е тоа генералната политика), тогаш е беспредметно разглобувањето на прашањето за неговото натамошно егзистирање. Сосема, пак, друго прашање е што маките за оние што ќе ја извадат главата над површината дури тогаш почнуваат (Манифестацијата од само ним познати причини е речиси комплетно заборавена од издавачите чии претензии се да се бават со урбаната музика?!), зашто, разбирливо, аспирациите се мултиплицираат а одот до документирањето на материјалот дури тогаш почнува.
Инаку, годинешново издание на Македонскиот рок фестивал, ако за ништо друго, вредеше за три битни нешта. Најнапред крепи мислата што и во оваа пригода се покажа дека рокенрол публика во градов има и дека истата разбирливо се регенерира од надоаѓачките тинејџ-генерации кои сосема нормално (вродено!!) ја поимаат суштината на рокенролот во неговата највалкана и најискрена форма. Потоа радува фактот што преку ревијалната вечер (одржана некаде на крајот на јануари годинава) се исцрта каква-таквата скица за македонската андеграунд сцена (настапија: Културно Уметнички Работници, ФЛУКС, ТОТАЛНО ОПУШТАЊЕ, SINIAC, HELLSTRINGS и ПРОЦЕС Б.), а воодушевува податокот што големото финале (17-ти февруари тековниов месец) ни ги дари супериорните ВЕРКА од Делчево (група што ја чинат членови на веќе проверените MODIFIED GODS и NEW AGE MESIAH, а чиј вокалист Никола Тричковски е дефинитивно „најсветската фаца“ што се појавила на домашнава рок сцена по Горан Таневски од МИЗАР и Дарко Јаневски од CYBORG), интригантните ИНТЕРАКТ (Кичево) и CROSSFADE (Скопје) и трагачите по фолклорното наследство ЕГЗОДУС ТРИО (Струга). Повеќе од солидно!
По ова издание на Рок фест единствено останува да жалиме што не се случи вообичаениот концерт во Штип и понекогаш да си припомнуваме за Панде Егеецот (соработник во МКЦ и еден од луѓето што сиве овие години со само нему својствен елан се грижеше за текот на Манифестацијата) кој замина горе на небото таму да се грижи за гневните млади луѓе.
Наспроти кажаново, штотуку објавената компилација „10. Мост“ на виделина ги изнесува забележаните материјали од Фестивалот на Урбана култура („Се разбудив во движење“) одржан на Летната сцена во Градскиот парк во Скопје (идеално место за рокенрол случувања под ведро небо) на 17 јули минатата година. На неа се поместени снимките од релевантните претставници на постојната андеграунд сцена: TANK WARNING NET, HIGH QUALITY DISTRUST, СМУТ, NEW POLICE STATE, ФЛУКС, НОВИОТ ГЛАСНИК, ПОИНАКОВ СТИЛ, ПУКА КОСМЕТИКА, SINIAC, Т.Б. ТРАЧЕРИ, SIDEWALK, 2 SIDES, BRIGADE O.D и СУПЕРХИКС. Документирани без дотерување, сирови и енергични, овие песни се реално сведоштво за афинитетите и сензибилитетот на постојната самомислечка генерација притисната од суровоста на приликите во само нашиов пандемониум. Спонтани и речиси доведени до маргините кога стануваат откорнати крици од душата, тие се воздигаат до фреска по која во условената иднина ќе се дешифрира несовршеноста на определениов временски интервал. И само затоа ова е навистина храбро издание. Секоја чест на Елеонора Стојановиќ, Игор Ангелков, Ален Хаџи-Стефанов, Владан Дробицки, Бојан Угриновски, Синиша Цветковски, Андреј Бартлинг, Х.О.П.С, Фондацијата Институт отворено општество на Македонија, Канал 103, Совет на град Скопје, Министерство за млади и спорт… и сите кои го помогнале неговото обистинување.
Да бидеме реални, овие две случувања се мошне речити во однос на жилите и „здравите јајца“, но конечно заради некомерцијалноста без неопходното адекватно промовирање во јавноста ќе ја имаат (за жал) судбината на многу слични претходни. Останува единствено надежта дека конечно ќе бидат подотворени вратите и за навидум „неслушливото“.
Белким некој (од електронските медиуми, кревките но агилни издавачи,промотерите…) ќе собере храброст. Будењето нека биде во движење! Чекор по чекор. И, тоа ќе е на фајде!

2018-08-21T17:21:59+00:00 февруари 1st, 2001|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 19|