Серенади за љубовта

/, Звук, Блесок бр. 27/Серенади за љубовта

Серенади за љубовта

Концерт на Сесарија Евора во Скопје

#1 Поубаво затворање на првиот „Оф-фест“ зад кој со својот авторитет на докажан промотер застана „Скопскиот џез фестивал“, манифестацијата чии претензии дефинитивно се да стане традиционална, веројатно и не можеше да се посака. Љубителите на убавата музика, во средата навечер, на 19 јуни годинава, во вжештената (треба ли да кажеме и преполна) Универзална сала во Скопје, ја имаа привилегијата да го проследат концертот на ненадминатата Сесарија Евора, едно од најпознатите и најкомерцијалните имиња на т.н. „светска музика“.
Босоногата легенда, која во моментов ги одработува концертните настапи од актуелната европска турнеја по обелоденувањето на албумот со најголемите хитови, на сцената се појави со својот оркестар од 12 инструменталисти, врвни мајстори на својот занает и луѓе во чии вени силно пулсира музиката на Зелено’ртските острови. Од таму, разбирливо е што само по првите отсвирени тактови на музиката за која можеме да кажеме дека ни е нам блиска по емотивноста и топлината што ја носи, автоматски беа урнати сите огради и публиката ја пречека Евора онака како што прилега – со нескриено воодушевување. А, таа пак, започнувајќи го разложувањето на својот стандарден концертен репертоар, инаку, составен од најуспешните нумери од албумите “Cesaria” (1975), “Cabo verde” (1997), “Mar Azur” и “Café Atlantico” од 1999 и посебно минатогодишниот “Sao Vincente Di Longe”, едновремено ги воведе присутните во сторијата за традиционалниот стил „морна“ – музиката која силно асоцира на островите и комбинира западноафрикански ритмови со португалски гитарски мелодии, бразилски призвуци и британски морнарски напеви, во атмосферата во која сè е потпрено на емоциите и ритамот кој лежерно (нека биде и сензуално) го раздвижува телото. Притоа, наспроти бремето на годините и професионализмот што го налагаат децениите во бизнисот, Сесарија многу мудро диригираше со расположението, во ниеден момент не заборавајќи дека заради непознавањето на јазикот и не смее да си дозволи експерименти во комуникацијата. Согласно, сè беше подредено на суштината на музиката и нејзината верна репродукција. Се редеа хитовите еден по друг, за во еден момент пејачката да си дозволи да остане само со клавиристот на сцената (идејата веројатно беше да нè пресели во природниот амбиент на зачадените крчми во Кабо Верде) и да го има единствениот кикс на концертот. Започнатата балада се престори во само нејзе поимлива „шега“, но за среќа многу брзо на сцената се вратија музичарите од оркестарот и нештата попримија поинаков тек. Го бележиме и креативниот врв на концертот изведбата на прекрасната “Serenata de amore “, за сè да кулминира со фуриозната изведба на #2 насловната тема од последниот албум и Сесариното, по одработените час и половина, единствено повторно појавување на сцената и незаборавната изведба на латино-класиката “Besame mucho”.
Сè на сè, ова беше повеќе од солидно концертно запознавање со големата ѕвезда на современата светска музика Сесарија Евора, иако остана нејасно зошто таа не ни ја отпеа нам веројатно најпознатата песна “Ausencia” работена во колаборација со Горан Бреговиќ. Генерално присуствувавме, на музички успешен концерт, на кој единствениот противник му беше преамортизираната Универзална сала во која климата на вакви горештини е мисловна именка. Од таму, впечатокот ќе беше сигурно поинаков ако и овој концерт ( како, впрочем и оние на Дејвид Брн или „Зуко 103“) се обистинеше во поинакви (понормални) услови, арно ама стара вистина е дека на Скопје наспроти тенденцијата да му се „случува светот“ реално и нема каде нормално (човечки) да биде сторен таквиот чин. Барем засега.

звучен запис

2018-08-21T17:21:48+00:00 август 1st, 2002|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 27|