Ритмистика

Ритмистика

…или: аманет како да се љуби и негува, облагородува и воздигнува духот на пребогатиот македонскиот музички јазик

#10 Кругот е затворен. Со обелоденувањето на „Ритмистика“ е комплетирана трилогијата на нашата пејачка легенда Вања Лазарова. Велиме трилогијата од проста причина што за релативно краток временски период ( 1998 – 2000 година) се обистинија дури три објави потпишани со името на големата национална изворна певица. Најнапред, Македонската радиотелевизија, во рамките на својата едиција „Македонска фолклорна антологија“, претстави 14 македонски народни песни документирани во последните неколку децении што г-ѓа Лазарова ги отпеала во придружба на Народниот оркестар на МРТВ, триото кавали и солистот на гајда, големиот уметник и учител Пеце Атанасовски. Следуваше албумот „Македонски #9традиционални љубовни песни“ (издание на најреспектабилната независна македонска издавачка етикета „Трето уво“) каде во една камерна форма „изворното и природно“, „софистицираното и современо по сензибилитет“ пеење на нашата тетка Вања во „неслутените висини на уметничкиот естетизам“ (како што ќе забележи етномузикологот и нејзиниот животен сопатник Душко Димитровски) е следено од инструменталистите – солисти, големи мајстори на својот занает: Благоја Десковски – виолина, Стојанче Костовски – кавал, Хисрет Саит – канон, Драги Митев – кларинет и Златко Ориѓански – тамбура, продуцент на материјалот чија пасија и движечко уметничко кредо е потрагата по изворното во македонскиот звук.
#8 И, ако со обете звуковни фрески, се заокружи автентичното вонсериско претставување на моќната творечка душа на Вања Лазарова, актуелната објава „Ритмистика“ („Трето уво“, 2000) е неверојатно храбар и насушно потребен исчекор во иднината што можат да го сторат само навистина големите творци. Имено, овде во безмалку 40-те минути забележана музика единствениот кадифен глас, не за прв пат, ќе се најде во едно само по форма, но не и по суштина, поинакво звучно опркужување. Колку за потсетување, соработката и чудесното пријателство на Лазарова со членовите на групата АНАСТАСИЈА е бележито за целата мината деценија, а неверојатно инспиративно и футуристички беше крунисано во 1994 година со песните „Девојче бело, црвено“ и „Со маки сум се родил“ снимени за потребите на музиката за култниот филм на Милчо Манчевски „Пред дождот“.

#6 Согласно, од воведната „Кирајџиче, јабанџиче“, во којашто се распослани длабоко емотивните гитарски солажи на Влатко Стефановски, преку амбиенталното патешествие во „Ах, минав гора“ каде Златко Ориѓански гради електронска симфонија со македонско мелосен предзнак, „Таму ле долу вода ми дотече“ во која Мирослав Тадиќ сензибилитетот на традиционалниот македонски звук умешно го испреплетува со фламенко гитарските пасажи (навидум неспоиво, но…), трип-хопичната „Стојне бре моме кочанско“ како вистински показ дека #4Кирил направил уште еден неверојатно „леплив“ хит на кој тешко може да му се одолее (не случајно за оваа песна е направен видео клип), „Слага се с’лнце да зајде“ во којашто КИСМЕТ излеваат толку многу енергија #5и традиционалниот звук го транспонираат во тескобноста на технолошки самодеструктивното столетие што надоаѓа, до „Катерино, кротко јагне“ кадешто Ристо Вртев (АРХАНГЕЛ) слегува до подрумите на сопствената душа и од таму пласти емоции толку типични за нашиот музички јазик низ времето и просторот… Вовлечени сме во магијата именувана НАША МУЗИКА, наша светлина и вознес, при што вокалот е оној битен вонвременски врзувачки елемент којшто плени и разгалува, којшто ја раскажува нашата сторија за постоењето и жилавоста за опстојување.
#7 По, ваквиот сет следуваат уште две песни („Прошета се Јовка Кумановка“ и „Многу ми го фалат бабо“) во кои Вања Лазарова единствено преку неповторливиот глас нè вовлекува низ портите што ги бришат сите огради и ограничувања, за албумот многу мудро да биде заокружен со аудио подлогата за видео спотот од акцијата „Купувајте македонски производи“ што го потпиша Ориѓански.
Сè на сè, по објавувањето на „Ритмистика“ многу работи нема да бидат исти. Едноставно, ова врвно остварување не остава нималку простор за „преснодојденците“ и некадарните (коишто, рака на срце, се намножија во последно време) во нивниот т.н. „експеримент со традиционалниот звук“, со што за верување е дека ќе бидеме поштедени од нивните „полуфабрикати“ кои не се за споменување, а камоли за каква било анализа. Конечно, аманетот – македонскиот музички јазик, единствено може да се чува со поимање на неговата суштина а нималку со немушто трендовско кокетирање. Еднаш и засекогаш.

Од албумот

2018-08-21T17:22:02+00:00 октомври 1st, 2000|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 17|