Ретрокабаре „Циркус Еуропиа“

/, Звук, Блесок бр. 57/Ретрокабаре „Циркус Еуропиа“

Ретрокабаре „Циркус Еуропиа“

одблесок на интуицијата

Музичко-сценски перформанс со креативна димензија која ги надминува рамките на едноставно концертно претставување на театарската музика на Горан Трајкоски

#1Првично замислен како концертно претставување на музиката која Горан Трајкоски ја компонирал за неколку театарски претстави, „Циркус Еуропиа“ прерасна во музичко-сценски перформанс со нова креативна димензија која ги надминува рамките на целовечерен концерт. Главниот акцент е ставен на изведувањето на музиката во живо, иако замислата ќе биде дополнета со музички ЦД-документ кој ќе биде достапен и на интернет. Главнината од материјалот е театарска музика пишувана во периодот од 2001 до 2006 година за театарски претстави кои се поставени на сцената на неколку театри низ Македонија. Се работи за претставите „Црнила“ од Коле Чашуле, „Тартиф“ од Молиер, „М.М.Е. кој прв почна“ од Дејан Дуковски, „Кралот умира“ и „Делириум за двајца“ од Ежен Јонеско, „Чомак Челик“ од Трајче Кацаров и други. „Новиот 21 век ме затекна во театар, во секоја смисла на зборот. Во театар како работна, уметничка средина, создавајќи музика за петнаесетина претстави во Македонија, и во театар како општествена и (гео)политичка фарса во која, не по своја волја, беа вовлечени мојот народ и мојата земја“, вели Горан Трајкоски, автор на музиката и на идејниот концепт на перформансот. Во рамките на проектот на сцената користи семплер, го направил изборот на текстури и се појавува како наратор и вокален солист. Музиката жанровски се дефинира како кабаретско-циркуски ретро-стил. По примерот на тандемите Brecht-Waill и Morricone-Rotta се работи за современ стил насловен Dark Cabarett-Cabarett Noir кој во зачетокот е негуван од малку познати групи и автори како Dresden Dolls, Nicky Jane, Katzenjammer Kabarett, Tracu Jill, Revue Noir. „Циркусот на Апсурдот и Црното кабаре на 21 век се нашата несакана трагикомична реалност. Апсурди, лаги, интриги, заговори, убиства и војни се менуваат како на филмско платно. Едните напишани од големите магови на театарот како Молиер, Брехт, Јонеско, Бихнер, а другите од ‘новокомпонираните демиурзи’ на ‘големата шаховска табла’ и нивните марионетки. Еурописка класика. Дали како одблесок на оваа општа атмосфера, или како резултат на интуицијата, музиката што се изроди во овој период беше опседната со циркуската музичка естетика и од Црното кабаре од првата половина на 20 век. Бесмислата на Јонесковиот „Човек под знак прашање“ и Брехтовиот општествен цинизам и иронија се наметнаа како најмал заеднички содржател на нашето современо проклетство. Циркусот Еуропиа сè уште е меѓу нас. Некој би посакал да ги затвори очите и сето ова да го снема“, вели Трајкоски, во потрага по иницијалните моменти за сопствениот креативен изблик.
#2 Креациите на Горан Трајкоски досега сме имале можност да ги проследиме низ неколку различни содржински и формални групации. Неговите музички почетоци се поврзани со групата „Афективен набој“ која се појави на почетокот од 80 години на 20 век. Потоа следуваат неколку етапи кои со градација од локално кон глобално ниво ги следат тековите на современата музичка тенденција. По краткиот период поминат во групата „Сарацени“, ја основа групата „Падот на Византија“. Тоа е период на постпанк влијанија, силна музичка сцена во зародиш на средината на 80-те години. Некои ќе го обележат како период на создавањето на македонскиот нов бран. Интересно е да се спомене дека на една од формите кои во тоа време значеа потврдување на вредностите, групата „Падот на Византија“ добива награда од публиката на Рок-фестот во 1984 година. На истиот фестивал настапија и сега реобновените „Бадмингтонс“. Извесен период Трајкоски свири бас со групата „Мизар“. Тоа е периодот на ‘второто откровение’, и издавањето на првиот албум целосно отпеан на македонски јазик. Во наредната фаза следува потрагата по сопствените музички корени. Проектот „Апореа“ задира директно во суштината на црковното пеење од средниот век на ова тло. Обид да се откријат нотните тетратки на запишаните и незапишаните псалми. Да се реконструираат влијанијата на Византија, не во територијална, туку во духовна димензија. За жал, од досега наведените проекти речиси и да нема музички записи (освен албумите со „Мизар“ и неколку траки во фонотеката на Македонското радио од периодот со „Падот на Византија“). Но, проектот „Апореа“ е директна претходница на групата „Анастасија“ која со музиката за филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски направи влез во глобалните музички води.
#3 Од каде сега кабаретски ретро-стил? „Станува збор за развој на една иста идеа, свирам една иста музика цело време. Идејата е човечка и, можеби звучи прозаично, но, сепак, тоа е барање на себеси, најпрво во нашата традиција, потоа во балканската, во европската, па во светската. Така одат концентричните кругови на креативност кои се развиваат околу секој човек“, вели Трајкоски.
#4 Со „Циркус Еуропиа“ Трајкоски повторно се враќа на музичката сцена. Текстуалната предлошка за перформансот е на Крум Велков со наслов „Круг од неонски ѕвезди (Хипер-реалистички фрагменти за потребите на Циркусот Еуропиа)“. Како надградба на музичката и текстуалната основа се визуелните моменти. Сценографијата, костимите и плакатот се на Тихомир Спировски. За потребите на проектот специфична е трансформацијата на актерката Арна Шијак, која одлично се снаоѓа во улогата на вокален солист. Чувстително изрецитираните и отпеаните стихови создаваат момент кој ретро-стилот го надградува со суптилна атмосфера. Учесници во музичко-сценскиот перформанс, освен Арна Шијак (вокал), се и Слободан Кајкут (тапани), Марија Ѓаковска (виолина), Анастасиј Јованов (кларинет), Игор Зотиќ (клавијатури), Игор Василев Новоградска (бас). Гласот на нараторот е на Роберт Вељановски. Во техничкиот дел учествуваат Иван Јанчев (аниматор), Ален-Хаџи Стефанов (тон мајстор), Илија Трчуловски (светломајстор) и Никола Кимов (инспициент). Продуцент на „Циркус Еуропиа“ е Културно информативниот центар од Скопје. Проектот е реализиран во копродукција со Македонскиот народен театар. Следното прикажување ќе се случи на националниот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп во јуни 2008 година.

музика

АвторТони Димков
2018-08-21T17:21:15+00:00 декември 15th, 2007|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 57|