Разговор со диригентот Борјан Цанев

/, Звук, Блесок бр. 59/Разговор со диригентот Борјан Цанев

Разговор со диригентот Борјан Цанев

#1 Борјан Цанев е главен диригент на Македонската филхармонија, во која последниве месеци често застанува на концертниот подиум, диригирајќи различни дела од симфонискиот и концертниот репертоар. Исто така, Цанев со нашиот национален оркестар диригираше и неколку од концертите наменети за пошироката публика, меѓу кои симфонискиот концерт за деца, како и концертот на музичката група „Проект Жлуст“. Борјан Цанев е вонреден професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде и самиот го стекна своето образование во класата на професорот Фимчо Муратовски.

Д.П. Како главен диригент на националниот оркестар, каков репертоар најмногу Ве интересира?
Б.Ц. Диригентот, во секој случај, треба да познава широк репертоар, бидејќи самата специфика на работата го бара тоа. Лично сум заинтересиран за сè она што е поврзано со симфониската и оперската музика, така што не би издвојувал конкретни примери.

Д.П. На 17 јануари го диригиравте симфонискиот концерт на групата „Проект Жлуст“, како дел од циклусот џез симфониски концерти чија цел е симфониската музика да се приближи кон пошироката публика, која вообичаено е редок посетител на концертите со класичен репертоар. Кој е Вашиот став за оваа нова програмска концепција?
Б.Ц. Сметам дека оваа концепција внесе извесна свежина во стандардниот класичен репертоар. Интересот што го привлече овој концерт, несомнено зборува дека ваков тип на концерти ѝ беа потребни на публиката.

Д.П. Колку во текот на кариерата сте следеле концерти од ваков карактер и колкав беше Вашиот придонес во целосното музичко обликување на овој концерт?
Б.Ц. Имам посетено многу концерти од ваков тип, особено за време на мојот престој во Англија. Сите големи светски симфониски оркестри практикуваат помалку или повеќе слични „излети“ од железниот репертоар. Сметам дека на тоа треба да се гледа како проширување на веќе постоечкиот репертоар. Се плашам да не испадне клише, доколку кажам колкав е придонесот на диригентот во оркестарот.

Д.П. Сметате ли дека преку изведба на вакви дела постои можност оркестарот да го намали своето ниво на изведба и да направи отстапка во задоволувањето на критериумите утврдени за симфониските оркестри?
Б.Ц. Обично сум воздржан и сум противник на избрзани заклучоци за било што. Сметам дека е потребна извесна временска дистанца за да се донесе посериозен заклучок дали концепцијата е добра или не. Со повеќе задоволство би одговорил на прашањето: дали постои можност оркестарот да напредува преку изведба на вакви дела? Апсолутно сметам дека добриот музичар лесно се адаптира на различни жанрови, при што квалитетот не трпи промена.

Д.П. Колку вашиот личен сензибилитет е близок на дела од други современи жанри и алтернативните музички форми на изразување?
Б.Ц. Ние, уметниците, се надградуваме и созреваме секојдневно. После секое ново искуство јас се чувствувам побогат и поискусен, така што од ден на ден се обидувам повеќе да ги проширувам моите професионални и ментални хоризонти. Уметникот кој не прифаќа новини или (не дај боже) мисли дека сè видел и сè знае: со него е завршено.

Д.П. Која е главната разлика во пристапот кон оформувањето на изведбата на современи дела од пристапот кон делата од класичниот репертоар?
Б.Ц. Нема никаква разлика. Принципот е ист, само делата се поинакви.

Д.П. Сметате ли дека современите македонски композитори добиваат соодветен простор на концертниот репертоар на вашата институција?
Б.Ц. Лично би сакал да се застапени почесто. Секогаш апелирам до композиторите дека колку повеќе пишуваат симфониска музика, толку почесто ќе бидат застапени на репертоарот.

Д.П. Вие сте редовен гостин диригент на Софиската филхармонија. Со задоволство го прифаќате преземањето на диригентската палка за да концертирате со овој оркестар. За каков оркестар станува збор и може ли да се постави паралела со Македонската филхармонија?
Б.Ц. Станува збор за високо професионален оркестар од европски калибар со долга традиција. Иако секој оркестар има своја карактеристика или со музички жаргон кажано „душа“, сметам дека поставувањето паралела со добри оркестри е секогаш корисно. Во таа насока, согледувајќи ги состојбите во Македонската филхармонија – смената на генерации, програмската определба, принципот на работа итн., мислам дека полека но сигурно излегуваме на вистинскиот пат кој води кон вистински професионализам во оркестарското музицирање.

Д.П. Имате ли во моментов интерес за операта и кога би можеле да очекуваме повторно да Ве видиме во музичко-сценски проект на домашната сцена?
Б.Ц. Интересот за операта кај мене никогаш нема да згасне. На оперската сцена ќе се појавам тогаш кога ќе проценам дека треба и во момент кога ќе бидам музички испровоциран и инспириран за тоа.

Д.П. Кој е процесот на обмислување на партитурата пред да ја поставите нејзината звучна димензија?
Б.Ц. Тоа е долг и комплексен процес, кој се состои од проучување, анализирање, свирење и диригирање на една партитура. За жал, современите текови и брзиот начин на живот длабоко навлегоа и во музиката, така што не секогаш постои време за детално спроведување на сите овие сегменти. Диригентот мора да се обучи и за „брза интервенција“, т.е. за краток временски период да подготви едно дело.

Д.П. Колку литерарните извори влијаат на вашиот стил или пристап?
Б.Ц. Имаат извесно влијание, но јас музиката ја доживувам како чиста уметност која пред сè ја примаме преку фантазијата.

Д.П. Постои ли дело кое претставува предизвик за Вас да го диригирате, а тоа сè уште не сте го направиле?
Б.Ц. Секако дека имам уште многу дела како предизвик. Како што реков погоре, доколку немав повеќе предизвик веројатно тоа ќе беше крај на мојата диригентска кариера.

2018-08-21T17:21:12+00:00 мај 10th, 2008|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 59|