Посветеноста нè тера да се надминеме себеси

/, Звук, Блесок бр. 88/Посветеноста нè тера да се надминеме себеси

Посветеноста нè тера да се надминеме себеси

Интервју со Сеад Хаџиќ – Сецко, „Мугер фугер“

Различни сензибилитети и музички креативци се вклучени во новото остварување на „Мугер фугер“, најпродуктивната македонска рок-група во последниве неколку години. Со шест објавени албуми од 2005 година до денес, групата докажува како треба да се создава и да се живее со рок-музиката. Како на историска мапа со најзначајните имиња на македонската музичка сцена, во нејзините албуми се вклучени креациите на Горан Трајкоски („Падот на Византија“, „Анастасија“, „Мизар“), Драган Гиновски – Гино („Архангел“), Зоран Тортевски („Хармосини“, „Мизар“), мултиталентираните Сашко Костов и Ади Имери, виртуозот Мухамед Ибрахими, како и поетот Џабир Дерала. Промоцијата на новиот албум ќе биде обележена и со настап на „Ласт експедишн“, „Ексик“ и „Блек енд вајс соушл клаб“. Сценографијата за концертот и целиот пропаганден материјал на групата се инспирирани од руската уметничка авангарда. Брз прелет низ годините што поминаа до актуелниот албум „Ла Кања“ направивме со Сеад Хаџиќ – Сецко, движечката сила на „Мугер фугер“.

Некако многу брзо во последниве две-три години почнаа да се редат нови албуми на „Мугер фугер“. На што се должи таа експлозивна креативност?
Пред сè, на нашата посветеност, а и на тоа што создавањето нови албуми е потреба што е посилна од нас и нешто од што не можеме да избегаме. Лично, создавањето го доживувам како повик, како нешто без што би го изгубил својот идентитет и тешко би се снаоѓал во овој свет. Навистина, многу е напорно да се работи на албум и целата таа работа бара многу љубов, време, пари, но на крајот сите се чувствуваме како да сме создале еден нов живот, нешто што долго ќе говори за нас, така што потребата да се тркаме со времето не ни дозволува да го „фучкаме“ безвредно. Најверојатно од таквиот наш нагон речиси секоја година се раѓа барем еден албум на „Мугер фугер“.

#1Колку албуми објавивте досега и зошто последниот е насловен „Ла Кања“? Претходниот беше насловен по улица во Ѓорче Петров, така?
Задоволни поради фактот дека, иако процесот на снимање на еден албум трае барем три месеци, а подготовките се околу шест месеци, ние од 2005 година досега успеавме да снимиме шест студиски албуми. Секој од тие албуми е различен и приказна за себе, но секој го носи оној препознатлив, силен и остар звук на „Мугер фугер“. Секој албум го добива името на различен начин. Конкретно, последните два се врзани за одредени урбано-социјални простори. Претпоследниот албум беше насловен по улицата „4 Јули“, место каде што сум роден, таму почнав да ја осознавам музиката, маалото каде што никнаа неколку рокенрол приказни, како онаа на „Ласт експедишн“. Нашиот последен албум е со наслов „Ла Кања“, место што за нас не е само обичен клуб, туку место каде што имаше многу алтернативни музички перформанси, проекции, поетски читања, концерти, промоции, но и затоа што клубот, на бескомпромисен и доследен начин, опстојува и промовира вистински културни вредности. Сите знаеме колку е тешко денес да се биде доследен и да се опстане. Со „Ла Кања“ треба да станеме свесни дека, конечно, мора да бидеме солидарни меѓу себе, ако сакаме да си го заштитиме оној мал културен простор што ни преостана.

#2Дисторзираниот гитарски звук, вклучувајќи го сензибилитетот на членовите на групата, спакуван во многу чувство, е карактеристика на албумите на „Мугер фугер“. Чувствувате ли градација движејќи се од еден кон друг албум и кон што се стремите во подготовката на секој следен албум?
На сите наши албуми гитарите секогаш се појдовна точка и на секој албум тие се снимени во различна атмосфера, во различни и необични алтернативни гитарски штимови, кои секогаш ни даваат нешто ново и непознато, нешто што со многу возбуда и љубопитност го истражуваме. Секоја таква нова ситуација бара многу работа и посветеност, а посветеноста често нè тера да се надминеме себеси во секој следен албум. Затоа, на крајот, секогаш имаме одлична плоча, спакувана со многу чувства. Многу од тие работи, ако би ги создавал и свирел во нормален гитарски штим, најверојатно, би звучеле банално и механички, бидејќи би се потпирал на моето поранешно искуство. Секогаш го менуваме концептот за подготовки и за снимање на секој следен албум, така што, на пример, последниот албум, во основа, е сниман на 8-канална лента, додека наредниот ќе биде сниман на 24-канална лента, а сето тоа наметнува и нови правила на игра. Кога сме во нова ситуација, мораме на секој план да сме попосветени и поинвентивни за подобро да се снајдеме во неа, а не да се препуштаме на некои наши механички инстинкти. Овој концепт дал одличен резултат во секој наш албум и затоа се држиме до него.

Кој е совршениот звук што сакате да го постигнете како група?
Совршениот звук е само илузија, а доколку би го достигнале, тоа би било крај на нашата мисија. За вистинските војници целосната победа секогаш е рамна на пораз, па какви војници ќе бидат кога ќе немаат за што да се борат. Така и ние, не можеме досадувајќи се да уживаме во мирот и тишината, туку со бучавата што ја создаваме ја водиме нашата замислена војна, наречена рокенрол. Како ветерани кои се одликувани во многу битки со нетрпение ја чекаме секоја наредна, а така ќе биде сè додека постоиме, затоа што тоа сме ние и тоа е нашиот повик… рокенрол!

#3 На албумите, како и на концертите, секогаш имате повеќе гости. Тоа е поради динамиката на различните сензибилитети во песните на еден албум или веќе стана концепт на работата во групата?
Секогаш се трудиме да ѝ дадеме нешто ново на нашата музика, која одамна сме ја пуштиле слободно да тече, а ние уживаме пливајќи во нашите креации, не плашејќи се каде сето тоа би можело да нè однесе. Затоа и соработуваме со музичари кои ни нудат различен сензибилитет или луѓе кои со своето присуство можат да им дадат дополнителна возбуда на нашите нови авантури. Сакаме да соработуваме и со докажани музичари, на пример, Горан Трајкоски, Драган Гиновски, а во нашиот тим да вклучуваме и млади и талентирани музичари, како што е Ади Имери. „Мугер фугер“ е спој на младоста и искуството. Уште отсега имаме договорено неколку нови соработници за нашиот нареден албум, за кои мислиме дека ќе дадат нова свежина на новиот звук на „Мугер фугер“.

Често соработувате со Џабир Дерала како текстописец, на музички план тука се Горан Трајкоски, Ади Имери (кој ќе има значајна улога и на концертот на 8 февруари) и многу други. Според кои критериуми ја градите заемната соработка, што очекувате, а што добивате од гостите во (со) песните и во албумите?
Пред сè, тоа мора да се артисти кои се подготвени да го остават своето срце на лентите на кои ние свириме. Тоа, во основа, е нашиот концепт и критериум. И само на таков начин очекуваме да ни помогнат со нивната соработка, да се продлабочи нашата музика и нашето творештво да оди во нагорна линија, а тоа е основното нешто на што инсистираме во секој албум. Мојата соработка со Џабир датира уште од 80-тите години од минатиот век, кога свиревме со „Ласт експедишн“. Тој ги напиша повеќето текстови на нашите песни, како „Далеку си“, „Песна за песот“, „Немоќен и чуден“. Додека на Готра отсекогаш сум му се восхитувал и сум учел од големиот мајстор, така што, еве, соработуваме веќе на три албуми, а на песната „Ново лисиче“ од последниот албум го свиревме истиот оној телекастер, што безброј пати сум го слушал на лентите на „Падот на Византија“. На соработката со Ади ќе се сеќавам… толку моќно и гласно отпеа што моите маршали (Marshall) и воксови (Vox) се засрамија од него.

#4 Иако македонската публика ве чувствува како „групата од нашето маало“, кои се универзалните пораки што сакате да ги испратите со текстовите на песните?
Нас, за среќа, не нè сменија ниту претераната слава ниту премногу заработените пари, па така продолжуваме да ги живееме нашите обични животи и да свириме и пееме за секојдневните теми и проблеми што го притискаат и опкружуваат секој обичен човек. Со тоа и публиката нè доживува како дел од своите животи, кои на сличен начин ги живееме и отпеваме и затоа, најверојатно, нè доживуваат како „бендот од нивното маало“. Ние пееме и свириме за мал милион обични нешта, како што се љубов, болка, слобода и егзистенција, теми што го засегаат секој обичен човек.

Колку предисторијата на групата е битна во градењето на сегашниот звук? Дали славата и веќе култниот статус на „Ласт експедишн“ влијае врз градењето на новиот звук на „Мугер фугер“? Можно ли е да се прават такви паралели?
#5 Јас и Огнен свиревме во „Ласт експедишн“ од самиот нејзин почеток, така што искуствата кои сме ги стекнале свирејќи таму се толку големи што е невозможно како било да се заобиколат. Но, мора да кажам дека по распаѓањето на бендот воопшто не беше лесно сè да се почне од почеток и мислам дека сигурно било многу потешко да се започне со „Мугер фугер“ отколку со „Ласт експедишн“, затоа што тогаш бевме деца и само сакавме да свириме и немавме поим колку долг и трнлив пат е пред нас. Кога почнав со „Мугер фугер“ веќе знаев што сè ме чека. „Ласт експедишн“ е бенд кој ги раскажа, можеби, најромантичните урбани скопски приказни од крајот на 80-тите до крајот на 90-тите години од минатиот век. На најоригинален начин го опишавме мирисот на жешкиот скопски асфалт, обележавме едно време што никогаш нема да се повтори, а ехото од тоа време може да се чуе во песните „Далеку си“, „Песна за песот“, „Шефе“, „Ќељав дабар“. Тие песни продолжија да живеат. Мисијата на „Мугер фугер“ е истата, само што е наменета на едно друго време. Се надевам дека приказните што сме ги раскажале со „Мугер фугер“ ќе бидат доволно добри и ќе бидат ехо на времето што сме го живееле.

Лично, познат сте како бескомпромисен вљубеник во аналогните гитарски педали. Оттаму и името на групата „Мугер фугер“. На што се должи таквата фасцинација?

Рокенролот е комбинација помеѓу наука и музика. Замислете само да не постоеја Џим Маршал (“Marshall”), Роберт Муг (“Mooger Fooger”) и Томас Волтер Џенингс (“Vox”). Каква ќе беше денешнава современа музика? Како вистински љубител на рокенрол културата подеднакво го ценам и уживам во она што ни го оставија во наследство Џими Хендрикс и Џим Маршал. Сите тие постари гитари, ампови, педали се создавани со многу љубов и имаат свој карактер, своја долга историја, која се подготвени да ја раскажат ако им посветиш љубов и внимание. Вистински љубител сум на тие стари и убави музички алатки од минатото, затоа што се создавани од човек кој посветил многу љубов, внимание и труд за да ги создаде. Сите тие стари работи имаат многу емоции во себе, додека, кога станува збор за денешнава технологија, машините ги создаваат новите машини на кои се свири, а знаеме дека тие немаат чувства и тоа не ми се допаѓа.

#6Која комбинација гитара-педал-засилувач најдобро му лежи на Сецко?
Имам илјадници комбинации во кои знам целосно да уживам, затоа и имам 15 гитари, 30 педали и многу засилувачи, но, сепак, имам една омилена комбинација која без размислување ќе ви ја кажам – гитара Fender Telecaster Custom ʼ72, засилувач Vox ac 30 JMI и педал Ibanez Tube Screamer 808.

Слободно може да се каже дека сте предводници на моменталната македонска независна рок-сцена. Се чувствувате ли како такви?
Сосема сме растоварени од таков вид притисок и од тоа кои сме и што сме и затоа и имаме повеќе простор околу нас и можеме слободно да дишиме со полни гради. Статусот на предводници би можел само да го стесни нашиот креативен простор. За нас, пред сè, е најважно да правиме одлична музика и добри концерти и да успееме, барем за момент, да ги направиме посреќни животите на сите оние што дошле до нашата музика.

Постои – не постои вистинска рок-сцена во Македонија? Што недостига, а што има премногу на сцената?

Ова прашање го слушам со години наназад и ми звучи слично како тезата – постои или не постои живот на Марс!? Со самото тоа што ова прашање често се поставуваше во изминативе години веќе сè е кажано. Рок-сцената во Македонија постои и облиците на живот што таа ги манифестира во овие тешки и невозможни услови за опстанок се многу поинтересни и со повеќе живост во себе отколку оние што, вообичаено, можеме да ги видиме на места каде што условите се многу поповолни. Погледнете колку денешнава светска сцена е стерилна и без идеи. Порано музичарите ги менувале нашите светови и тие наметнувале што ќе се слуша, а денес дебелите и испотени „босови“ на големите светски музички компании кажуваат што ќе се свири и што ќе се слуша. Наша привилегија е што тоа не е така и затоа имаме разновидна сцена полна со живот.

[Интервјуто е прво објавено во неделникот „Граѓански“ кој, за жал, престана да излегува додека го подготвувавме овој број на „Блесок“]

2018-08-21T17:20:51+00:00 февруари 23rd, 2013|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 88|