„Порта Маседониа“ – жесток и меланхоличен албум

/, Звук, Блесок бр. 65/„Порта Маседониа“ – жесток и меланхоличен албум

„Порта Маседониа“ – жесток и меланхоличен албум

Кон албумот „Порта Маседониа“ на Горан Трајковски и Александар Хофман-Велјанов, „Премиум рекордс“, 2008

#1 Горан Трајковски, ексвокалист на влијателните македонски групи „Анастасија“ и „Мизар“ (во почетокот на кариерата и на „Падот на Византија“), автор на музика за голем број театарски претстави и во последно време запаметен и како автор на музичко-политичкиот проект, дарк-кабарето „Циркус Еуропија“, и Александар Хофман-Велјанов, Германец со македонско потекло (по мајка), долгогодишен вокалист на култната дарк-вејв група од Берлин „Deine Lakaien“ (1985), ги здружија своите креативни сили и го создадоа извонредниот албум „Porta Macedonia“, кој излезе кон крајот на минатата година за европскиот пазар, под капата на „Премиум рекордс“. Албумот го имаше своето прво концертно патешествие минатиот месец низ Германија – во Дармштат, Минхен, Лајпциг, Келн, Хамбург, Берлин, Штутгарт…
Храброст е во време кога уметноста, особено сферата на современата (модерната) музика, се доживува или восприема како џанкфуд, да се создаде дело што ќе поседува вистинска уметничка вредност. Станува збор за оние вредносни репери што доаѓаат од личната перцепција на авторот, зашто за вистинските уметнички вредности, како што се покажало низ примерите наназад во историјата, сепак, времето е праведниот или неправедниот коректор. „Порта Маседониа“ ја поседува, а тоа и се чувствува, онаа искрена, длабока страст спрема музиката како уметност, но и како идеологија, не само затоа што ги влече сенките од минатото на досегашните засебни остварувања на двајцата автори, туку затоа што нема претензии да привлече разновидно профилирана публика, не цели кон задоволување различни вкусови. „Порта Маседониа“ има јасно дефинирана целна група слушатели, колку и претенциозно ова да звучи. И во Скопје, односно во Македонија, но најверојатно многу повеќе во Берлин, односно во Германија. Зашто овој албум не е прогресивен во смисла на потрага по нов звук или по технички иновации, иако во тој сегмент е мошне богат, а од друга страна, пак, не е ниту демоде, туку е своевидно продолжение на приказната која, како што веќе кажавме, ја почнаа и Велјанов преку „Дајне лакајн“, како и преку своите самостојни изданија, и Трајковски со „Мизар“ и „Циркус Еуропија“.
„Порта Маседониа“ е романтичен албум. Меланхоличен. Кога би требало да му се даде некоја музичка определба, најмногу му припаѓа на т.н. дарк-правец со неговите супконтексти на – музичкиот нов бран, електроготик, дарк-кабарето, амбиент-музиката, па дури и панкот и индустријал-музиката. Оние што имале можност да ја слушаат инспиративната „Дајне лакајн“, во која Велјанов е вокалист околу две децении, една од најпознатите дарк-вејв групи во Европа со бројни импресивни изданија зад себе, ќе го слушнат звучното ‘тетеравење’ низ патосот, меланхолијата, но и жестокоста и анархичноста и овде, во „Порта Маседониа“, но повеќе како атмосфера. Меланхолијата, всушност, доаѓа и од бојата на вокалот на баритонот Велјанов (сличен како и оној на Трајковски) и неговиот носталгично-поетичен пристап кон музичката лирика.
Носталгичното чувство за композициите е тагата што извира од гласот на Велјанов. Можеби тоа е така поради фактот што, како што вели и самиот во една пригода, иако е Македонец, Македонија првпат ја посетил во 2003 година поради претходно, со југословенската војна, парализираната ситуација. Но, оттогаш често доаѓа овде и како резултат на неговата соработка со неколкумина македонски музичари, особено со Горан Трајковски, се раѓа албумот „Порта Маседониа“, кој германските критичари го оценуваат како убав спој на две сосема различни култури, германската и македонската.
Албумот содржи 11 композиции (на германски и на англиски јазик) создадени во различни композициски форми. Меѓу нив е и прекрасната „Почесна стрелба“, овој пат испеана на германски, насловена „Mein Weg“. Оваа верзија на „Почесна стрелба“, всушност, која најпрвин ја испеаја Горан Трајковски и Ристо Вртев (чии автори, покрај Трајковски, се и Влатко Каевски и Горазд Чаповски), па на германски јазик и Горан Таневски (сите членови на новото откровение на „Мизар“), иако во почетокот се чини идентична како и првичната, нуди нов и навистина возбудлив аранжман, а поради интересната продукција, и спектрално уживање. Ја менува не само гласот на Велјанов, кој како страстен љубител на операта се обидува во мошне суптилна мера да го долови ‘бел кантото’, но од сосема друга страна и орнаментите на византиското пеење, туку и инструменталната заднина и возбудливиот ритам.
Перкусивните звуци на целиот албум, всушност, се извонредни. „Порта Маседониа“ почнува со театралната „Der Kongress“ во стилот на црното кабаре, што во истиот манир е и „Lily“. Се издвојуваат, покрај споменатите, и моќната и рокерска „Nie mehr“, елегичната „His Vita“, носталгично-романтичната со прекрасни гудачи во заднината „We Can’t Turn Back“, баладичната и во манирот на електропоп-музиката „The New Order“, па и ‘лајбаховската’ „Konigin aus Eis“… Албумот „Порта Маседониа“ нуди одлична продукција и богата инструментална подлога на електронски, класични и традиционални инструменти, меѓу нив и атипичните „теремин“ и органата „хамонд“, кои се претопуваат едни во други и создаваат волшебна палета од разновидни бои.
Во „Порта Маседониа“ учествуваат: Александар Велјанов, вокал, Горан Трајковски, синтисајзер, традиционални инструменти, органа, програмирање, аранжман и продукција, Драган Гиновски, гитара, Игор Василев-Новоградска, бас, Слободан Кајкут, тапани, Газменд Бериша, ориентална виолина, Момчило Митровски, кларинет, Ѓоко Аловски, труба, Сашо Николовски, тромбон, Џијан Емин, хорна, и „Бревис квартет“ во состав: Владимир Костов и Елена Талевска, виолини, Марко Виденовиќ, виола, и Паскал Краповски, виолончело. Сниман е и миксан во студиото „Промузика“ на Мите Димовски.

2018-08-21T17:21:07+00:00 април 29th, 2009|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 65|