Нова генерација бразилски музичари – Морено Велосо

/, Звук, Блесок бр. 28/Нова генерација бразилски музичари – Морено Велосо

Нова генерација бразилски музичари – Морено Велосо

Морено Велосо, заедно со Бебел Жилберто и Даниел Жобим е припадник на новата генерација бразилски музичари кои со помош на електроника им даваат нови димензии на традиционалните форми на бразилската музика. Како син на легендарниот самба поет и основач на Тропикализмот Каетано Велосо, тој веќе од најрана возраст учествува на турнеите и албумите на татко му и другиот основач на Тропикалија – Жилберто Жил. На неговото прво издание се чекаше долго време поради тоа што подготвуваше докторска дисертација по физика. Самиот албум “Music Typewriter” е мешавина од повеќе бразилски стилови: самба, MPB (Música Popular Brasileira), боса нова. Оваа година заедно со својот бенд Морено+2 тој ќе настапи во повеќе градови во Европа, меѓу кои и Скопје.

#1 Пред извесно време Вие потпишавте за Luaka Bop, при што Вашето прво издание “Music Typewriter” беше повторно издадено. Кажете ми што значи самиот наслов? На што се однесува “Music Typewriter”?
Music Typewriter” нема некое значење на англиски но и во оваа форма звучи убаво. На португалски “Máquina de Escrever Música” значи машина за пишување музика и овој израз честопати го користеше нашиот маестро Антонио Карлос Жобим за неговиот компјутер.

Една од работите што ги забележав во Вашата биографија е дека имате студирано физика и дека повремено работите во лабораторија. Како балансирате помеѓу обврските како уметник, работата во лабораторија а воедно и работата во студио?
Во почетокот немав кариера како уметник и можев да ги спојам работата во студиото и во лабораторијата како и студиите на универзитетот. Всушност, имав проблеми со спиењето но од друга страна мене и не ми треба толку спиење. Поради сите овие обврски сега воопшто не се гледам со пријателите од лабораторијата.

Како се појави кај Вас интересот за електронска музика?
Како дете за време на забавите на кои одев посебно внимание им посветував на диџеите и тоа што го нудеа постојано се менуваше исто како и компјутерите од 80-те и 90-те. Потоа се сретнав со Касин кој самиот е добар диџеј и тоа што ми го покажа имаше големо влијание на мене односно тоа беше експериментален, налудничав и технички добар начин на создавање музика.

Дали се сеќавате на првиот албум кој влијаеше на вас?
Се сеќавам можеби на првите стотина. Јас пораснав во куќа каде луѓето слушаат и свират музика нон-стоп. Но првиот албум кој го купив беше колекција на дела од Бах (каде беше и „Токата и фуга“) поради кој ја засакав класичната музика.

Како со сопствени зборови би ја опишале музиката што ја создавате? Таа е опишана како MPB (Música Popular Brasileira). Дали мислите дека таа би можела да биде опишана како таква?
За мене сè е едноставно: ние пишуваме музика, песни и бидејќи сме од Бразил, значи дека тоа е бразилска музика и може да се каже дека не е погрешно ако се каже дека тоа е MPB. Се разбира дека сите знаеме дека денес е тешко да се одредат границите поради тоа што сè е помешано како што е и работата со нашата музика. Ние едноставно ја нарекуваме бразилска поради посебниот начин на кој ги третираме песните што ги имаме тука во Бразил и што е присутно во нашата музика.

Дали можете да ми кажете нешто повеќе за бендот со кој работите, Морено+2?
Доменико
е уметник, односно тој е сликар и негова заднина е самбата. Тој е исто така и надарен композитор како и неговиот татко ,а оваа година го завршивме неговиот соло албум Domenico+2Sincerely Hot”. Касин е диџеј и продуцент и е талент за работа со електронски уреди. Тој има енормна колекција на винилни и цеде изданија и има огромно знаење за албумите.

Вашиот татко е важно име во бразилската музичка историја. Тој свири со Вас на ова издание. Кои се работите кои тој Ви ги кажал за музиката и музичката индустрија?
Најосновно е тоа што ме научи да ја сакам музиката во нејзината универзална форма. Тој уживаше да свири гитара и да ни пее и јас сум горд што на мојот албум тој свиреше на истиот начин на кој тоа го правеше дома.

#2 Во октомври/ноември Вие ќе настапите во низа градови во Европа. Каков пристап имате кон настапите во живо и како ги подготувате концертите? Дали Ви се важни живите настапи и што ќе изведувате за време на оваа турнеја?
Ние сакаме да настапуваме заедно на сцена бидејќи веќе неколку години сме блиски пријатели. Тоа е сè едноставно средено односно настапуваме само ние тројца правејќи го тоа што го можеме и тоа што го сакаме. Посебно за оваа турнеја Касин нема да настапи со нас но Бартоло ќе настапи наместо него без да се наруши триото, така што е повторно во стилот на +2. Ние сме пријатели кои свират и прават бучава со акустична гитара, MPC семплер, ритам машина и бас. Во секој случај ќе свириме материјал од Music Typewriter како и нешто од Sincerely Hot како и песни од бразилски музичари кои нам ни се допаѓаат.


По Music Typewriter Ве сметаат за еден од најинвентивните музичари на сегашната бразилска сцена. Каде ја гледате иднината на бразилската музика? Дали има некои имиња кои го привлекле Вашето внимание?

Јас воопшто не се сметам себе си за иноватор. Јас создавам музика на начин на кој можам. Современата технологија му помогна на секој кој сака да создава секаков вид музика па дури и тука во Бразил. Сега луѓето можат да мешаат стилови со голема леснотија или да го прават тоа што го правеле претходно но на полесен начин. Луѓето кои ми се допаѓаат се: Диего Медина, Биа Грабуа, MIM, Дави Моралес, Сју Жорж, Карн де Сегунда, Рубино Жакобина, Los Hermanos, Acabou la Tequila, The Dharma Lovers, Stereo Maracanã и многу други.

Каква е атмосферата во Бразил откако националниот фудбалскиот тим победи на Светското Првенство?

Луѓето сè уште зборуваат за тоа но самиот не сум голем љубител на фудбалот. Беше убаво да се види дека Роналдо се врати во форма после поразот во финалето во Франција и сите операции низ кои мина.

Какви се вашите планови за во иднина?
Сега се обидуваме да го објавиме изданието Domenico+2 надвор од Јапонија како и ремикс изданието на Music Typewriter кое исто така е објавено само таму. Тоа дури не е објавено ни во Бразил. После тоа ќе го присилиме Касин да посвети повеќе внимание на неговиот албум Kassin+2. Тоа ќе биде следното издание.

звучен запис

2018-08-21T17:21:47+00:00 октомври 1st, 2002|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 28|