Не свирам музика со умот, туку со срцето и душата

/, Звук, Блесок бр. 45/Не свирам музика со умот, туку со срцето и душата

Не свирам музика со умот, туку со срцето и душата

Интервју со Винисиуш Кантуарија, музичар и фудбалски фанатик

Најважно ми е да креирам добра музика, да свирам одново и одново со големи музичари какви што се Арто Линдзи, Руичи Сакамото, Бил Фризел, Марк Рибо … и да не ги изгубам врските со оние кои што сега доаѓаат. во тоа го наоѓам задоволството на професијата – вели во интервјуто за Блесок Винисиуш Кантуарија, еден од најзначајните бразилски музичари во последниве две децении и човекот кој се смета за жив мост меѓу генерацијата која ја започна тамошната музичка револуција наречена Тропикалија и новата генерација која израсна на рокенролот

#1 Винисиуш Кантуарија беше една од големите ѕвезди на реобновениот Белградски џез фестивал на кој настапија и џез великаните како Дејв Холанд, Ал Фостер, Дејв Либман, Ворлд саксафон квартет, Чарли Хантер, Душко Гојковиќ, Денис Баптис… Како претставник на она што критиката го забележа како пост-електронска акустика, Винисиуш и овој пат докажа зошто е уметник кој едноставно плени со својот настап. Интервјуто што следува е направено непосредно по неговиот концерт, но откако познатиот музичар најнапред ги погледна резултатите на фудбалските натпревари во родната земја – во Бразил.

Познат сте како музичар кој е наедно и голем фудбалски фанатик. Редовно ги следите резултатите на вашиот омилен клуб во Бразил, иако живеете во Њујорк и често патувате по светот. Како се случи наместо фудбалер да станете професионален музичар?
– Фудбалот и музиката се моите страсти. Јас живеам со нив. Впрочем, како и секој млад Бразилец. Дури, кога ќе се навратам во годините наназад, и не би можел да Ви кажам зошто се определив да бидам професионален музичар. Тоа беа некои тешки времиња за мене. Израснав во земја на големи контрасти, во земја со голема сиромаштија и малкумина претерано богати луѓе. Дефинитивно, како и моите добри пријатели, славните бразилски асови – Зико, Сократес… не им припаѓав на богатите, иако мојата фамилија и не беше меѓу најсиромашните. Знаете, и музичарите и фудбалерите се тесно поврзани со обичните луѓе. Тие ги анимираат масите. Ги воодушевуваат луѓето со својата умешност и имагинација. Единствената разлика помеѓу фудбалерите и музичарите во Бразил се парите. Тие заработуваат многу многу повеќе од нас. Но, тоа не значи дека забораваат на своето минато. Еве, Роналдо на пример, е директно инволвиран во многу проекти со кои им се помага на младите кои под свое ги зела улицата.

#2Какви беа Вашите почетоци како музичар? Кои ваши сонародници Ви беа инспирација?
– Уф, на мене имаат извршено влијание мнозина музичари од сите страни на светот. Од Бразил, пред сите беше легендарниот Антонио Карлос Жобим. Од него научив што е тоа музика. Незаборавни ми беа дружбите со Жобим и неговиот музички партнер Винисиуш Моралес. Со него имаме исто име, тој навистина ме сакаше и многупати ме штитеше од разни работи. Но, наедно, јас израснав со џезот и светската поп музика. Ги слушав Мајлс Дејвис, Чет Бејкер, Бил Еванс, Битлси… Овие луѓе ја создадоа мојата музика. Знаете, во мојата земја, во 1960-тите, радиостаниците имаа многу либерални програмски концепти: го вртеа Жобим, пет минути подоцна посегаа по Битлси или Стоунси, па потоа ќе емитуваа нешто од италијанската музичка сцена… и така со ред. Ете, таквиот спектар од музики и песни го определи мојот музички пат.

Вие сте автор и гитарист. Сепак, на почетокот од Вашата кариера, сте свиреле тапани.
– Токму така. Додека бев во бендот на Каетано Велосо, прво свирев тапани. Но, потоа почнав напоредно да свирам и гитара. И, бидејќи тогаш започнав да ги пишувам своите први авторски песни, разбирливо е што ја одбрав гитарата да ми биде основен инструмент. Така ми беше полесно да се изразам на сцена.

Каетано Велосо во Латинска Америка ужива еден вид статус на музички бог. Сте свиреле со него долго време, како Вие лично го доживувате?
– Мене навистина ми е тешко да зборувам за тоа. Ние сме големи пријатели. Заедно настапувавме десет години и дури потоа јас ја почнав мојата солистичка кариера. Дури можам да Ви кажам дека ние и ден денес работиме заедно. Затоа и не би можел да зборувам за тоа. Едноставно немам потребна дистанца за да имам некое заокружено мислење. Каетано ми е премногу близок и драг пријател. Можам само да кажам дека тој е извонреден уметник во светски размери. Еден од оние кои го одбележуваат времево во кое живееме.

Влијаеше ли тој на Вашата музичка визија, на она што Вие го потпишувате?
– Не. Музички нималку. Ме остави сам да си ја најдам својата музика. Неговото влијание беше повеќе во смисла на тоа да изградам сопствен став кон нештата, да си ја најдам својата песна.

Кој беше одлучувачкиот момент во Вашата кариера? Можеби одлуката да ја напуштите родната земја и да заминете во САД?
– Во 1994 година некако како да ми стана тесно во Бразил. Бев на почетокот од мојата солистичка кариера и имав потреба да свирам различни работи, да не се определувам меѓу тоа дали ќе свирам боса-нова или рокенрол. Тоа беше лошо време за бразилските музичарите да прават своја музика во родната земја. Во иста состојба беа и Каетано, Жилберто Жил, Шико Барж… И, одлучив да заминам во Њујорк. Тоа го сфатив како свој голем предизвик.

2018-08-21T17:21:30+00:00 ноември 1st, 2005|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 45|