Научни аспекти за потеклото на Х. Фон Карајан

/, Блесок бр. 04, Звук/Научни аспекти за потеклото на Х. Фон Карајан

Научни аспекти за потеклото на Х. Фон Карајан

Се присетувам, во 1980 год. на манифестацијата „ Струшка музичка есен“, младиот хрватски музиколог Здравко Блажевски приреди изненадување со својот реферат1F за Тереза Марија и Даниел фон Жефалович – композитори од македонско потекло на крајот од класиката се разбира во тогашната европска метропола Виена.
Искрено морам да признаам: за мене овој момент беше многу силен и побуди желба за расветлување на потеклото и на други веќе познати светски личности, пред сè: Потеклото на големиот австриски диригент Херберт Фон Карајан.
Јас, како гевгеличанец, се сеќавам на многу разгранетото семејството Карајанови, пред сè на Ванчо Карајанов2F – долгогодишен директор на комбинатот „Винојуг“; Кољо Карајанов – занаетчија (познато старо овчарско семејство кое од колено на колено го негува овчарството како примарен егзистенционален извор за физичко опстојување, а од друга страна многу битен елемент за овој научен труд3F; Илија Карајанов – професор по литература и познат поет; Перо Карајанов – мој професор по англиски јазик од гимназиските денови и др…
Карајанови живеат и во Скопје: Владо Карајанов инжинер во „Металски Завод Тито“ – Скопје; Петар Карајанов – политичар и др. Но според искажувањата на академик Властимир Николовски, Карајанови се среќаваат и во Загреб.
Фактите зборуваат. Жан Лопен во статијата Херберт Фон Карајан по повод неговата смрт, во весникот „Ле Монд“ од 22.07.1989 г. публикувана во „Музикални хоризонти“ бр.9 од 1989 г. – „Сојуз на музикалните дејци“, Софија, во превод од француски на бугарски јазик од страна на Ана Радославова вели: „Предците на
Херберт Фон Карајан по таткова линија се преселени од Македонија. Неговиот прадедо, кој се презивал Карајанис4F, емигрирал 1792 г. Во Саксонија и наскоро после тоа ја добива дворската титула. Таткото на Херберт е голем, познат хирург и страстен љубител на музиката – свирел на кларинет. Мајка му, Марта Космак, по потекло е Словакијка. Музичарот се раѓа на 5 април 1908 во Салзбург (Австрија), во татковината на Моцарт…“
Со сличен текст е и сведоштвото на академик Властимир Николовски за изјавата на познатиот ерменски композитор и диригент Арам Хачатуријан (1903-1978). За време на музичкиот фестивал „Георге Енесцу“ 1964 г. Во Букурешт, на академик Николовски му се обратил Хачатуријан со зборовите, „Вие знаете дека Карајан по потекло е Македонец… Не, не, тој дал изјава во весниците дека е Македонец“. Оваа изјава професор Властимир Николовски и писмено ја потврди на ден 26.02.1998 г.
А еве што изјавува Ванчо Карајанов од Гевгелија: „Во Гевгелија отпочнал процес на доселување од околните села, меѓу тие доселеници било и семејството на Карајанови. Војската на бегот ги прогонувала и убивала доселениците. Меѓутоа малото дете од Карајанови не го убиле затоа што трговците кои тргувале со Виена го однеле со нив, и во Виена го вработиле кај некој Македонец – фурнаџија. Момчакот, кога пораснал, се оженил и го задржал презимето Карајан… Тој е прадедо на Херберт Фон Карајан… Сето горе напишано го знам од моите родители и од мојот дело Гоно Карајанов…“
Писмената изјава е од 14 март 1997 г. Напишана и потпишана своерачно.
Многу интересна е и изјавата на професор Димитар Сагаев од Софија: „Без колебање може да потцртаме дека Карајан негува особен интерес кон славјанските композитори и воопшто кон славјанските народи… Карајан три пати го посетува бившиот Советски Сојуз: 1962 г. Со Виенската Филхармонија, 1964 со Симфонискиот оркестар на Ла Скала и 1969 со Берлинската Филхармонија.“
„Кај нас, во Бугарија гостуваше 1983 со Виенската Филхармонија, со невиден успех на Брамс, Чајковски, Хајдн и др. … Тој како диригент и режисер во Милано ја постави Борис Гудунов на руски јазик… И на 18 години кога го завршил конзерваториумот како блескав пијанист се појавува на дипломски испит со првиот концерт за пијано од Панчо Владигеров.
И кога кај нас често пристигнуваа големите композитори од Советскиот сојуз со сигурност зборуваа дека Карајан потекнува од Македонија… И тоа од Егејска Македонија. И кај нас многу се зборуваше дека Карајан има македонска жилка, и тоа со полно право…“
Изјавата е од 5 јануари 1997 и лично потпишана од професорот Димитар Сагаев.
Неспорно е. Големиот австриски диригент Херберт Фон Карајан е од македонско потекло. „Таа вистина на светот лично ја соопшти и самиот Карајан“, како што вели композиторот Арам Хачатуријан, „бидејќи шпекулациите за своето потекло ги чувствувал Карајан од страна на Србите, Грците, Бугарите, дека наводно е Србин, Грк или Бугарин“.
Големиот австриски диригент Херберт Фон Карајан за македонската генеза и култура е од исклучителна важност бидејќи таквите личности на нашата земја ѝ овозможуваат приближување кон европските музички метрополи најповеќе од едукационен аспект.
Но, од друга страна, светот преку таквите на некој начин „екстремни личности“, треба да се запознае со тешкиот живот на овие простори и причините да се напушти своето огниште и да се бара спас од некој друг народ и простор. Такви и уште пострашни егзодуси македонскиот народ доживеал многукратно.

20 Мај 1998, Скопје

#b

1. Рефератот е публикуван во Македонска музика бр. 3 од 1981 на стр. 43
2. Ванчо Карајанов како долгогодишен директор на комбинатот Винојуг, деловните врски со Австрија сакал да ги искористи и за средба со Карајан. Иако средбата била закажана околу седумдесеттите години, до неа не дошоло бидејќи Карајан итно морал да замине за Франција. Точно е. Од 1969 тој е музички советник на Оркестар д Пари. Лично Карајан со извинување и жалење му се обратил на Ванчо Карајанов, за неуспехот на средбата. Усна изјава на Ванчо Карајанов, а истата содржина ми ја соопшти и Илија Карајанов, професор по литература и поет.
3. Несомнено основната професија на селското население е земјоделството и сточарството. Доселените Карајанови и во Гевгелија продолжуваат да се занимаваат со сточарство. Кара на турски значи црно, односно Карајанови во превод би значело Црни Јановци.
4. Познато е. Во тој период (18 и 19 век) Македонија е под турско ропство а грчките шовинисти вршеле недозволени репресии, меѓу другото, и на фамилијарните имиња на Македонците им додавале разни суфикси и сл.

АвторТоме Манчев
2018-08-21T17:22:15+00:00 август 1st, 1998|Categories: Осврти, Блесок бр. 04, Звук|