Моите средби со Ник Кејв: Од Чапљина, преку Барселона до загрепски бар

/, Звук, Блесок бр. 98/Моите средби со Ник Кејв: Од Чапљина, преку Барселона до загрепски бар

Моите средби со Ник Кејв: Од Чапљина, преку Барселона до загрепски бар

Од графит до вечност

#1 Првата средба се случи во Чапљина. Неговото име беше испишано на ѕид од зграда. Немав поим кој е Ник Кејв. Бев дете, но името е запомнето. Остана врежано во мојата потсвест за да биде насока во иднина.

Jesus and Mary Chain, Лу Рид, The Cure, Clash, Иги Поп, Gang of Four… и тој Кејв, имиња се од фасади испишани со раката на добрите духови од моето детство. И сега, кога за тоа размислувам, фасцинантно е како толку мал град можел да има заебана екипа со префинет вкус. За нив сè уште кружат легенди. Јас во тоа време бев момчешки опседнат со рокабили музика и по малку со Брус Ли, ги сакав Елвис, сплитските Ѓаволи и белградските Идоли.

Подоцна ја пронајдов врската. За разлика од мноштвото кои главно ги спомнуваа Елвисовите почетоци, педесеттите и улогата во промоцијата на рокенролот, Ник Кејв истакнуваше дека него го фасцинирал последниот дел од кариерата на Кралот, пропаста во Лас Вегас, осаменоста на врвот од светот, без вистински пријатели, со сè послабите отчукувања на срцето и утехата во седативите. Во склад со тоа, на репертоарот од првите лондонски свирки, со новиот/стар бенд Cavemen, тој ја става песната In the Ghetto, еден од најголемите хитови од почетокот на крајот на Елвисовата кариера. И на неговиот живот.

Songs of Ship and Avalanche

Cavemen под тоа име постојат шест месеци. Во осумдесет и четвртата го објавуваат својот прв албум From Her to Eternity, официјално потпишан со Nick Cave featuring Bad Seeds, а In the Ghetto е осма песна на албумот. И сингл од истиот. Самиот албум го отвора помрачната верзија на и онака мрачната Коенова песна Avalanche, од албумот Songs of Love and Hate, од 1971 година.

Мојата втора средба со Кејв би можеле да ја означиме со кодното име Ship Song. Тоа беше дел од животот посветен на потрага и облици на туѓи тела кои во главата на патникот би можеле да воспостават мир и конечно завршување на потрагата. Наивно прекрасни мисли, сосема логични за одредени денови, и невозможни за некои подоцнежни. Беше тоа поетика на потрагата по невозможното, беа тоа гласови на терасата од големата куќа во предградието, додека свири Ship Song. И сите се вљубени во сите, неможностите се заборавени и неволјите избришани во тие пет минути од Кејвовото волшепство.

No More Shall We Part

Ship Song е снимена на албумот The Good Son, шести по ред со Bad Seeds. Бендот во меѓувреме го промени комплетниот состав, освен два члена кои Seeds со Кејв и ги формираа. Тоа се школскиот колега од Австралија, Мик Харви, соборец од самиот почеток и мулти-инструменталист, и неповторливото богатство од Берлин – Бликса Бергелд од Einstürzende Neubauten. Ниту едниот ниту другиот, за жал, денес веќе не свират со Кејв.

Албумот е снимен во Бразил, каде што бендот конечно се смирува после Лондон, Берлин и Њујорк. Кејв се симнува од дрогите, се жени и им се посветува на клавирските балади. Уште една класика на овој албум е Weeping Song, дует со Бликса. Песните кои го отвораат албумот, Foi Na Cruz и The Good Son, се инспирирани од традиционални песни; првата од протестантска химна, а втората од афро-американската Another Man Done Gone.

Никогаш не стигнав до Бразил. Сопрев во Никарагва. Панама ми е најјужната дестинација. Но мојот Бразил пред повеќе од една деценија ми се случи во Барселона. Патував таму со најдобрите пријатели. На ретки им се случува такво патување. Рута од Мостар до Барселона, и назад. Ако постои патување на животот, тоа би можело да биде тоа. Моите другари, моите другарки, беа како екипата од видеото за песната Fifteen Feet of Pure White Snow. Тоа лесно би можела да биде песна за нив. Не знам каде се сега. Но знам дека танцуваат добро како и овие во видеото. Вклучувајќи ги Џарвис Кокер и Џејсон Донован.

Grinding the Dreams

Барселона за нас беше магичен јужен свет на уметност и пробани револуции. Мириси од анархосиндикати и Гаудиеви бајки на секој чекор. Ла Рамбла како ултимативна променада од која само некако треба да се отстранат туристите, патот до пристаништето и некогашниот Кинески кварт. Паркови, о какви паркови. Отидов на тој пат испратен со песната As I Sat Sadly by Her Side и се вратив дома со подарок кој се викаше No More Shall We Part во сите свои облици.

Четвртата средба се случи во Загреб. Тоа беше концерт рекламиран како Ник Кејв Соло, но во истиот состав и со иста енергија набргу потоа ќе воскресне како Grinderman. Марко ме чекаше во блискиот бар, пиеше за парите кои би ги потрошил на картата и го слушаше Кејв на звучниците. Тоа беше најбледата од сите наши средби. Она од кое ги кроиш соништата тешко дека можеш да го доживееш во крв и месо. Барем кај мене е така. Но затоа Марко и јас ги напивме сите свои илузии таа ноќ. Никој не остана жеден. Додека преостанатите парички низ џебовите ни ѕвечкаа…

Превод: И. Исаковски

2018-08-21T17:22:00+00:00 ноември 2nd, 2000|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 98|