Македонска композиторска школа – да или не?

/, Блесок бр. 08, Звук/Македонска композиторска школа – да или не?

Македонска композиторска школа – да или не?

Во последната декада на дваесетитот век се навршуваат повеќе исклучително значајни годишнини во македонското професионално композиторско творештво: 100 години од печатењето на Литургијата по Јован Златоуст, капиталното дело на привот македонски композитор А. Бадев, 60 години од создавањето на бисерите на нашата хорска музика – првите три „Кумановки“ на Т. Прокопиев, 50 години од создавањето на гордото „Македонско оро“ за мешан хор од Т. Скаловски и пионерското симфониско Скерцо на Т. Карапанчиев, 40 години од првата македонска опера „Гоце“ и првата симфониска поема „Танчарка“ на К. Македонски, исто толку години од првите балети „Македонска повест“ на Г. Смокварски и „Лабин и Дојрана“ на Т. Прокопиев и од првата македонска инструментална концертантна творба за пијано и оркестар на Т. Прошев, 30 години од остросоцијалната, експресионистичката „По патиштата“ и монументалниот македонски музички еп „Сердарот“ на В. Николовски на стихови од Г. Прличев, и уште редица други помали и поголеми јубилеи. Во изминатиот период од создавањето на основоположничките дела во речиси сите жанрови па се до нашава современост, композитори од неколку генерации создадоа оригинално, жанровски и стилски разнородно, обемно творештво кое делумно веќе го положи, а делумно успешно го полага строгиот испит на времето пред домашното и светските музички општества. Настапува моментот, создадени се истите предуслови за аналитичко-теориско повлекување на цртата на етапното сумирање и оценка на едновековниот професионален македонски композиторски опус, сумирање што треба да даде одговори на повеќе суштински прашања:
– постојат ли елементи на заедништво во творештвата на македонските композитори од сите генерации?
– можно ли е групирање на индивидуалните опуси според еден или друг признак?
– колкав е степенот на заедништво во употребата на композициските изразни средства, од една страна, и степенот на посебност, издвоеност, од друга?
– каков е соодносот на традиционалното и новаторското во различните етапи на созревање на авторите?
– каков е односот на домашниот музички творец кон различните пластови на созревање на авторите?
– имаме ли композиторски школи?
– може ли да зборуваме за постоење на македонска композиторска школа?

Имајќи го предвид ставот на рускиот музиколог Михаил Михајлов чии капитални дела се имено од областа на музичкиот стил, и кој смета дека „секој уметник формиран во атмосферата на својата национална култура во конкретни историски услови од кои е условено неговото творештво, задолжително треба да се забележи во својата уметност (и соодветно на тоа во својот индивидуален стил) некои признаци на својата национална припадност“1F, одговорот на последното прашање е безусловно ДА. „Творештвото на кој било крупен уметник (композитор), доколку е органски поврзано со животот, идеите, интересите, барањата, со духовната атмосфера на својата земја и своето време, не може да не ја открие во една или друга форма својата национална припадност“2F, пишува Михајлов.
Расветлувањето на ова фундаментално прашање би било разоткривање на уште еден пласт на самобитноста на македонската музичка култура воопшто, пласт-атрибут на самобитноста на нацијата. Меѓутоа, по правило музичката наука терминолошки нејасности и сл. Дури и да го оставиме настрана природното, значително доцнење на теоријата во однос на практиката, предизвикано од нужноста од историска дистанца да се обопштат настаните и појавите – причини за ова има навистина многу.
Нивното набројување веројатно треба да започне со нееднозначноста на терминот „композиторска школа“, особено со терминот „национална композиторска школа“. Во општата музиколошка комуникација нивната употреба често е обременета со неусогласеност на поимот, кој секогаш бара ново дефинирање. Не впуштајќи се во наведување на шаренилото од толкувања, за кое е потребно многу поголем простор од еден реферат, ќе забележиме дека вообичаено, во основа, под композиторска школа се подразбира заедништво на идејно-естетски позиции на повеќе автори – следбеници на творечки, естетски, педагошки завети на виден мајстор (школи на Балакирев, Корсаков, Франк, Шенберг) на традиции на определен музичко културен центар (Манхајмска, Виенска, Петербуршка школа), на национални традиции (германска, руска, полска национална композиторска школа)3F. Овие нивоа на поимот се разликуваат и според бројот на обединетите композитори и дела, и според обемот на историското времетраење. Согласно на тоа, националната композиторска школа и количествено и временски е најсеопфатната категорија составена од школите на националните културни центри, кои пак, од своја страна се расчленуваат на школи на одделни автори.
Но, тоа се разбира, не значи дека влијанието на секоја крупна творечка личност автоматски стекнува форма на „школа“. Напротив, „таа возникнува пред се во услови на непосредна педагошка дејност, што, впрочем, не секогаш доведува до создавање на школа“4F, иако впечатливи индивидуални стилови се јавуваат како стожери на стилски правци.
Во македонската музика услови за појавување на композиторски школи од овој тип се создадени со отворањето на Високата музичка школа, денес Факултетот за музичка уметност во Скопје. Творечките личности, долгогодишната педагошка дејност и значителниот број на веќе афирмирани – некогашни студенти во класите на Властимир Николовски, Томислав Зографски и Тома Прошев, даваат целосна основа за препознавање на три различни композиторски школи: неофолклорната на Николовски, неокласичарската на Зографски, експриментаторската на Прошев. Творечките, естетските, педагошките завети на овие автори во помала или поголема мерка се вклучени во индивидуалните творештва на следните генерации македонски композитори школувани во нивните класи на ФМУ – Скопје: Благој Цанев, Томе Манчев, Димитрије Бужаровски, авторот на овие редови, Јана Андреевска, Мирослав Спасов… Влијанието на творештвото и естетските принципи на Николовски своевремено нашло одраз и кај постарите Михајло Николовски, Сотир Голабовски, Стојан Стојков, Стојче Тошевски особено кај Ристо Аврамовски – автори кои своето композиторско образование го стекнувале во класите по композиција на факултетите од некогашна Југославија, но почетните композиторски чекори ги правеле под будното око на искусниот педагог.
За жал, Скопје и понатаму останува единствениот музички културен центар во Македонија во кој е сконцентрирана севкупната македонска творечка и најголемиот дел од концертната дејност. Поаѓајќи од тоа „скопската композиторска школа“, како што порано во кулоарите на сојузните музички манифестации на бивша Југославија со едно име беа нарекувани македонските композитори, истовремено е и македноска композиторска школа.
Она по што таа беше препознавана меѓу останатие југословенски школи е врската со македонскиот фолклор, македонската професионална духовна музика, националната тематика. Тогаш зошто денес, во домашните музички кругови возникнуваат сомневања за постоењето на македонска композиторска школа, за националното во професионалното македонско творештво?
Одговори има повеќе, но основните се:
– затоа што македонското творештво денес не звучи доволно често, и не секогаш доволно кавалитетно (особено симфониското и сценското) за да биде оценето и усвоено од самите исполнители, и од музичката критика, и од широката културна јавност, и се разбира од публиката;
– затоа што партитурите на делата, дури и на оние што со својот квалитет одамна си обезбедиле место во македонската музичка ризница, се печатат инцидентно (во таа смисла СОКОМ годинава издадава шест зборници на музика за пијано – по речиси цела една деценија од последното печатење на партитури!);
– затоа што недостасуваат монографии и аналитички студии на професионалното музичко творештво од областа на стилистиката, кои би овозможиле статистичко сумирање на резултатите и на определен феномен, треба, пред се, тој да му биде познат на оној што го оценува.

Друг фактор што исто така го отежнува промовирањето на свеста за националната композиторска школа е распространетото мислење меѓу широките музички и општокултурни кругови, според кое исклучителен признак на националното начело во музиката е нејзината директна поврзаност со фолклорот.
Во врска со ова мислење веќе цитираниот М. Михајлов со право забележува дека, се разбира, основен и релативно лесно уочлив признак на националната композиторска школа е најзината врска со фолклорните извори. Несомнено, тоа е една од најсуштествените форми на изразување на националното начело во музиката. Но, таа не е константен, ниту единствен пресуден фактор при утврдувањетоо на припадноста на музичката појава кон определена национална култура. Отсуството на директна поврзаност со фолклорната традиција, во творештвото на големи композитори во минатото, често е неправилно толкувано како отсуство на националното начело во нивното творештво. За неправилноста и апсурдноста на таквиот став доволно сведочи музиката на Чајковски, на која Сатсов своевремено и го порекна националниот карактер, мислејќи при тоа на отсуството на селската традиција. Уште подрастичен е случајот со средниот и доцниот период од творештвото на Скрјабин, во кое врската со националната музика речиси и не може веднаш да забележи на „слух“ (иако тоа се разбира не значи и дека не постои!). Фактот што денес за никого не е спорно руското начело во музиката на овој великан на руската и на светската музка сведочи дека покрај фолклорните извори, втор суштествен, но често испуштан фактор на националната припадност во музиката е врската со националното професионално творештво5F.
Ова е посебно актуелно денес. Кога фолклорната практика се разлизира во ретки, замирачки културни резервати, кога контактите со неа се резултат на низа случајни среќни околности, кога едниствената можна комуникација со неа е преку посредници: песни во зборниците или во индивидуалните творештва на композиторите кои имале непосреден контакт со фолклорните извори. Во македонскта музичка литература, контактот со фолклорот преку посредник – дело од професионалното твреоштво – го наоѓаме, на пример, во цитирањето на народната песна „Димитрије вино пие“, во гудачкиот квартет на Михајло Николовски и Концертот за оркестар од авторот на овие редови за кои звучењето на оваа песна е нераздвојно со Кумановка III од Трајко Прокопиев – дело во кео песната за прв пат е цитирана. За таквата поврзаност красноречиво зборува фактот дека Квартетот од М. Николовски му е посветен на сеќавањето на Прокопиев.

#b

1. Михаилов М. Стил в музике. Ленинград 1981. С. 226
2. Ибид.
3. Види Михаилов М
4. Михаилов М. Стил в музике. Ленинград 1981. С. 215
5. Ибид с. 227

АвторГоце Коларовски
2018-08-21T17:22:10+00:00 април 1st, 1999|Categories: Осврти, Блесок бр. 08, Звук|