Лузери

Лузери

Во деновите пред и од изминатиот викенд се случија завршните удари на две манифестации, кои суштински се занимаваат со супкултурата, нека биде рокенролот, на новите генерации од нашево парче од Балканот. Речиси едновремено финишираа Андеграунд саунд фестивал и Лузер фест 02. Новопромовираниот Андеграунд… (зад него стојат истите ентузијасти што со години го туркаат Рок-фест) се обистинуваше во текот на изминатиов месец во единствениот скопски рокенрол клуб Лејди блу, со тенденција репризно да се пролонгира во текот на декември во Штип, а веќе заживеаниот (под пазувите на силниот Таксират и со бекграунд што може да го обезбедат промоторите како Литиум рикордс) Лузер фест 02, во редовниот термин – што претпоставува една недела пред почетокот на „големиот брат“, се обистини во Младинскиот културен центар во Скопје, единствениот поголем простор за рокенрол свирки во градов кој вака, безбели, повторно како да ги отвора вратите за „валканата музичка форма“.
На обата фестивала, продефилираа 30-ина бенда, а кога сè ќе се собере настапите ги следеа околу 4.000 посетители, што нималку не е бројка за потценување. Не особено, ако се знае дека клубот во центарот на градот речиси редовно беше исполнет како што прилега, а, од друга страна, пак, во МКЦ на рокенрол „шутка“ одамна (една-две години, значи од моментот кога со просторот почнаа да „експериментираат“ некои што сметаа дека треба да ја набркаат толпата „што може да ѝ го гнаси ликот на институцијата“) не се собрале толку многу (околу 1.500 продадени влезници) млади луѓе. Сè заедно, ако се има на ум дека анимирањето на присутната публика беше сторено единствено со неколку едноставни плакати залепени во центарот на Скопје и речиси ништо друго (овде реално не би требало да се сметаат бројаните минути на некои од локалниве радиостаници, при што зачудува изостанувањето на силна поткрепа од некогаш култното радио Канал 103, чија сфера на интересирање треба да биде токму андеграунд културата), ваквиот тек на настаните за неупатените може да биде изненадувачки.
Да се разбереме, никој умен, особено не од даденото супкултурно (читај: андеграунд) опкружување не го очекува нагласеното интересирање на електронските медиуми во земјава за ваквите случувања, та на тоа заборавија дури и многу поафирмираните како Архангел, Кисмет, Т.Б. Трачери…, но до толку да се немало слух за еден, сепак специфичен, творечки ангажман на генерациите, кои од поинаков агол ги гледаат работите и поразлично ја канализираат сопствената младешка енергија, е апсолутна глупост што се повторува постојано и упорно. Како да не се сака да се научи лекцијата дека: бунтот и поинаквата чувственост на новите генерации не заслужуваат внимание во условно широката медиумска понуда што би требало да биде реалност. Барем до моментот додека (претпоставуваме) под свое не ги земе разработената машинерија на востановениот дискографски бизнис, што во нашиве услови е мислена именка. Од таму, разбирливо е што „бучавата“ и поинаквите размисли (нека биде и акцентираната „социјалната лирика“), за жал, какви и да се, како по правило ќе останат тотално гетоизирани, едно пристојно време да ги греат само душите како што се гледа на не баш малото истомисленичко племе. И толку. Иако, рака на срце, дел од сето тоа веројатно ќе биде забележано на некој, за колекционерите извонредно вреден, звучен документ. Како во оваа пригода компилацијата Лузер фест 02, која од своја страна ги обедини Литиум рекордс и нескршливите од фанзинот, поточно МАГАЗИНОТ, Cor. Cordis. Арно ама, основната функција на ваквите носачи на звук – да бидат вртени не само од фановите туку, нели по некоја здрава логика, и од луѓето на кои креирањето на етерот би требало да им биде работна обврска, исчезнува во лавиринтите на незнаењето и немањето желба за нешто друго, поинакво од веќе многупати густираното. И, така кругот се затвара.
Е, сега кои се вистинските „лузери“ во целата ваква ситуација? Јасно е дека „отпадниците“, колку и да го имаат таквото чувство во грлото, сепак треба да се гордеат со стореното. Тие барем не дремат и сопствените пораки ги кажуваат јасно и гласно. Својата енергија ја насочиле да создадат нешто. Од нивната условена деструктивност треба да се чувствуваат загрозени само тие со заробени умови. А, токму тие и оние што си го дозволуваат „луксузот“ да не дофрлат преку плотот, кои не чувствуваат никаква потреба за авантура, се вистинските губитници.
За „чудо“, пак, условите во нашава мила Македонија никогаш не биле позрели за плодотворното канализирање на младешката енергија и стиховите, врисоците, кои се пресметуваат со реалноста, во која е погребана надежта. Онаа за која велат дека последна умира. И, тоа не само на генерацијата, која го вперува прстот во огледалото, туку и на неколкуте на кои им се чини дека презреале.
Затоа, не како парола, ами како сосема обична сугестија (која ако правилно се разбере претставува насушна потре6а) обидете се да ги чуете и понатаму да ги пренесете сировите дисторзични, несовршено силни пораки на: Siniac (победници на Лузер фест 02), СК 02, Dedicated for Life, С’клет, Jason, Карбуратори, Point Blank, Д.Н.С ЕКИПА, Скандал, Morwen, Мизерија, Епоха… На сите тие што токму сега им се случува животот.

2018-08-21T17:21:46+00:00 ноември 1st, 2002|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 29|