Лудиот Јапонец во земјата на искршени ритми

/, Звук, Блесок бр. 49/Лудиот Јапонец во земјата на искршени ритми

Лудиот Јапонец во земјата на искршени ритми

Дамо Сузуки во Македонија

Опкружен од дваесетина македонски музичари на два високооктански сета, едниот во културниот центар Мала станица и другиот во студиото Жлуст, некогашниот пејач на прогресивните Германци Кен и денешен белосветски патник, со леснотија докажа дека многу одамна легендарниот статус го трампил за со ништо неусловената слобода

#1 Минатонеделните настапи на Дамо Сузуки, некогашниот пејач на родоначалниците на краутрокот – прогресивните Германци Кен, во Скопје македонските медиуми речиси ги премолчеа. Што од незнаење, а што од пустата потреба да го маргинализираат сето она што не доаѓа од таборот на некој од овдешниве естрадни мафтачи. Нејсе, рака на срце, барем навидум, Јапонецот одамна е излезен од легендата за големиот бенд чија музика светот допрва ќе ја открива, а згора на тоа и самиот е во филмот на маргиналец, кој без покрив над главата преживува од милоста на оние што ќе се најдат парчосани од неговата енергија и импровизации. Но, тоа, пак, ни малку не подразбира дека Сузуки се откажал од сопственото јас. Тој денес фанатично живее за сопствените музички визии и потребата за комуникација со врутокот на енергии на музичарите од најразличните поднебја. Особено со оние што првпат ќе ја имаат шансата да го изградат звучниот ѕид зад него и да уживаат во чинот на таквата со ништо неусловена комуникација. Да ѝ се веселат на средбата и да излезат побогати за едно незаборавно искуство.
И, не само тие туку и свидетелите на суровиот процес на творење нова современа звучност. Музика што се случува само сега и никогаш повеќе.
Ете, како таков, со дисаѓите полни потреба за изгорување, тивок додека не потече брзакот од засилувачите, Дамо Сузуки стаса и во Македонија. Дојде да го задоволи гладот за нови познанства, да ја продолжи неговата долгогодишна мисија по балканските држави, да почине и да ги згрее старите коски пред да му ја здувне за Австралија. И, во двата дена, во предвечерието на Offest, не само што ги анимира овдешниве музичари што држат до сопствените потреби да излегуваат од кожата туку и ги натера несебично да изгорат во експериментот.
#2 Во културниот центар Мала станица, цели три часа без престан, зад неговата поднаведната сенка се менуваа Д-р Маслин (Оливер Јосифоски), Владан Дробицки, Гоце Наумов, Владош Рибски, Златко Трајковски-Хинки, One of us, White noise in a White Room… Се менуваа динамиката и атмосферата на испорачаните делови. Најпрво разулавен деформиран фанк, потем импровизирана музика, па дисторзии и бучава, која како навидум непремостлив ѕид се изѕидува за да биде урната во просторот, лимени тапани, хармоника што ве води во друга димензија… и конечно глас што завива и не престанува да блуе оган. Пораки силни и моќни. Размисли за нашево битисување на топкава, која со сите сили се трудиме да ја распарчиме. И, сето тоа се вклопува во неговата потреба во ниту еден сегмент да не заличи на она што било некогаш. Со неговиот матичен состав Кен или со кого било од патешествијата по светот.

Кој е Дамо Сузуки?

Долгогодишниот пејач на пионерите на краутрокот Кен, Дамо Сузуки, е роден на 16 јануари 1950 година во Јапонија. Под влијание на поезијата на Џек Керуак доцните 1960 години ги поминал на улиците од европските метрополи. Од Холгер Шукај и од Јаки Лиебезејт, основачите на составот, бил откриен на плочникот од една минхенска кафетерија во 1970 година. Со Кен почнал да настапува уште истата вечер, а со него како вокалист групата ги сними историските албуми: Soundtracks, Tago Mago, Ege Bamayasi и Future Days. Составот го напушти откако стана Јеховин сведок. Потем направи пауза од цела декада и на сцената се врати во 1986 година, кога го формира својот бенд, за денес да претпочита работа со различни музичари низ светот. И, се разбира, постојано е на пат.

„Искрено сум изненаден од она што се случуваше овде. Овие луѓе, врвни музичари и слободоумни суштества, се вистинско откритие за мене. Прекрасно се забавувавме“ – ќе рече облеан во пот по завршувањето на концертот виталниот Сузуки. И, без да трепне, повторно ќе си застане зад тезгето да ги продава дисковите и винилните плочи од неговите документирани настапи од Токио до Њујорк, надолу и нагоре на север. Изданија што тој ги објавува за сопствената етикета Network, а на кои друштво му прават не само мангите од Knitting Factory или старите пајташи како Михаел Кароли.
#3 И, следниот ден, сликата безмалку се повторува. Во преполното студио Жлуст, Дамо Сузуки крај себе ги има Оливие Самујан (виола), Џијан Емин (инструменти со дирки, разни сајзери, мелодион, хорна…), Иван Бејков (бас), Владимир Поп Христов (вокали и ефекти), Газменд Бериша (виолина), Гоце Стефковски (тапани) и Бојан Угриновски зад миксетата, за да ја документира средбата. А, на клупите и по подот од студиото, трагачите по звуковни возбуди што беа длабоко свесни за ексклузивниот момент од креирање чиста модерна музика, која не е можно да биде затворена во ниту една фиока.
Гостувањето на позитивно лудиот Јапонец во земјата на искршени ритми го сторија Нора или, ако сакате, Глува соба во соработка со Националната галерија на Македонија, мултимедијалниот центар Мала станица и Арт-кафе. Честитки за сите!

2018-08-21T17:21:24+00:00 август 6th, 2006|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 49|