Кога поетот спие со ангелите

/, Звук, Блесок бр. 56/Кога поетот спие со ангелите

Кога поетот спие со ангелите

Дејвид Силвијан во Скопје

На 13-ти октомври во не баш преполната, ладна и дотраена Универзална сала, имавме можност да гледаме уште едно големо име на светската современа музика. Овој пат, повторно со посредство на скопската „Авалон“ продукција, за првпат го гледавме кај нас познатиот David Sylvian, кој настапи во рамките на својата турнеја The World is Everything.

#1 Дејвид Силвијан во 2007 година е многу далеку од своите музички почетоци, од ерата на пост панкот и новиот романтизам. Од времето на неговите денови со Japan, неговата музика до денес помина низ многу уметнички промени, за кои многу музичари немаат доверба или талент да ги остварат.
Дејвид Силвијан својата музичка кариера ја започна како пејач, композитор и поет во некогаш популарната група Japan. Групата го имаше својот најголем успех во 1982 година со песната Ghosts, која стигна на третото место од топ листите во Велика Британија. Таа песна на некој начин упатуваше на правецот во кој ќе се движи Силвијановото уметничко творештво.
Подоцна Силвијан за оваа песна ќе каже дека со неа пробил некоја граница во себе, дека допрел нешто искрено. После создавањето на оваа песна тој чувствува обврска да го најде својот сопствен пат во музиката и, пронаоѓајќи ја својата боја на гласот, да следи некој внатрешен душевен повик.
Понатамошната музичка кариера на Силвијан во многу нешта ја обележува познатиот јапонски композитор Ryuchi Sakamoto. На почетокот на 1983 година, Сакамото го повикува Силвијан да ја напише и да ја изведе вокалната варијанта на многу познатата и наградувана филмска тема Merry Christmas Mr. Lawrence. Резултатот беше Forbidden Colours, неговиот прв интернационален хит. Од тогаш, Сакамото за него остана голем извор на вдахновение. Во 1984 г. Силвијан го прави своето ремек-дело Brilliant Trees. Беше тоа негов прв соло албум на кој гостуваа многубројни познати музичари: Sakamoto, Holger Czukay, експерименталните џез трубачи Joe Hassell и Kenny Wheeler, како и членовите на Japan, тапанарот Steve Jansen и клавијатуристот Richard Barbieri. Со овој албум стигна на четвртото место на британската албумска топ листа.
Понатамошната Силвијанова уметничка работа вклучува и различни експериментирања со визуелните уметности. Многу специфични, јаки и интересни моменти Силвијан проживува во текот на работата на албумот Gone to Earth на кој тој има нови соработници. Еден од најважните е Robert Fripp, член и водач на легендарните King Crimson, а тука е и Bill Nelson. Албумот е издаден во 1985 година, а на него се наоѓаат седум вокални и десет инструментални композиции. За овој албум Силвијан добива извонредни критики. И следуваат успеси, сè до денешен ден, да не ги набројувам сите.

#2 Во рамките на својата светска турнеја The World is everything во Скопје настапи со тапанарот од неговата поранешна група Japan, Steve Jansen, со Keith Lowe на бас и Takuma Watanabe на клавијатури. Уште со првите акорди на својата гитара тој се претстави како загадочен уметник. Без покажување емоции, седнат на високото столче, без да се помести од него, ги отсвири двата часа од својот концерт. Се претстави со своите најнови дела, но ги пееше и своите постари песни, како и оние од периодот на Japan. Неговата музика беше мелодична, опсесивна и занесна. Како да ги земал во своите прегратки својата поезија и придобивките од светската музика, тој запеа со својот препознатлив глас, со препознатливиот атмосферичен вокал, кој многумина го ценат. Кога поетот спие со ангелите, музиката ве понесува во некои повисоки сфери на мечтаењата. Токму такви беа песните на Дејвид Силвијан: грижливо правени, со извонредна смеса на акустични инструменти и електроника. Силвијан не комуницираше со публиката, освен преку својата музика. Публиката, пак, внимателно го следеше настапот, а реагираше со бурни аплаузи на темите кои ги препознаваше. Озвучувањето беше солидно, со вообичаеното сценско осветлување што го гледаме на повеќето концерти кај нас. Во позадината, на големото платно од видео бимот како дел од музиката, одеа сцени од неговата визуелна уметност.
За крај на неговиот скопски концерт, на бис отпеа уште две песни и замина, оставајќи ја публиката задоволна.

АвторАнгел Ситновски – Бојс
2018-08-21T17:21:16+00:00 октомври 17th, 2007|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 56|